Во ова издание на Букбокс гостин ни е Новица Наков, економист, член на македонската заедница за слободен софтвер, кој сакаше да биде претставен на следниов начин: „живее во Скопје, а кога не оди на работа чита книги прави домашно пиво". За книгите се разбравме, остана уште само пивото...
Следи осврт и краток извадок од „Милијардата на дното", книгата која тој ја одбра за оваа прилика.
На(д) дното
пишува: Новица Наков
Летово имав неколку лектири. Една од нив е „Милијардата на дното" на професорот од Оксфорд Пол Колиер, за која The Economist вели дека сигурно ќе стане класика. Во една реченица (како во поднасловот) книгата објаснува зошто сиромашните држави не успеаваат, и што може да се направи во врска со тоа. Пол Колиер, со својот тим на соработници, идентификувал четири стапици во кои паѓаат овие земји – пред сè од Африка и Југоисточна Азија, во кои живеат околу една милијарда луѓе – ги анализирал, барал решенија и објаснувал зошто сето тоа е важно за Г8 – кантри клубот на развиените земји.
Брзите лекции што може да се научат од книгава се дека поделбата на развиени земји и земји во развој е анахрона (но, за ова и не мора да ја читате книгата, бидејќи до истиот заклучок доаѓа и Ханс Рослинг со своето магично дваесет минутно предавање на TED.com), дека нема едно решение за сите проблеми и дека сите проблеми го создаваат луѓето (па оттука и решенијата остануваат на нас).
Во книгата не се споменува ниту една земја од Европа, освен две навистина кратки референци за Босна и Косово. Но, со малку поактивно размислување, за поголем дел од поединечните прашања што ги отвара книгата на Колиер, може да се повлекуваат паралели со други земји – на пример – со Македонија. Тука се тешките лекции. Стапиците што ги идентификувал Колиер се: стапица на конфликт, стапица на природни богатства, стапица на континентална држава (landlocked) со лоши соседи, стапица на лошо управување во мали земји. Една од овие не е применлива за Македонија. И покрај тоа што се предава во училиште на часот за Запознавање на природата и општеството, Македонија не е богата со природни ресурси, па (за среќа) не може да падне во оваа стапица. Остануваат другите три: конфликтот и континенталната држава се очигледни иако се уште официјално не знаеме дали тоа во 2001 година беше војна, конфликт и режирано зезање и се уште кон некои од морињата во соседството во секојдневниот говор се обраќаме со „наше море". За лошото управување (governance) во мали земји ќе треба повеќе време да се сложиме дали, кој и колку лошо управувал во Македонија, но сигурно е дека стапицата постои на дното.
Но, да одиме со ред.
Сите конфликти имаат нешто заедничко - оружјето. Наследството што го оставаат, покрај изгубените човечки животи и разрушената економија, е голема количина на оружје. Истражувањата на Колиер велат дека политичкиот мир не го купува општествениот мир. Крајот на политичката битка предизвикува убиства и друг насилен криминал. Дали е тоа така за Македонија?
Според податоците на Википедија, во Македонија е забележан пораст на убиствата во периодот 2001 - 2004. Потоа следи опаѓање и за неколку години нема податоци, но во 2010 има 2.01 убиства на 100.000 жители што е помалку од 2001 година. Типичната постконфликтна земја има 50-50 шанса да ја преживее првата декада во мир, наместо да се врати во конфликт. На Македонија ѝ останува уште една година. Можеби статистичките податоци за убиствата се добар показател дека државата оди во мирни води.
Истражувањата велат дека склоноста кон конфликт зависи од три фактори: низок доход, бавен раст и зависност од природни ресурси. Еден податок кој сосема добро ја илустрира Македонија е дека таа се уште го нема достигнато БДП–то од 1990 г. Од југословенските републики тоа го имаат направено само Словенија и Хрватска конечно во 2003 г. Македонската изрека „да му умре козата на комшијата" сосема добро одговара на стапицата условена од географијата на една земја - кога таа нема излез на море и е опкружена со лоши соседи.
Континенталните земји зависат од своите соседи. Транспортните трошоци за земјата зависат од тоа колку соседите вложиле во инфраструктура, а оддалеченоста нема никакво влијание. Така на пример Швајцарија зависи од германската и италјанската инфраструктура, а Уганда од кенијската. Но соседите не се само транспортни коридори. Тие се и пазари. А некои соседи се подобри пазари од други. Некои се пазари, додека други се пречка на патот до пазарите.
На кратко, ако на соседите им оди добро, тогаш и на земјата ќе и' оди добро. Прелевањата во растот за секој еден процент е 0,7 проценти. Така, земјите со излез на море му служат на светот, а оние без им служат на соседите.|||| Не треба да копаме по податоци за да утврдиме дека единствениот релативно добар пат е оној Е-75 што оди од Србија кон Грција. Приказните за пругата кон Бугарија се станати толку бајати што веќе не вреди да се споменуваат, а и целата железничка мрежа е некако хм... за никаде.
Но, можеби трговската размена со соседите влева надеж дека тие не се пречка кон пазарите, туку се пазарите. Србија, Грција и Бугарија се меѓу првите пет увозни и извозни партнери на Македонија. Овие три и Албанија имале прилично плодни десет години од 2000 наваму со раст на БДП од околу 4%. Дали и во тој период на Македонија ѝ одеше подобро, наспроти 2009 кога сите (освен Албанија) имаа негативна стапка?
Колиер е оптимист кога анализирајќи ја стапицата на лошото управување и политики вели дека општествата можат да учат, како Кина по Мао. Но, предупредува тој, сите не се губитници онаму каде што лошото управување опстојува. Политичарите во овие земји се богати, некои од нив се и меѓу најбогатите луѓе на светот, и нив им се исплати да го чуваат своето население неинформирано и необразувано.
Што е потребно за успешна реформа на лошите политики? Истражувањата велат дека само од три фактори зависи успешноста на реформите: бројноста на популацијата, процентот на популација со средно образование и дали земјата скоро излегла од граѓанска војна. Наспроти овие, политичките права и демократијата речиси и да немаат никакво влијание. Значи за успешна промена потребен е поттик одвнатре - потребна е критична маса на образовани луѓе што ќе ја смислат и спроведат реформата. Истовремено шансите било која реформа да опстане се многу мали, околу 1,6% годишно.
Демократијата воглавно гледана како изборен натпревар е половина од прашањето. Мерките и проверките (checks and balances) се исто така важни (ако не и поважни). Изборите утврдуваат кој ќе владее, но не и како ќе владее. Вистинското прашање е дали фазата во која има избори, но не и мерки и проверки е надминлива или станува трајна особина на политиката. Дали земјите живеат во пародија на демократија? Колиер смета дека мерките и проверките се многу важни, исто како и медиумите, барем оние слободните и независните. Потоа тука е финансирањето на изборите и трошењето на буџетските пари.
Книгата не завршува со тажна нота. Напротив. Колиер нуди решенија за милијардата од дното и што е поважно верува дека тие се изводливи. Многу од овие се сосема разумни и за оние што се малку над дното и можеби некоја од овие идеи ќе се најде на агендата на македонските политички партии (можеби некои се веќе таму?). Колиер книгата ја посветил на неговиот син и на неговиот свет. Светот што денешните генерации им го оставаат на идните.
Извадок од книгата (превод Н. Н.):
Корупцијата има свои епицентри. Почнав фокусирајќи се на нашите банки, каде што се складира најголем дел од пленот. Помеѓу компаниите кои плаќаат мито, два сектора се истакнуваат: екстракција на природни ресурси и градежништво. Подоцна ќе се навратам на прашањето за природните ресурси - тоа веќе јавно признаено како проблем барем од почетокот на Иницијативата за транспарентност во екстрактивните индустрии започната од британскиот премиер Тони Блер во 2002. За споредба, корупцијата во градежништвото е валкана тајна. Транспаренси интернешнл одлучи да го истакне овој проблем посветувајќи му го на овој сектор Глобалниот извештај за корупција за 2005.
Градежништвото ги има сите состојки што се подложни на корупција: секој проект се прави само еднаш и не може лесно да му се одреди единствена цена. Има толку многу несигурности при спроведувањето, што не е можно да се создаде она што економистите го нарекуваат „комплетен договор". Како резултат на ова, лесно е да се избегне дисциплината што инаку би била наметната од јавното наддавање. Корумпирана градежна компанија се договара со државен службеник да го добие тендерот по вештачки ниска цена, но потоа се прави нов договор за деталите што се појавуваат за време на изградбата. Еден мој пријател беше министер за финансии во Еритреја во времето кога таа беше една од најмалку корумпираните земји од милијардата на дното. И покрај тоа, тој сфати дека нема да може да ја сопре корупцијата во градежните проекти, и дека тоа би го поткопало управувањето на државата многу пошироко. Неговото драстично решение беше да го минимизира трошењето на градење, ставајќи вето на проектите таму каде што можеше. Тој не беше наивен. Сега има кредибилитетни студии за некои земји кои проценуваат колку корупцијата во градежништвото ги подига трошоците на инфраструктурата и со тоа го намалува растот. Овие ефекти се големи.
За оние што претпочитаат видео, говорот на Колиер на ТЕД тука