Букбокс читанка

„ТРИ ДИЈАЛОГА ЗА ПОЗНАНИЕТО“ од Пол Фајерабенд

Во филмот кој го нарекуваат комедија, „Четири лава" на Кристофер Морис, група британски муслимани решаваат да станат бомбаши-самоубијци.

Идеолошки непотковани, збунети, и скроз уплашени, тие развиваат крајно апсурдни методи за остварување на нивниот болдриковски „лукав план": снимат заканувачки видеа во кои рапуваат (I'm a mujahideen/and I'm making a scene..), купуваат десетици шишиња хидроген за бомби во локалната пиљара, а потоа бомбите ги тестираат на недолжна чавка. Но една од нивните најоригинални идеи е следната - најпрвин да кренат во воздух локална џамија, за да го подгреат антизападното и антисемитското расположение, и со тоа да придобијат уште повеќе следбеници. Тоа е исто како среде муабет самите да си удирате тупаници в лице, за да добиете сила во аргументацијата. Поентата наводно е: ќе ве боли, но ќе ве направи уште погневни, и поподготвени за борба. Па да пробаме..

Во момент кога Универзитетот Св. Кирил и Методиј е нападнат од сите можни орадија - обвинувања за непотизам, корупција, елитизам и други општествено девијантни појави - наместо да го браниме (стратегија која очигледно не се покажува многу корисна) решивме, исто како четирите херојски ликови од филмот, работата да ја тераме во сосема нов, неочекуван правец за неговите внатрешни и надворешни непријатели. Со еден збор - да ги збуниме. Значи, не само што професорите се мрзливи, самобендисани и преплатени, дури и да се крајно трудољубиви, понизни и економски умерени, џабе им е. Ниту она што тие го предаваат е знаење, ниту пак она со што се занимаваат е „вистинска" наука. Кој вели така? Па, Пол Фајерабенд.

„Лошо дете" на филозофијата на науката, епистемолошки анархист, овој циничен Австриец кој долго предавал филозофија на Беркли нема милост кон „рационалистичките" обиди за етаблирање на науката и нејзините методи како единствено релевантно, „објективно" толкување на светот. Научниот напредок, според него, се остварува само доколку теориите не се конструираат така за да повладуваат на веќе познатите, стабилни факти, ами напротив, така за да им се спротивставуваат со сета нивна жестина, доведувајќи ги во прашање, преиспитувајќи ги, критикувајќи ги. Ниту едно големо научно откритие во историјата на науката не следело однапред поставена, рационална шема, туку било работа на дарба, провидение, интуиција - елементи кои вообичено или се маргинализираат, или сосема се отфрлаат кога е во прашање истражувачката практика.

Одземајќи ѝ го овој човечки, субјективен аспект на науката, самите научници од неа создаваат еден нехуман, чудовишен апарат, кој ги претвора колегите научници и професори, студентите, но и сите истражувани 'субјекти', во несреќни, непријателски настроени механизми, без карактер, шарм и хумор. „Дали е можно мојата активност на објективен набљудувач на природата да ми ја слабее човештината?" - Фајерабенд го цитира Кјергекор, надоврзувајќи се - „одговорот на ова прашање е потврден, верувам дека е итно потребна реформа на науките, која ќе ги направи поанархистички и посубјективни" (Против методот, 1975).

Со оглед на ваквата природа на научното знаење, науката не заслужува повластен социјален статус - научните гледишта не извираат од некаков универзален метод, кој гарантира висококвалитетни, несоборливи заклучоци, па оттаму ставањето на научните тврдења над тврдењата на (на пример) религијата е крајно неосновано. Митот и религијата често се и самите извор на инспирација на научните откритија. Оттаму, науката треба да биде одделена од државата, на истиот начин како што во модерното секуларно општество државата е одделена од религијата. Во едно замислено, слободно општество, сите традиции се рамноправни и имаат еднаков пристап до центрите на моќ, а не се самите по себе ексклузивен извор на таква моќ. (Наука во едно слободно општество, 1978)

Фајерабенд почина во 1994 и со тоа згасна еден од ретките разумни (да, разумни!) антирационалистички гласови во филозофијата. Одликуван со Железен крст во Втората светска војна, но и со три куршуми во р'бетот кои ги добил при повлекувањето на германската армија под налетот на Црвената армија, тој целиот живот го поминал во мрчење и потпирање врз бастумчето. Неговата втобиографија, објавена постхумно, е насловена Killing Time (Губење време). Некој кој е толку автоироничен не може а да не биде прогласен за наш интелектуален херој!

На крај - иако Фајерабенд е против универзалниот научен метод, едно ќе мора да ни признае. Ова со тупанициве не да помагааа... 

12 ноември 2010 - 00:00