Но има и такви кои не чекаат пролет за да возат точак низ град, кои тоа го прават и по дожд, ветер и снег, не затоа што така мораат, туку затоа што така сакаат. За нив возењето велосипед е начин на живот, миг на слобода, тие се слаба но жилава алка во синџирот на суровата градска еволуција - ќелија на отпорот водена од еден толку силен велосипедски и личен драјв што ниту една раскопана улица и ниту една окупирана велосипедска патека не може да ја демотивира.
Овие луѓе не само што имаат поинакво физичко доживување на градот (пејсаж кој не е врамен од стаклото на шофершајбната, мирис на асфалт кој испарува, градски звуци кои ги впивате повеќе отколку кога сте во кола), туку имаат и сосема поинакво „духовно" доживување во споредба со пешаците или со оние на четири тркала. Најдобар доказ против тврдењата на позитивистите, за постоење на една единствена објективна реалност, е токму градот, и токму Скопје. Оној кој легнува во десет и станува за на работа во седум има сосема поинакви практични и естетски допири со градот од некој што лумпува цела ноќ и потоа станува во три попладне. Ако сте млад родител во Скопје веројатно сте почнале да го мразите вашиот град бидејќи сте сфатиле дека не само што во него нема тротоари, туку како да нема и други родители, кои со својот џип го пресекуваат патот на вашето дете. Ако живеете во Влае за вас изразот „одам во град" веројатно има поинакво значење отколку за некој кој живее на Рекорд. Има мноштво паралелни светови во урбаниот матрикс, низ кој патот секојдневно си го пробива ентузијастичниот (и помалку гневен) велосипедист.
Пред одржувањето на првиот концерт на Дејвид Брн во Скопје (патем едно од моите најубави концертни доживувања), медиумите предупредија на можна средба со него на скопските улици, бидејќи човекот имал обичај насекаде да си носи точак на расклопување, и со него да шпарта низ градот каде одржува концерт. Тогаш ми звучеше ко некоја снобовска финта - демек ете, тој сака да ги „запознае" неговите домаќини, да се прикаже како обичен и кул, еколошки свесен и интелектуално ангажиран. Но откако ги прочитав неговите „Велосипедски дневници" сфатив дека ептен сум ја утнала. Да, тој навистина вози велосипед каде што ќе стигне, е крајно љубопитен, аналитичен и - сосема нормален.
Патеписите во книгата се однесуваат на неколку светски градови (Њујорк, Синдеј, Истанбул, Манила, Берлин..) во кои Брн престојувал по различни поводи, но многу повеќе од некаква информативна брошура за условите за возење велосипед во нив или за градските знаменитости тоа се прекрасни хроники за атмосферата, ритмите, луѓето, но и географијата, историјата и политиката поврзани со одделните градови, за кои тој очигледно има големо познавање. Да не бил музичар и концептуален уметник Брн секако требало да биде антрополог - тој анализира и опишува, но никогаш не суди. Методолошки прецизен, одлично организиран, вешт во водењето „теренски белешки", тој може да им држи часови на голем број истражувачи од општествените дисциплини кои низ истите овие места веројатно би поминале со очи полузатворени.
Очите на Брн и физички му се некако ококорени - ако карактерот навистина се познава на нашата физиономија, оваа детска отвореност кон нови искуства веројатно би била неговата најважна особина. Иако во македонскиот јазик е тешко да се направи разликата меѓу „to watch" и „to see" (обично гледање наспроти задлабочено „видување", согледување), токму таа ја прави суштинската разлика меѓу туристот и љубопитниот патник. Првиот гледа, другиот истовремено чувствува и мисли.
Како некаков нежен манифест, „Велосипедистички дневници" е и повик до сите градски власти за похуман третман на велосипедистите и прилагодување на инфраструктурата кон нивните потреби - на крајот од книгата тој дури нуди и нацрти за држачи за точаци. Се придружуваме кон неговите апели, не само кога се во прашање велосипедите, туку и ролерите, тротинетите, бебешките колички, инвалидските штаки, женските штикли и сомотските кондури.
За жал во книгата нема патепис од Скопје, но сигурна сум дека во текот на неговиот престој Брн водел некакви белешки (неговиот блог на кој често пишува е http://journal.davidbyrne.com/). Да го поканиме во 2014 па нека спореди. Затоа што напредокот на еден град не се мери по бројот на новоградбите, туку по тоа дали неговите жители со време станале подобри луѓе.
Нема ништо поубаво од возење на патеката на кеј на зајдисонце, со пријател кој иако има пофенси точак од вас се согласува да вози бавно покрај вас, ќутејќи.
Го сакам тоа Скопје.
Илина, Букбокс