Букбокс читанка

ПОЕТОТ ДИЛАН

Понекогаш кажуваш нешто во песните, дури и кога шансата тоа да е вистина е мала. Некогаш кажуваш работи кои немаат никаква врска со она што навистина сакаш да го кажеш.
А понекогаш кажуваш нешта за кои сите знаат дека се вистинити.
Никогаш нема доволно време за размислување.
Си шиел, си пеглал, си се пакувал и си се возел.
Ете што си правел.

Боб Дилан, Хроники

Кога некој светски уметник во третото доба од кариерата и животот конечно ќе дојде во Македонија, реакциите главно се сведуваат на „сега ли му текна?" и „како не, 2000 за стоење". Да не беше богохулно ќе речев - самиот Исус да се најавеше исто ќе реагиравме. Пред петнаесет години да дојдеше, концертот на Дилан навистина полесно ќе го отстоевме, а и две илјади си се две илјади. Сепак, од причини кои често се нарекуваат „суеверни", а се всушност резултат на искуство во областа на (замислениот или реалниот) животен реципроцитет, ќе речам - молчете, да не нè чуе, па да не дојде.

Со оглед на тоа што Букбокс е пред сè рубрика за книги и читање, во оваа прилика Дилан не нè интересира (толку) во музичка смисла, како икона на американскиот кантри-рок. Исто како и кај неговите по сензибилитет блиски колеги, Коен и Вејтс, и кај него поетското е тешко одделиво од музичкото, а пак обете се нераздвојни од целокупниот 'ангажман', и воопшто светогледот на споменатите. Па сепак, додека во случајот на Дилан неговото место во музичкиот пантеон е осигурано, едно прашање ги мачи и музичките и книжевните критичари речиси цела негова кариера: дали е тој поет или само текстописец?

Во прилог текст објавен на сајтот на Академијата на американски поети во кој, многу ферски за некаква „академија" од која барем стереотипно би се очекувале конзервативност и елитизам, на Дилан му се доделува заслуженото место помеѓу поетите. Оваа дуалност при доделувањето на професионални улоги - етикети, секогаш ми била чудна: зошто да не може да се биде истовремено и музичар и поет, и пекар и ап(o)текар, и професор и возач на ролери? Некои (повеќето?) човечки конструкции се доволно сложени за да не можат да бидат сведени само на едно. Секое инсистирање на нивната еднодимензионалност е укинување на шанса - за пошарен и повесел свет.

Карта за концертот во петок за жал не можеме да ви доделиме. Но ако не успеете да дојдете, ќе ви раскажеме..

***

БОБ ДИЛАН: „ЈАС СУМ ПОЕТ, И ГО ЗНАМ ТОА"

Во 2004 Њусвик го нарече Боб Дилан „највлијателна жива културна фигура", и тоа оправдано. Тој има објавено повеќе од 40 албуми во последните четири децении и ги има создадено најпознатите химни на дваесетиот век, класици како "The Times They Are A-Changin", "Like a Rolling Stone" и "Blowin' in the Wind".

Но иако местото на Дилан во пантеонот на американски музичари е зацементирано, има едно прашање кое ги прогонува и музичките и книжевните критичари: Дали Боб Дилан треба да се смета за текстописец или за поет? На прес конференција во 1965 самиот тој на ова прашање одговорил: „ Се сметам себеси повеќе за човек на песна и игра (song-and-dance man)"

Дебатата трае со години, па дури и се интензивираше во 2004, кога почнаа интернет гласини околу Дилановата номинација за Нобелова награда за литература, и кога беа објавени, речиси истовремено, пет тренди книги: Дилановата визија на гревот од професор по поезија на Оксфорд Кристофер Рикс, кој го брани Дилана како поет; Стихови 1962-2001, збирка на песни на Дилан во печатена форма; Хроники, првиот том од Дилановите мемоари; Клучеви за дождот, енциклопедија за Боб Дилан на 724 страници и Студио А, антологија поврзана со Дилан од значајни писатели како Ален Гинзберг, Џојс Керол Оутс, Рик Муди и Бери Хана.

Кристофер Рикс, кој има напишано книги и за Т. С. Елиот и Џон Китс, вели дека дилановите стихови не само што се квалификуваат како поезија, туку дека Дилан е и помеѓу најдобрите поети на сите времиња, на исто ниво со Милтон, Китс и Тенисон. Тој го посочува мајсторството на стиховите на Дилан, кои се често зачудувачки и совршено одмерени. На пример, овие два стиха од „Идиотски ветер" (Idiot Wind), од 1975:

Идиотски ветер, дува во круг околу мојот череп,
Од браната Гренд Кули до главниот град

Метафоричката врска помеѓу главата и главата на државата, обете два големи храма, и „идиотскиот ветер" кој дува од Вашинтон, од устите на политичарите, според Гинзберг ја прави оваа песна „голема национална рима ослободена од илузии".

„Да му се одрече титулата поет на Дилан, тоа не може да го стори ниту едно детално читање без предрасуди на зборовите и начините на кои тој ги користи", вели Рикс во Дилановата визија на гревот (2001). „Расправата би требала да започне од неговиот медиум."

Проблемот на повеќемина критичари со тоа текстовите на песните да ги наречат поезија е што песните се целосно реализирани само низ изведба. Потребно е стиховите, музиката и гласот да функционираат во тандем за да ја распакуваат моќта на песната, додека песната во смисла на поезија вообичаено функционира сама по себе, на хартија, контролирајќи го сопствениот тајминг и внатрешната музика. Дилановите стихови, а особено неговото креативно создавање рими, може да функционира, како што напишал критичарот Јан Хамилтон, „само со поддршка на бодликавата жица на неговите крајници".

Сепак неспорно е дека Дилан бил под влијание на голем број поети. Самиот ги смета Рембо, Верлен и Вуди Гатри за негови значајни претходници. Го има земено името Боб Дилан од велшкиот поет Дилан Томас (вистинското име му е Роберт Алан Цимерман). Еднаш се има опишано како „трубадур на шеесетите", а кога зборува за пишувањето песни понекогаш звучи како професор по литература: „Можам да создадам неколку орбити кои патуваат и се пресекуваат, и кои се воспоставени на метафизички начин."

Неговото дело некогаш и намерно завлегувало во поезија. Во 1966 напишал книга песни и проза под наслов Тарантула. Голем број од стиховите на албумите од '60тите биле напишани како епитафи. А текстовите на неговите песни се полни со книжевни референци (видете ги на пример оние од „Desolation Row", од албумот Highway 61 Revisited од 1965).

Професор Рикс не е единствениот кој смета дека Дилан е голем американски поет. Дилан е номиниран за Нобеловата награда за литература секоја година од 1996, а стиховите за неговата Mr. Tambourine Man се најдоа во Нортоновиот вовед кон литературата.

Па дали неговите стихови се квалификуваат како поезија? Дури и Дилан понекогаш ги меша двата жара. Тој еднаш го нарече Смоки Робинсон негов омилен поет, а потоа се предомисли и рече дека тоа е Рембо. Понекогаш одбивајќи го прашањето, друг пат исмевајќи го, тој во неговата песна „Ќе бидам слободен број 10" вели:

„Ура! Јас сум поет, и тоа го знам
Се надевам нема да утнам"

Сепак најдобриот и најискрен одговор веројатно се содржи во стиховите од неговиот втор албум, The Freewheelin' Bob Dylan од 1963, каде Дилан едноставно вели:

„Сè што можам да испеам, го нарекувам песна. Сè што не можам да испеам, го нарекувам поезија".

1 јуни 2010 - 00:00