Рендал Манро до 2005. имал сосема вообичаена и интелектуално нестимулирачка професија, физичар во НАСА, кога сфатил дека секој ден посветен на компајлирање кодови и поправање туѓи грешки на интернет е загубен ден за другите, позабавни животни предизвици, како летање змејови, слушање Ванила Ајс и смислување нумеричко креативни сексуални пози (за почеток препорачуваме 8). Најпрвин ги искенирал чкртаниците од неговите школски тетратки и тефтери, па отворил сајт, па по невообичаено големиот одзив почнал да прави и маици со теми од стрипот, кого сосема прецизно го опишал како „веб-стрип за љубов, сарказам, математика и јазик". На крај, по барање на бројните читатели, објавил и книга, и тоа под етикетата на Breadpig, непрофитна организација, која издава книги под лиценцата на Creative Commons.
За оние како мене неписмени за природни науки xkcd е можеби задоцнета, но сепак корисна алтернативна школа во овие области – гледаш како некој откачува од смеење на некоја бизарна формула, па завидлив на неговата осамена забава го давиш да ти ја објасни финтата. Така ем тој се чувствува општествено корисен, ем аголниот момент ви е на број. Не дека ви треба искуство со програмирање во Фортран за да го препознаете очајот од целодневното седење пред компјутер и кликањето „освежи" без повратна пријатна дразба, во вид на нова порака во инбокс или ФБ коментар, додека во исто време фикусот ви се суши, а домашните пекаат за леб. Манро е саркастичен кон технологијата, науката и ограничувањата на јазикот, но и тажен во врска со тоа како тие влијаат врз меѓучовечките односи. Отсликувајќи го глобалниот zeitgeist, кој воопшто не е весел, тој кисело се потсмева на она што полека станува од нас, истовремено предупредувајќи нè, да баталиме тоа компјутерите и да излеземе на пиво, дур уште имаме со кого.
Пораката ја имаат сфатено голем број негови обожаватели, кои стриповите ги претвораат и во применети проекти. Во еден од нив читател направил апликација која, исто како и во еден од стриповите на Манро, ви го чита коментарот кој тукушто сте го постирале на Јутјуб, за така да се уверите колку сте злобни и глупави. Но врвот се случил како реакција на еден од стриповите на Манро во кој „главниот лик" (едно од стапчињата) раскажува за сон во кој некоја девојка пред да исчезне му шепнува координати на место и време каде би можеле повторно да се сретнат на јаве. Разочаран од фактот што тој бил на местото во одреденото време, но таму немало никого тој заклучува: „сакањето нешто да се случи не го прави тоа реално". Читателите го провалиле „кодот", па точно на 23. септември 2007 во еден парк во Кембриџ, Масачусетс, се собрала толпа народ за на Манро да му го докаже спротивното – ако навистина сакаш да се случи, ќе бидне. Книгата им е посветена токму ним, на „сите тие лудаци кои се појавија во малиот парк во Кембриџ тоа неделно попладне".
Името на стрипот не е акроним, и авторот не му придава никакво значење, освен што го одбрал за да биде фонетски неизговорливо. Сепак, гиковите не би биле живи да не му најдат и на ова некоја „квака", па во зборот од редните броеви на буквите во англиската азбука да го препознаат бројот 42 – одговорот на „животот, универзумот и сето друго" на Даглас Адамс. Навистина беше тешко да се направи избор од најдоброто од xkcd, од сајтот и од книгата, но еве неколку мои омилени парчиња. Ако некои од нив не ги разберете, протресете го оној кој спие до вас и во сон ги решава алгоритмите на Белман и Форд. Сигурно ќе му биде мило да ви помогне..
Важна илустрација:
Рекламата Boom-de-Yada на Discovery Channel
Верзијата според стрипот на Манро
Среќен роденден, Драган!