Дејв почнал да се интересира за отварање нешта кои не би требало да бидат отворени на возраст од 15 години. Сосетка си ги загубила клучевите од колата и повикала бравар да ѝ ја отвори. Дејвид го следел процесот и се фасцинирал. Почнал да работи како чирак во дуќанот на човекот. Научил како да отвора сефови и со, но и без алат, само со слушање и трпение. Вели дека понекогаш тоа е како да паѓаш во транс, од кој се будиш откако сефот ќе се отвори, сфаќајќи дека поминале не десет минути туку три часа. Самиот „клик“ го споредува со сексуално задоволство.
Денес Дејв живее во Портланд со семејството и е уредник на списание под наслов „Меѓународен отварач на сефови“, истовремено нудејќи часови на темата. На својот сајт дава детални упатства кога да му се обратите за помош - само ако она што сакате да го отворите е доволно комплицирано за да можете да го платите неговото време. Ако не, тој ќе ве упати на локален колега.
Целото негово досегашно искуство, сосе бројните анегдоти, е содржано во книгата „Сејфкрекер: хроника на професија која е најкул на светот“, која тој ја издаде во јули оваа година. Некои од приказните делуваат како измислени, како кога бил отворен сеф за оружје а внатре било најдено мртво тело. Или кога требало да отвори кутија во Бенк оф Америка, за човекот кој следниот ден требало да се жени да може да си ги земе свадбените прстени. Или кога некоја муштерика самата се затворила во сопствениот сеф. Имало и заклучени сефови кои луѓето ги купиле на аукција, повеќето од нив празни, иако еден бил полн со скапоцен накит.
Тој постојано добива мејлови и СМС-и - поради нарушениот слух тоа е начинот на кој комуницира. Еден од нив бил прилично таинствен. Но следеле уште неколку, од компании кои работат со сефови, со замолница да им одговори во врска со случајот. Колегите му рекле дека можеби се однесува на отварање на сеф на славна личност која неодамна починала.
И биле во право. Сефот бил на Принс, кој ненадејно почина во 2016, без да ја остави комбинацијата на својот сеф. Притоа, не се мисли на мала кутија со лични документи и скапоцености, туку за модел наречен Мозлер Американ сенчри, кој тежи скоро три тона, висок е 2 метри и широк повеќе од 1 метар. Дејв го нарекува „чудовиште“ какво никогаш не видел во домашни услови. И не била впечатлива само величината, туку и сите безбедносни механизми вградени во него, меѓу кои и „стапица за глувци“, направа која се активира ако се почувствува дека некој што не ја знае шифрата нешто чепка во сефот. Тогаш се спушта метален блок кој ја блокира вратата, па потоа дури и оној кој ја има шифрата не може да го отвори.
Во нова епизода на подкастот This American Life, Дејв детално објаснува како пристапил кон отворањето, со опрема како за хируршка интервенција. Притоа ја опишува тажната атмосфера во домот на славниот музичар, виолетовите троседи и големите портрети на Принс низ куќата. Во принцип, тој сака да работи сам, за да си ги смири нервите, но пред сефот на Принс имало еден куп луѓе. Сите со часови го набљудувале како работи, обидувајќи се да го открие најдобриот начин а потоа да издупчи микронско каналче за да може да ја види бравата (а со тоа и комбинацијата) од внатре. Ѕиркањето го направил со ендоскоп она истото што се користи при колоноскопија, како мал перископ. Кога се слушнал победничкиот „клик“, сите почнале да ракоплескаат.
Вообичаено тој не ѕирка во сефот откако ќе го отвори - подобро е да не знае што има во него. Но овој пат не издржал. Како што подоцна се дозна, тој бил преполн со ленти, неиздаден музички материјал. А освен полици имало и маса и столче, со прастар модел на компјутер, кој служел исклучиво за пребарување на архивата. На компјутерот имало и ливче со инструкции за ракување со компјутерот под име г-дин Волт Гај.
Денес, запрашан за тоа дали се чувствува заслужен што сега овие материјали ќе ја видат светлината на денот, Дејв скромно одговара - „не, да не бев јас ќе беше некој друг“.