Висината на тонот на просечното цмиздрење/цимолење/кенкање е „си“ над средното „до“, ама исвиренo не на пијано, туку на обоа расштимана за половина степен.
Со еден збор - ужасен звук кој главно го испуштаат главно деца на возраст помеѓу 2 и 4 години, но кој, како што знаат повеќето родители, може да продолжи и до тинејџерски години. „Сирената“ (како што некои семејства ја викаат по дома), во зависност од степенот на строгост на родителот или личната самоконтрола на детето, може повремено да се замени со тивко шмркање, тешко дишење проследено со длабоко подголтнување или со цмиздрење во себе. Додуша последново е повеќе за возрасни.
Во нова книга на Дан Коис, „Како да се биде семејство: годината кога ги влечкав моите деца низ светот во потрага по нов начин да се биде заедно“, тој го опишува универзалниот феномен на детското цмиздрење, кое до моментот кога не тргнал на пат околу светот мислел дека е карактеристичен само за неговите американски деца, на возраст од 9 и 11 години.
По цела година патувања, авторот може „учено“ да заклучи - цмиздрењето е дел од семејните преговори (освен во култури каде нема простор за нив) и во Нов Зеланд, и на Коста Рика и во Холандија. На сите тие места децата ја активираат „свирката“ не кога најмалку очекуваме, туку кога тоа најмногу го очекуваме - во главата на секој родител има стоперица која одбројува до моментот кога нашето дете, изнервирано од нешто што статистички знаеме дека му е стандарден „тригер“, ја отвара устата, зема воздух и го испушта она „уааааа!“. Често како што почнало, цмиздрењето магично престанува.
И ние би сакале така да се излуфтираме ама не ни едозволено. „Цмиздриме“ на други начини - во преписки со пријатели, загледани во мракот пред спиење, понекогаш проследено дури и со тивко м’мкање. Ама ова нашево нема баш кој да го слушне, како она „каков звук испушта дрво што паѓа во шума?“.
Цмиздрењето некогаш е спонтана телесна реакција на надворешен поттик и не е намерно. Но втренчениот поглед поглед со кој се проследени ваквите напади кај децата како да ни вели дека многу почесто станува збор за искалкулирана манипулација, очекување на нешто во замена за тишина. Тие како да ги знаат резултатите од истражување од 2010, кое покажало дека не само што човек не може да отрпне на овој звук туку дека вниманието несвесно се фокусира на звукот проследено со реакција дури и на кожата, како при други емоционални возбуди. Истите истражувачи во друга студија увиделе дека цмиздрењето има поголем ефект дури и од звук на асли детско плачење кое им било пуштано на луѓе кои требало да решат едноставни математички проблеми.
Накратко, според авторот на спомнатата книга, цмиздрењето е „звук на ноктите на ѓаволот врз таблата на пеколот“. За среќа вистинскиот субјект на кого му е упатено цмиздрењето најчесто е длабоката неправичност на универзумот - фактот дека не можеме да имаме сè што ќе посакаме, или сите да се однесуваат согласно нашите желби. Можеби цмиздрењето е всушност ултимативниот чин на оптимизам - дека некои неправди сепак можат да се исправат. Само ако доволно долго викаш.