Тарикат, муршид, марифет, нефес, таџ, изин...Помалку познати термини поврзани со езотеричната гранка на исламот, наречен суфизам, поконкретно со бекташкиот дервишки ред. Еден од најдобрите познавачи на неговата историја и современа состојба на наше тло е Виктор Трајановски, доктор по етнолошки и антрополошки науки, кој до сега има објавено два труда на оваа тема - за бекташите од село Канатларци, прилепско (е-книга бесплатно достапна тука), и за дервишкиот ред халвети-хајати во Охрид (преведена и на турски јазик, бесплатно достапна тука). Истовремено, автор е и на краткиот документарен филм за дервишкиот обред „зикр“ (оној кога дервишите паѓаат во транс и се бодат со остри предмети), снимен во Шуто Оризари, Скопје (целиот може да се погледне тука).
Изданието „Скопскиот дервиш“ ја збогатува литературата на оваа тема на најмалку два начина - со тоа што прави исчекор од ограничениот академски круг и ја промовира истата за пошироката публика; со тоа што користејќи го стрипот како жанр овозможува и нејзина визуелизација, индиректно придонесувајќи и за збогатувањето на македонската стрип култура.
Постоењето на исламските дервишки редови е дел од живописниот религиски пејзаж, особено на Скопје, каде постоеле повеќе тн. „тарикати“ или учења: кадири, рифаи, шазили, халвети, садии, мелами, бекташи. Нивното влијание се ширело од суфиските центри или теќиња, а во нив се живеело и се работело според принципите и доктрината на старешината на редот, со утврдени правила и дервишки обреди. Во Скопје имало две бекташки теќиња, наречени по Мустафа-Баба и Сулејман-баба, кои за жал денес не постојат.
Стрипот „Скопскиот дервиш“ оттаму е истовремено спомен на бекташките учители од минатото, но и на се уште живото бекташтво, кое и денес во голема мера е езотерично и затскриено, но не и недостапно за оние кои сакаат да се запознаат со него.
Стрипот има 7 поглавја: Суфизам, Хаџи-Бекташ (основачот на редот), Медениот султан (Бал’м, султанот во чие време, 16 век, бекташтвото доживеало процут), Румелија (ширењето на бекташтвото во Македонија), Изворот, Сонот и Дервиш. Низ дијалошка форма, разговор помеѓу дедо и внук, прикажани се најрелевантните историски настани, личности и концепти, ставени и во локален контекст. Така на пример дознаваме дека теќето Х’д’р-баба во Македонски Брод се смета за најстаро бекташко светилиште во Македонија, а датира од 16 век. Од исто време се претпоставува дека потекнуваат и теќето Дикмен-баба во Канатларци и Харабати-баба во Тетово.
Но многу повеќе од некакви објекти и начин на облекување, суштината на бекташтвото е во моралните вредности. Кога се внесува нов член во редот, околку половината му се става волнено јаже кое го заврзува бабата, на три места, со три јазли. Тие, меѓу другото, ја симболизираат контролата која секој верник треба да ја има над три делови од своето тело: рацете, јазикот и „појасот (интимните делови). „Со јазикот немој да кажуваш лаги, да клеветиш, озборуваш; со рацете немој да правиш лоши дела, да крадеш, а со појасот немој да вршиш прељуба“, вели стариот дервиш во стрипот.
Илустрациите на Владимир Трајановски, брат на Виктор, одлично ја пренесуваат пораката, без да бидат претенциозни и наметливи самите по себе. Забележливо е посветеното внимание на деталите, во доловувањето на архитектурата, облеката и реконструкцијата на историските сцени. Палетата на бои е смирена, пастелна, што асоцира на сончев и бистар ден, во кој авторите нè водат на прошетка низ овој дел од нашето наследство, кое на овој начин станува малку поблиско и помалку оптеретено со незнаење и предрасуди.
Издавач на стрипот е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија (ЦЕИПА). Книгата може да се купи тука по промотивна цена од 180 денари.
Илина, Букбокс