29-годишниот британски авантурист, ГеоВизард, ги добил првите следбеници на Јутјуб поради својата вештина да ја игра популарната онлајн игра GeoGuessr. Неговиот канал, кој е опишан како „дом на немирни авантури“, има 74 милиони прегледи.
Дејвис е веројатно најпознат по својата серија „Мисија преку“, хроника на неговите обиди да помине низ цели земји по права линија. Ја бира рутата, ја качува на Џи-пи-ес и тргнува на пат. Успехот на мисијата е одреден од точноста со која тој следи линеарна рута, а има развиено и систем на степенување. Мисијата во која нема отстапување од повеќе од 25 метри е „платинеста“, помалку од 50 метри е „златна“.
Неговите два обида да го мине Велс беа неуспешни, но Дејвис неодамна направи платиниумска мисија низ Норвешка, што не е воопшто лесно со оглед на големиот број планини и фјордови.
Дејвис се соочил со сè, од бодликава жица, непријателски настроени фармери, карпи и пештери. Најтешкиот моменет до сега бил кога заглавил среде мочуриште, полека тонејќи додека се обидувал да се движи. Затоа одлучил следниот проект да биде со пријател, со кого ќе одат преку Шкотска.
Во интервју за Атлас Опскура тој објаснува дека со вакви мини-мисии почнал уште кога имал 13 години, без никаква опрема. Тој и неговиот полубрат знаеле да заглават и потоа да му се јават на таткото да ги собере од некој град oддалечен дури 24 километри.
Според него најголемиот предизвик на одење во права линија е постојаното проверување на Џи-пи-есот за евентуални застранувања, што е многу тешко особено во густа шума или во средина каде има интензивни работи на полиња и ниви. Токму и селаните биле најголем проблем до сега - особено во Велс тие биле многу агресивни и не можеле да сфатат што прави човек на точак или пешки со апаратче во рака прекачувајќи се преку нивниот ѕид кога во близина си има убав пат. Само што тој, ете, не е прав.