„Кога имав три-четири години, тато ми купи козичка. Со него отидовме на пазар по зелка, имаше таков голем пазар покрај Белоруската станица, и јас ја видов белата козичка и се стаписав. Почнав да го молам, му реков дека не сакам да се одвојам од неа. Ја гушнав, многу добро памтам како ја гушнав со рацете, и тато не можеше да одолее. Така ние се појавивме пред мама со жива бела козичка. Првата ноќ ја сместија под работната маса на тато и јас барав да спијам покрај неа, гушкајќи ја под истата таа работна маса. Tаа два-три дена, за цел ужас на соседите, луташе по собите - а тоа беа големи раскошни станови, очигледно на некои предреволуционерни богаташи, што беа претворени во ужасни комунални станови за работниците на Наркомпрос. Значи петнаесет-дваесет соби, притоа само една бања, една кујна - и овде, за оживување на ситуацијата, се појавува козичка. Четвртата ноќ таа почна да ги глода книгите.“
Иако овој извадок од почетокот на „Прво лице еднина“ е навидум банален во споредба со сето она што следи во пребогатата и неверојатно вдахновена автобиографска нарација на Лилјана Зиновјевна Лунгина, таа ги содржи основните градбени елементи кои понатаму ќе се повторуваат со уште поголема жестокост: како еден високо сензитивен карактер минал низ големи историски превирања на поранешниот СССР, за на крај да раскаже, во прво лице еднина, но и во трето лице множина, за сите „тие“, или за сите оние кои немале шанса да го сторат тоа.
Раскажувањето всушност е транскрипт од нејзината исповед пред филмска камера, во склоп на серија од 15 епизоди под името „Подстрочник“ (Превод), во режија на Олег Дорман. Иако снимен на крајот на 1990-тите, тој бил забранет цели 11 години, за во 2009 да доживее огромна популарност и во, и вон Русија.
Лунгина (1920-1998) била руски преведувач од француски, германски, норвешки, дански и шведски, која на руски прва ги превела делата на Астрид Линдгрен („Карлсон на покривот“), драмите на Стриндберг и Ибзен, расказите на Хајнрих Бол, романите на Борис Вијан, Кнут Хамсун, и голем број дела на француската книжевност. Како руска Еврејка, детството го минала во Германија, Палестина и Франција, од каде се вратила во Москва откако нејзиниот татко, еден од ретките болшевици со високо образование на рударски инженер, е задржан во СССР без можност да ја напушти земјата. Тогаш, во 1933, Лиља го напушта веселиот Париз и во чин кој многумина го оценуваат како безумен, со мајка си се враќа во метафорично и буквално сивиот пејзаж на Русија.
Од тука натаму почнува да се расплетува низа од драматични настани кои го тресат животот на нејзиното семејство, но кои индиректно зборуваат за историјата на рускиот 20 век и на едно цело поколение, погледната „од долу“, од човечка перспектива.
Иако растена како „француска госпоѓица“, таа бргу се прилагодува на физичките услови на новиот живот. Но она на што никогаш не се прилагодува се официјалните правила на мислење и однесување. Исфрлена е од Комсомол-от затоа што изјавува дека е апсурдно да се апсат малолетници затоа што не ги поткажале своите родители за „злосторства против државата“. Подоцна, во времето на Сталин, таа како студент е донесена во Лубјанка, каде е испрашувана за професорите, соучениците и соседите во заедничкиот стан. Ѝ било понудено да стане информатор на КГБ, но одбила. Како дел од напредната младина, а истовремено Еврејка, таа и нејзиниот сопруг, драмскиот писател и театролог Семен Лунгин, биле под постојана присмотра. На секоја втора страница од оваа книга некој е или уапсен, или коптиран од страна на разунавачите, или убиен. Освен ако не умира од глад, болести или од сопствената рака. „Генетскиот фонд на нацијата се промени како резултат на Граѓанската војна, колективизацијата, масовните убиства, потоа на друга мошне страшна војна. Загинаа најдобрите, најчесните, најхрабрите, најгордите“, вели таа. „Деформацијата на психата и уништувањето на личноста се непоправливи нешта. За творечкиот човек, чесно да си ја извршува работата, да си ги искажува мислите, да не подлегнува на притисоци - тоа е веќе отпор. Да не се крене рака во собранието кога сите креваат, да се потпише писмо на протест - секако, тоа е веќе поинаков стпен на отпор. Но, сеедно, тоа беше бунт на невооружени робови.“
Списокот на денес славни личности со кои таа дошла во допир или се дружела е огромен, и во целосна форма веројатно повеќе ќе му значи некому кој е многу позапознаен со историјата на руската книжевност и култура. Но тука се Цветаева, Евтушенко, Бродски, Линдгрен, Михаил Енде, Некрасов, Солженицин, кои со уште голем број други, се појавуваат во епизоди од различни историски периоди на раскажаното. Притоа, ниту еден од нив нема позначајна улога од другиот, секој е дел од густата плетка на сведоштвото, во кое главна улога всушност има Човекот.
Снимањето на документарната серија кое траело неколку денови во домот на Лунгина во 1997, една година откако таа останува без саканиот сопруг, и само една година пред самата да почине, се одвивало „органски“, без читање од белешки и без посебни подготовки. Па сепак, транскриптот а и достапните видеа течат како река од зборови, луцидно како за 77-годишна соговорничка, која има одлична меморија, и ја подредува хронологијата онолку колку што е можно така да се раскаже живот кој бил сè освен среден и стабилен. Она што сепак најмногу плени е хуманизмот и оптимизмот кој е антидот на секое опишано зло. „Лунгина има неверојатна способност да ја комбинира моќноста на нејзиниот карактер со мекоста на нејзината душа“ - изјавил режисерот Дорман, на одличен начин доловувајќи ја атмосферата на книгата, која прави да се чувствувате како вие лично да сте биле во преполните комунални станови, на предавањата на големи професорски имиња кои често завршувале по логори, на срамните состаноци на Сојузот на писателите каде се вршело жигосување на неподобните колеги, во болницата каде Марина Цветаева ги минала последните денови скршена од лошата критика на новинарот Зелински што и довело до нејзино самоубиство, среде толпата на погребот на Сталин кога стампедото прегазило најмалку стотици луѓе.
Сепак, најтрогателно е што во целата таа атмосфера на страв и неизвесност, Лунгини се опкружиле со љубов и низ креативност, крајна солидарност со пријателите па дури и со сосема непознатите, и напорна интелектуална работа успеале да се одржат здрави во умот. Двајцата, Лилја и Семјон, и нивните две деца, Жења и Павел (познатиот режисер на „Такси блуз“ и „Остров“), како да се бетонски столб на градба која од сите страни се руши без да им го вознемири односот со себе и со другиот, „облак од љубов“ кој направил нивниот заеднички живот да преставува бесконечна радост и покрај моментите на крајна беда. Не е ни чудо што откако Семјон умира како последица на трет инфаркт, по заеднички 11 месеци поминати во странство за да се надоместат периодите кога не смеело да се излегува од СССР, таа се чувствува несреќно, затоа што веќе нема никакви желби. Но на крајот на книгата таа сепак заклучува -
„Животот е безумен, но истовремено и прекрасен, мислам дека доброто во него надвладува над злото. Затоа што главното во тој живот се луѓето, а извонредни луѓе има многу повеќе отколку што си претпоставуваш. Треба внимателно да ги загледуваме луѓето околу нас. Можеби нема веднаш да видиме дека тие се извонредни - треба да се потрудиме да согледаме што човекот носи во себе. Можеби таму има некаква мала патека што води кон некаква радост.“
Во споредба со времето на Лунгина нашево е мед и млеко. Па сепак, не знаеме да му се израдуваме и да го направиме подобро. Што ќе раскажеме ако, како неа, нè стават пред камера пред крајот на нашите животи?
Илина, Букбокс