Букбокс читанка

„Седум сонца и седум месечини“ од Жозе Сарамаго, гостин-уредник: Илија Упалевски

Во рубрика со ваков наслов веројатно очекувате за своите книжевни преференци да пишуваат Благица Павловска, Боки 13, Милошоски или Фрчко. И зошто да не, можеби и тие ќе дојдат на ред во некое следно издание. Но за почеток, една поинаква дефиниција на тоа кои се „познатите" гости-уредници - тоа се мои познати и пријатели, луѓе за кои знам дека читаат и дека добро пишуваат.

Да си признаеме, голем дел од она што го нарекуваме наш „вкус" е повлијаен од нечија препорака, од блискоста со светогледот не на некој писател, ами на некој друг, нам близок читател. Па дури и да не ви се допадне, разменетата книга станува „поле за културен натпревар" меѓу разменувачите. Расправајќи се околу уметничките, ние всушност си ги легитимираме животните вредности.

Упале има завршено книжевност. Пишува театарски критики и есеи за наши неделници. Го привлекува Полска. Битолчанец е. И навива за Германија. Другото сам ќе си кажи..

ЖОЗЕ САРАМАГО
(1922-2010)

Седум сонца и седум месечини
или: за Балтазар и Блимунда

од Илија Упалевски

Седум месечини ме заспаа и исто толку сонца ме осунаа од денот кога разбрав дека „големите божици" (негова честа метафора) го зедоа Жозе Сарамаго. Уште еден книжевен великан кому смртта му ја осигурала вечноста! Се чини животот на ваквите луѓе им крати од вредноста што подоцна ќе се размножува во неконечната книжевна, цивилизациска меморија. Дека е тоа така покажа и португалскиот претседател Анибал Силва, кој за време на погребот на Сарамаго во Лисабон на 18-ти овој месец, уживаше во летниот одмор на Азурниот брег. Токму тој, Силва, кој во 1992 година (тогаш од позиција на премиер) нареди повлекување на романот Евангелие по Исус од листата на наградени со Европската книжевна награда поради релиогизна навреда, по повод неприсуството на погребот на Сарамаго изјави: Нема да присуствувам зашто ја немав таа исклучителна чест да го запознаам додека беше жив. Туф туф туф... Веројатно, комисијата за доделување на Нобеловата награда за литература не ја делеше истата (тажна) судбина со Силва, и во 1998 година одлучи оваа награда да му припадне токму на Сарамаго!

Исто толку дена ми требаа за да го препрочитам неговиот роман, што, ако го читате српскиот превод што го читав јас ќе се вика Седум Сонца и Седум Месечини, ако го сретнете кај некој англиски издавач ќе се вика Балтазар и Блимунда, иако Сарамаго оригинално го потпишал како Memorial Do Convento (што според моите нагаѓања би значело Споменикот Манастир). Да бев некој структуралист ќе избрзав да речам дека сум прочитал три различни книги, но за среќа јас сум пријател на оние кои уживам да ги читам, и можам да кажам дека по двете читања на овој негов роман, всушност двапати се прочитав себе си. Па, зарем толку сум близок со овој заколнат комунист, атеист, деклариран пессимист, реконструктор на историјата, кој бессрамно ѕиркаше под мантиите на религијата и одорите на власта, демистифицирајќи ги нивните системи, штом ми е неопходен за подобро да се прочитам себе си?

Веројатно да, зашто светот што Сарамаго го нуди во неговата фикција е свет кој живее во својата севкупност, свет во кој опозициите живот-смрт, јаве-сон, добро-зло, реалност-фантазија се функции кои постоењето до бесконечност ги изедначува, наспроти суровите дисконтинуитети на историјата. Така, Балтазар и Блимунда, тој обичен војник кој ја изгубил левата дланка во некаква војна, таа исклучителна жена, способна да види позади границите на видливото, се случајни аутсајдери на историјата што се случува во Португалија, во 18 век, и е поврзана со изградбата на манастирот во Мафра, кои живеат за својата невенчана љубов и за да ја изградат летечката машина, која ќе ги вивне во воздухот за прв пат во историјата на човештвото.

И она што се чини едноставно на ниво на приказна, Сарамаго го усложнува на фабуларно ниво: деталите се усложнуваат, на начин на кој историјата се престорува во естетска подлога на која се ткае неговата фикција, временскиот тек се прекршува, и во тие временски скокови од една реминисценција до толкувачкото време на пишувањето на текстот, читателот има чувство дека лебди по неговиот уметнички етер, небаре е уште еден летач во овој роман. И додека манастирот од Мафра (денес палата и една од најголемите туристички атракции на Португалија) останува да сведочи за уште една победа на историјата, животот на Балтазар и Блимунда во песимистичката визија на Сарамаго згаснува и се заборава како никогаш да не бил.

Затоа, најтопло ви препорачувам, особено ако според вас надвор се гради свет кој не ви се допаѓа, отворете ги кориците на оваа книга и оживејте ги спомените за Балтазар и Блимунда – фантазерите на Сарамаго кои еднаш летнаа над португалскиот бред и со еден лет ги победија и гравитација, и историјата, и инерцијата. Ветувам дека ќе се прочитате себе си.

Нема да претерам ако кажам дека за прв пат „се сретнав" со Сарамаго и со овој негов роман пред седум години, и еве сега пак, и ќе поминат уште седум, и уште седумдесет и седум, и тогаш кога претседателот Силва веќе ќе ги има пречекано „големите божици", се надевам дека ќе се најде некој кој одново ќе го оживее споменот за летачите Балтазар наречен Седум Сонца, и Блимунда-Седум Месечини.

5 јули 2010 - 00:00