„Море марш таму!", изнервирано реагира Вилсон, во неговиот богохулен манифест против среќата, онаква каква што ја конструира, проповеда и продава глобалниот капитализам. На прагот сме на уништување на озонската обвивка. За само еден човечки живот нашата негрижа за природата има доведено до работ на истребувањето стотици животински видови. Но, она што сигурно ќе нè дотолчи како вид е фактот што сме на прагот на искоренување на една суштинска културолошка одлика, на замолчување на славната музата на уметноста, секнење на изворот на креацијата. Во моментов не сме најблиску до тоа да ги сотреме ниту тигрите на Суматра, ниту Калифорнискиот кондор, ние сме опасност за - меланхолијата.
Низ историјата среќата постојано е прогласувана за највисока човечка цел, негова совршена состојба. Но дури во последните двестe години луѓето почнале да размислуваат за неа не само како за овоземска можност, туку и како за нешто кое на човека му следува, нешто што е негово право. „Ги сметаме овие вистини за непобитни: дека сите луѓе се родени еднакви; дека се обдарени од создателот со одредени неотуѓиви права; дека помеѓу нив се правото на живот, слобода и потрагата по среќа", вели текстот на американската Декларација за независност од 1776 – светилник на нацијата за вредностите кон кои таа треба да тежнее, нејзина „граѓанска религија". Толкувањата на тоа што се подразбира под „потрага по среќа" во овој документ се бројни, но преовладуваат оние кои него го сметаат за лукаво покритие за капитализмот и акумулацијата на богатство, чии вистински намери се скриени зад насмеаното лице на богатите, и оттаму среќните луѓе.
Don't worry, be happy!, вели популарната песничка, која добриот предлог го претвора во наредба. Ако сите имаме право, и можеме да бидеме среќни, да му се плукнам, тогаш тоа и мораме да бидеме! Нашето современо верување во среќата е производ на оваа драматична револуција на човечките очекувања. Гредата е поставена нереално високо, критериумот за „среќа" е фабрикуван, можноста за утка огромна. Истовремено, одговорноста за (не)успехот се лоцира во поединецот, кој се прогласува за „ковач" на својата судбина и среќа. Ако си гладен, понижен и несреќен, сам си крив. Ние правото ти го дадовме, ти не го искористи – your bad. Кркни ги овие таблети, и ќе ти помине. И, да, имај убав ден!
Меланхолијата, се вели во политички покоректните извори, е пореметување на расположението, неспецифична депресија, која се карактеризира со намален ентузијазам за каква и да е активност. Во оние по хард-кор таа е душевна болест чии симптоми се длабока потиштеност, чувство на безвредност и безволност – дијагноза која може да им се припише на куп уметници, филозофи и научници, од Бетовен, Ниче, Китс, до Џон Ленон и Ејми Вајнхаус. И покрај звучноста на имињата на 'пациентите', таа не изгледа како нешто што би му го посакале на вашето дете. „Црната жолчка", една од четирите телесни течности според Хипократ, виновна за меланхолијата, од човека прави мизантроп, нервчик, дури и лудак. Во средниот век била лечена со пијавици и други форми на извлекување на „лошата крв". Во деветнаесетиот за ваквите напатени души докторите препишувале опиум, создавајќи од нив зависници, исти како оние кои денес Лексилиумот го пијат како бомбона. Во дваесет и првиот век го довршуваме она што го започнале нашите мудри претци. Оние тажните, со „негативна енергија", стој! Другите - напред.
Таква, според Вилсон, е ситуацијата во Америка, земјата на отворените можности за среќа. Македонскиот менталитет, склон кон кукање и елегичност, изгледа ко еднаш засекогаш вакциниран од ваква опасност. Просто човек да не знае што е полошо – вештачка насмевка, или изнасилено кубење коси. Па сепак, и покрај нашето долго историско флертување со меланхолијата, и разводнетиот ни капитализам, меланхолиците од неодамна веќе не се опишуваат како „уметнички", туку како разгалени души. По среќата, да се потсетиме, треба активно да се трага. Таа, како забревтан дивеч, треба да се гони. Гледањето во една точка и размислувањето за смислата на животот не продава. Воздржаноста е маана. Кој си бе ти тука да ми глумиш депресивец дур ја копам?
Бирајќи меѓу еуфоричното 'ура' и потиштената пасивност, меѓу Џастин Бибер и „Параходот", исто како и Вилсон ќе се одлучиме за пофалба на меланхолијата. Не за друго, затоа што ни е поубава. Неуниформирана и недогматска, таа овозможува и да се учествува во светот кој страда, и истовремено да се биде вон игра, да се набљудува од страна, со тивко спокојство. Иронична е, затоа што го спојува навидум неспоивото – сознанието за конечноста, со убавината. Како може животот да е убав, ако сите и онака ќе умреме? Па баш затоа, затоа што се' помеѓу овие, за космосот тотално неважни настани – нечие раѓање и умирање - е нашиот happy hour.
Разликата помеѓу радоста на живеењето (joy), која се мери во мигови, и идејата за некаква долгорочна среќа (happiness), непопречувана од 'испади' во вид на настинки, природни катастрофи и умирачки, е иста со разликата помеѓу 'слаткото', 'симпатичното' (pretty) и убавото (beautiful). Сите слатки нешта се истоветни, предвидливи и 'испеглани'. Тврдоглаво порекнувајќи ја минливоста, тие стануваат статични, неоргански и неавтентични одрази на човечкиот свет. За разлика од нив, убавите нешта не се негација, ами бунт против корозијата, онаа која не' јаде однадвор и одвнатре. Tempus fugit (времето лета) и Memento mori (не заборавај дека си смртен) оттаму не се морбидни констатации, туку поттици, прослави на овие по малку непријатни факти.
Да не се разбереме погрешно – ниту ја идеализираме клиничката депресија, ниту ја изедначуваме меланхолијата со циничната пасивност. Оние кои ја чувствуваат оваа тага точно знаат за што зборувам. Блуз, севдах, сплин. Убајни.
Dragonfly out in the sun, you know what I mean,
don't you know
Butterflies all having fun, you know what I mean
Sleep in peace when day is done
That's what I mean.
Илина, Букбокс