Во освртот посветен на книгата разговори помеѓу писателот Мураками и диригентот Озава најавивме дека и последната читанка за оваа година ќе биде на слична тема, и дека овие две книги е најдобро да се читаат едно по друго. „Паралели и парадокси“ е слична по формат, иако образованието, сензибилитетот и потеклото на нејзините автори ја прави многу различна, и по содржина и по атмосфера.
Даниел Баренбојм е дете на руски Евреи кои емигрирале во Буенос Аирес. Бил музички директор на симфонискиот оркестар на Чикаго, на Ла Скала, а во моментов раководи со Берлинската државна опера. Првиот меѓународен настап како пијанист го имал на 10-годишна возраст во Виена и Рим. На 12-годишна возраст, во 1954, добива покана за настап со Берлинската филхармонија, но татко му, кој му бил истовремено и главниот учител, не го дозволил тоа сметајќи дека е прерано по завршувањето на Втората светска војна за дете на еврејски родители да настапува во Германија. Сепак, ова бил периодот кога музичкиот свет дознал за постоењето на ова дете-гениј, чија подоцнежна кариера ќе ја обележи не само свирењето пијано, туку и диригирањето. Големо влијание врз неговото формирање како музичар извршила и Надја Буланже (истата професорка која им предавала на Бернштајн, Глас и Пијацола, за која подетално пишувавме тука) со која учел хармонија и композиција.
Едвард Саид, пак, е роден во Ерусалим во христијанско арапско семејство. Го минал детството во Каиро, а како тинејџер заминал на студии во САД. Долго време предавал англиски и компаративна книжевност на Универзитетот Колумбија. Најпознат во областа на културните студии е по својот концепт на „ориентализам“ (и истоимената книга oд 1978) и развивањето на полето на постколонијалните студии. Бил класично образован пијанист, голем познавач на музиката, а неговите бројни есеи на оваа тема се собрани во „Музика на граница“ (Music at The Limits) од 2009. Почина од леукемија во 2003, само една година по објавувањето на „Паралели и парадокси“.
Она што ги спојува овие двајца значајни интелектуалци сепак не е само музиката, туку и нивните политички ставови кои од нив прават контроверзни фигури во нивните сопствени средини. Саид, и покрај своето арапско потекло, беше член на Палестинскиот национален совет, отворено критикувајќи ги и Израелците и Арапите заради она што тој го нарекуваше „дејствувањето против националните интереси на нивните сопствени народи“. Баренбојм, пак, иако Евреин, го има обвинето Израел дека се однесува кон Палестинците на начин кој е „морално грозен и стратешки погрешен“. Голем скандал предизвика неговото спротивставување на цензурата на Вагнер во Израел, која во оваа земја неформално важи уште од 1940-тите. И покрај протестите, судските процеси и генералниот јавен притисок, тој во 2000 на концерт во Ерусалим со берлинскиот Штатскапеле храбро одлучува да го изведе прелидумот на „Тристан и Изолда“ на Вагнер како втор бис, претходно замолувајќи ги оние на кои тоа им пречи да заминат. Подоцна поради ова е прогласен за непожелен во Израел, и приморан јавно да се извини.
Токму ова одбивање да се прифатат туѓите агенди, космополитизмот и борбата за човекови права е она што ги поттикнува Саид и Баренбојм да го формираат „Оркестарот западно-источен диван“ базиран во Севиља, кој се состои од израелски, палестински и арапски музичари.
Книгата оттаму во голема мерка се однесува токму на спомнатите теми - потеклото на соговорниците, влијанието кое тоа го има извршено врз нивниот светоглед и обидите тој да се прошири и да ги вклучи и оние на „другите“; нивните интелектуални кариери и точките на кои тие се спојуваат; израелско-палестинското прашање, конфликтите низ светот, глобалната политика, и врската помеѓу уметноста и сите околности во која таа се создава.
Има тука и филозофски коментари за природата на музиката изведувана во живо, која е скапоцена заради нејзината неповторливост точно во тоа време и во тој простор, свест што создава чувство на загуба и желба никогаш да не настапи тишината. „Исто како што гравитацијата ги влече предметите кон земјата, така и звуците се влечени од тишината“, вели во еден момент Баренбојм, низ физика доловувајќи ја метафизиката на звукот. Многу интересни се и описите на историскиот развој на музиката од тонална во атонална низ аналогии со државните уредувања. Со атоналноста хиерархијата на тоналноста почнува да се деконструира. Со други зборови, тоа веќе не е Божја хиерархија, а не е дури ни таква на различните класи во кралството. Се случува Република, со тоника, доминанта, субдоминанта, што сепак укажува на некој поредок, до моментот кога сето преминува во атоналност, во која сите дванаесет тонови се еднакви. Саид му парира на неговиот соговорник со споредби на Моцарт и Бетовен со делата на Дикенс или со цитирањето на Адорно.
Сепак, со оглед на тоа што разговорите се главно водени пред публика во Карнеги Хол, има нешто „здрвено“ во нив кое го немаше во интимните разговори помеѓу Мураками и Озава, некој суптилен натпревар не само во тоа кој е поголем ерудит, туку и во тоа кој е поголем космополит. Можеби е пак до политичката ангажираност на Саид и Баренбојм која повлекува и такви асоцијации и теми, а кои тотално отсуствуваа во претходната. За разлика од Мураками кој е тотално понизен и љубопитен да научи од неговиот соговорник, тука двајцата се поставуваат како еднакви, па „музиката“ која произлегува од тоа е малку поагресивна и побрза. Сепак, таа е скапоцен запис на ставови и размени на две исклучително важни личности за историјата на културата на 20-тиот век, кои се обидуваат да ги поминат границите, и во национална и во уметничка смисла.
Илина, Букбокс
Сите Букбокс читанки тука