Букбокс читанка

„Мрачни скршнувања“ од Џон Ралстон Сол

Познатиот канадски автор, долгогодишен претседател на Меѓународната организација на писатели ПЕН, има многу необичен стил. Тој „вози“ на горивото на добрата, но вообичаено изведена проза, до моментот кога нешто во неа „кликнува“ и возилото почнува да се одлепува од земјата. Одеднаш сите дотогаш обични ликови добиваат морничави црти, во кои на моменти препознавате и такви на вам познати луѓе. А ако сте баш фер, во нив ќе видите и свои.

Авторот (или уредникот) на оваа книга не можел да најде посоодветен наслов за овој роман, кој по својата структура повеќе наликува на омнибус, збир приказни кои навидум не се поврзани на ниту еден начин. Но откако ќе ја завршите сфаќате дека нивниот заеднички именител може да биде само еден - сите се длабоко несреќни, дури и кога немаат видлива причина да бидат такви. И, што би рекол доктор Хаус од истоимената серија, сите поради тоа лажат.

Поднасловот на книгата е „приказна на еден патник“, што подразбира дека оној кој раскажува - авторот - патува, се меша со различни луѓе, од диктатори на „третиот свет“ до пропаднати европски принцези, пребогати бизнисмени и обични луѓе, сите со некаква длабока тајна за која тие или нивните блиски плаќаат со живот. Од секој од расказите може да се направи филм во стилот на еден откачен Тарантино, но и на еден психолошки длабок Бергман.

За да разберете што сакаме да кажеме, ви претставуваме еден од „расказите“ во романот, за едни „многу фини луѓе“ и нивната семејна приказна. Таа е не само мрачна, туку и како што тоа луцидно го најавува дизајнот на корицата, истовремено и мачен. Веруваме дека откако ќе го прочитате два пати ќе размислите пред да каснете мафин.

СЛАДОКУСЕЦОТ

Браун палас им припаѓа на малиот број хотели во кои се чувствувате како да сте во Соединетите Американски Држави, во она што некогаш го нарекуваа Америка, а не во Државите – Америка која знаеше што е, што и да значи тоа.

Бев во Денвер на една ноќ. Пријател од Њујорк ме упати на нив. Тие очигледно беа многу фини луѓе; Американци, како и Браун палас. Тој водеше локален семеен бизнис, а тоа го правеше доволно богат за да биде природно независен. Мојот пријател неодредено спомна дека тие својата независност ја користат за да уживаат во она што е најдобро во Колорадо – природата на село – и мислеше дека би сакал да слушнам нешто за тоа, па однапред им испрати писмо.

Телефонирав во нивната куќа истото утро кога пристигнав во градот очекувајќи да ми се јави госпоѓата Мартин. Меѓутоа, се јави машки глас. Не баш љубезен, тоа ми беше првиот впечаток. Гласот беше чист и јасен, сосема одмерен, но не беше пријателски.

Објаснив кој сум. Тој малку размислуваше. Затоа го сакам Колорадо. Тие не се воздржуваат да размислуваат онолку време колку што им е потребно. Не се склони кон тоа да ја пополнуваат празнината со звук.

Кога беше подготвен, рече: „Го примивме писмото. Ал ни напиша сè за вас.“ Гласот сега беше учтив, но очигледно со напор. „Јас сум Хенри Мартин. Видете, ние би сакале да се видиме со вас, да ве забавуваме, но за жал, минатата недела се случи нешто, и мојата жена дури вчера е пуштена дома.“ Поради сè позабележителното потреперување во неговиот глас, почнав да мислам дека е многу пристоен што воопшто разговара со мене. „Не грижете се, г. Мартин, можеме друг...“

„Не“, ме прекина. „Слушајте, дојдете на вечера. Не, не. Ако вам не ви пречи, мислам дека тоа би можело да ѝ дојде добро на Кејти. Видете, тоа може малку да ја разоноди.“ Одеднаш зазвучи трогателно. Тешко дека можев да се побунам. „Таа може да организира вечера за вас. Вие ќе ми помогнете да ја развеселам. Мислам, вам зборовите ви се работа.“ Тоа требаше да биде мала шега. Нешто како комплимент.

Се согласив да дојдам во седум и пол. Само што ја спуштив слушалката, ми стана јасно дека немам поим каква несреќа им се случила. Претпоставувам дека беше премногу вознемирен за да забелeжи колку малку ми кажа. На почетокот се надевав дека денот ќе биде интересен – главната причина за моето доаѓање во Денвер беше една конференција за состојбата на Рогот на Африка. Но сè се одвиваше многу бавно. Многу академски. Јас бев сведок-очевидец – значи, забава. Мојот придонес навистина не беше на нивото на сите нивни очекувања. Не бев доволно забавен. Тоа можеше да им се види во очите. Се плашам дека моите мисли беа со Мартинови. Не сакав баш да одам и да помагам таа да се развесели. Но во човечката трагедија има нешто страшно обврзувачко, а јас чувствував дека токму за тоа станува збор. Сите нас – а јас не сум исклучок – таа нè привлекува, каде и да се случува, додека очајнички ги затвораме очите зборувајќи дека тоа ни е гнасно и сакаме да го свртиме погледот.

Пристигнав точно во седум и пол. Во случај да имаше и други гости, сакав да стигнам прв и да дознаам што се случило.

Куќата беше скриена зад еден дрворед од борови кои мирисаа напролет. Се наоѓаше на едно стрмно брдо и секако беше изградена на некогашниот раб од градска населба. За ѕидовите на куќата употребиле крупни камења што ги поставиле вкрстено како груби плочи. Оставаше впечаток на некоја моќна заспана ѕверка. Без малку, првата работа што Мартин ми ја кажа е дека ја изградил неговиот татко во триесеттите години кога заработувал пари додека другите немале. Продолжи низ смеа: „Татко ми беше демократ. Сметаше дека тоа е негов придонес кон проектот за јавни работи на Рузвелт.“

Хенри Мартин, како и што очекував, беше фин и уреден човек. Носеше кошула со раскопчана јака, од египетски памук, од оние со крагни со копче – и наметнато старо сако во сива боја. Во џепчето на градите стоеше вметнато свилено марамче со кашмирска шара. Ме повлече низ главната врата во големата дрвена галерија – баронски салон во западњачки стил. Би му дал околу четириесет и пет години. Немаше сомнение дека некогаш бил здрав, впечатлив дечко на школо, но сега беше тргнал на пат на сеопшто раскрупнување поради што изгледаше по малку испрано, како да е во расчекор со самиот себеси. Сеедно, сепак се раскрупнуваше на здрав начин, па во некој друг случај веројатно би рекол дека е задоволен со својот живот и среќен што е меѓу живите. И покрај напнатоста под која очигледно се наоѓаше, ја развлече насмевката во широко бело добредојде.

„Се надевам дека не ми замерувате што ве наговорив да дојдете, но Кејти веќе доволно се прибра да може нешто да ни подготви.“

Тоа изгледаше како вистински момент да дознаам што се случило и само што проговорив, се отвори вратата на другиот крај од салонот. Жената што стоеше во рамката беше висока едвај метар и шеесет. Можев точно да си замислам што е тоа што го привлекло кон неа. Во свое време сигурно била една од оние совршени, ситни жени. На себе имаше едноставен сив свилен фустан што ја следеше нејзината фигура и ви дозволуваше да видите дека и понатаму е прилично совршена. Сето тоа не значеше ништо затоа што дури и од далеку беше јасно дека од неа е исцедена сета животна срж.

„Па немој само да стоиш тука и да оговараш. Внеси го.“ Имаше глас како девојче, но изненадувачки цврст. Само што заустив да кажам нешто, таа зачекори напред, нежно се ракува со мене, и рече: „Без извинувања. Хенри беше во право што ве наговори да дојдете.“ Не можев да ја видам бојата на нејзините очи. Беа толку воспалени и замаглени. Нејзината изобилна шминка не можеше ништо да скрие. „Последното нешто што Хенри и јас го сакаме е да седиме тука и да се гледаме еден со друг.“

Дневната соба беше целата во дрво, со греди. Тој ми налеа добар, силен скоч, што секако беше потребен, а потоа Кејти почна да ме испрашува за нашиот заеднички пријател во Њујорк. Тоа барем беше нешто за што можеше да се разговара, а изгледаше дека ги орасположува. Тие имале многу патувано со Ал, па и понатаму бевме на истата тема кога седнавме да вечераме. Тогаш веќе раскажувавме за Ал, за неговите црти на особењак, а тој ги имаше поприлично. Хенри бил на лов со Ал, се спуштал со него со кану низ речни брзаци, па така тие двајцата делеле и кабини и шатори. ’Рчењето на Ал е легендарно. Се менувавме раскажувајќи приказни за нашиот пријател и тие внимателно се слушаа еден со друг, што воопшто не е вообичаено меѓу двојки кои се долго во брак.

Јадењето оддаваше расеан впечаток – по малку преварено, по малку недопечено – но тоа ми беше најмалата грижа. Дури кога сите тројца се смеевме, изгледаше како тие двајца да плачат. Атмосферата беше неподнослива.

Ги прашав дали и Ал често ги посетува во Денвер. На тоа Хенри Мартин се надоврза со големо воодушевување: „Во Денвер не! На ранчот да! Не можеме да го задржиме во оваа куќа. Доаѓа само кога ќе му ветиме дека ќе го сместиме на ранчот.“
„Каков ранч?“

Тој бил, рече, љубовта на нивниот живот. Не сакал, навистина, да го води семејниот бизнис, но некој морал да се занимава со тоа, па како утеха си го купил она што навистина го сакал – поприлично голем активен ранч. Таму ги минувале викендите, а понекогаш и три-четири денови во неделата. Очигледно му беше подобро кога почна да раскажува. „Нормално“, рече, „ние утринава веќе би биле таму.“ Штом ги изговори тие зборови се виде дека зажали.
„Во ред е, Хенри“, се уфрли неговата жена. „Мораме да почнеме да зборуваме за тоа. Кога Пити не би бил мртов, ние би оделе таму.“ Кога ја заврши реченицата, гласот како да ѝ пресуши.

Хенри почнува да кима со главата. „Мислам дека тој го сакаше тоа место повеќе од нас.“

„Видете“, реков. „Многу ми е жал. Вашиот маж утринава не ми објасни баш добро.“ Обајцата ме погледнаа, зачудени што има некој кој сè уште не слушнал. Трагедиите секогаш се такви; оние кои се погодени веруваат дека целиот свет знае, по пат на некаква осмоза. „Се плашам дека не знам што се случило.“

Мартин и понатаму ме загледуваше, размислувајќи за тоа што го кажав. Бидејќи нештата веќе отидоа толку далеку, беше тешко да не се продолжи, дури и ако тоа ја вознемируваше неговата жена.

„Жал ми е. Претпоставувам дека бев толку разнебитен кога се јавивте, што си помислив... Пити беше нашиот син. Нашето единствено дете. Имаше четиринаесет години. Момче какво што повеќето луѓе, претпоставувам, сонуваат да родат. Многу карактерно. Жив оган, како што велев. И брз. Во секој случај, обајцата го сакавме премногу. Тоа не треба да го правите. Во секој случај, минатата седмица Пити умре.“

„Убиен е! Изговори го тоа, Хенри!“

Горчината во нејзинот глас како да ѝ даваше сила. „Не можемe да се самозалажуваме.“

„Не, Кејти. Тоа не е точно.“ Се наведна преку масата кон неа, многу тивко, полека; преколнувајќи. „Тоа не е фер. Нема да бидеме во состојба да живееме ако...“

Таа почна да одмавнува со главата лево-десно и да ги отфрла неговите зборови. „Тој е убиен! И јас го убив. Тоа се факти.“ Тој се обидуваше да ја прекине, но таа продолжи да повторува: „Тоа се факти“.

„Мојата жена“, ми рече Хенри, обидувајќи се да ја врати рамнотежата во гласот, „последните неколку години има одредени проблеми. Тоа им се случува на многу луѓе. Таа едноставно не беше во состојба јасно да ја согледа сликата за самата себе. Страдаше многу од депресија. Па така ние правевме сè што треба за таа да има добар психоаналитичар.“ Застана, како да вели, ајде проголтај го сега ова. „Елем, минатата недела се обиде да се убие. Се обиде да се отруе. Кејти е по малку романтична. Тоа беше една од првите работи што ги засакав кај неа.“ Се навали кон неа и ѝ ја фати раката додека таа си играше со виљушката. Погледот му беше маѓепсан со тоа парче метал што се движеше. „Па решила со нас да го изеде последниот радосен оброк и потоа да умре во сон. Направила колачиња со лимон во средата навечер – еден од нејзините специјалитети што сите го сакаме. Ама не какви било колачиња со лимон, тие на Кејт се шарени и сè што треба. Ги направила колачињата и ги ставила во креденецот за утредента.“ Во гласот постепено му се чувствуваше сè поголем напор. „Во секој случај, едно од колачињата било отровно. Таа знаела кое, според шарата. Имала намера да го изеде со нас, а потоа, кога јас ќе се разбудам изутрина, само да видам дека умрела. Но Пити...“ Го крена погледот од рацете со кои ги беше фатил оние на жената, виљушката мируваше. Очите не му беа сосредоточени врз ништо особено. „Ви реков дека беше жив оган. Тој истата вечер ги пронашол колачињата. Мислам дека ние двајцата читавме, или така нешто, па изел неколку. Навистина беше по благото. Мислам дека тоа го беше наследил од мене. Изутрината Кејти го затекна мртов. Таа...само се врати во собата каде што се облекував. А јас веднаш видов дека нешто не е во ред“, гласот му доби едноличен тон. „Лицето ѝ беше обескрвено. Изгледаше како мртовец. Само отиде до една од своите фиоки, извлече писмо и ми го подаде. Беше тоа нејзината проштална порака. Сè беше подготвила однапред. Па прочитав. Потоа рече: ’Пити е мртов.‘ Само така. Потоа доби некаков напад и се онесвести. Помислив дека има мозочен удар. Не знаев што да правам. Чувствував како да полудувам. Проверив дали таа дише, па отрчав до собата на Пити а тој беше таму, побледен.“

„Престани, Хенри.“

„Не, душо. Сакам сè да раскажам. Беше мртов. Немаше никакво сомнение. Потоа дојде лекар, па полиција. Мораа да ја одведат Кејти. Видете, технички таа го убила. Не знаеја што да прават друго. Кејти и јас обајцата одевме во школо со полицаецот кој дојде. Јас играв и рагби со него. Па ете кај се најдовме. Ја задржаа шест дена обидувајќи се да одлучат што да прават. Денес ја извлеков. Сакам да кажам, сите ги познавам. Сите тие се наши стари пријатели, судии и обвинители. Сите тие.“ Претпоставувам дека тоа му го одвлекло вниманието, му овозможило да се чувствува корисен, да има што да работи. „Разбраа. Така ја извлеков, мислам дека на крајот нема да ја обвинат. Мислам дека ќе биде во ред.“

Гледаше цело време во мене, а сепак не ме догледуваше. Сега го сврте погледот и со напор стана. „Мислам дека само малку ќе излезам надвор на воздух“. Додека излегуваше низ вратата, рамената силно му трепереа.

Госпоѓа Мартин и јас молкум седевме на масата додека не исчезна звукот на нејзините чекори. Потоа таа без какво и да е предупредување го турна столот наназад, ја отвори устата како да ќе вресне и почна да се ниша на столот. „О, боже мој! О, боже мој!“

Чувствував потреба да станам и да ја прегрнам. Каква и да е утеха. Во тој момент се слушна придушен шепот.

„Беше за него!“ Покажа со раката кон вратата низ која исчезна нејзиниот маж. „Беше за него! Отровот беше за него!“

Седев како скаменет во тишината. Раката и понатаму нервозно ѝ се тресеше покажувајќи кон вратата. Устата ѝ се отвораше сè повеќе како да ќе експлодира. Зборовите излегуваа од неа како гас под притисок. „Го мразам! Го мразам! Толку. Толку го мразам.“

Само за да ја спречам се обидов да ја прекинам: „Сте можеле едноставно да се разведете од него...“
„И што? Што? Да станам бивша госпоѓа Мартин? Сите би рекле: ’Не требаше ни да се ожени со неа‘, ’Таа никогаш не беше достојна‘. А по сите овие години што би добила? Апанажа за да можам да живеам во некое станче долу во градот. Мислите ли дека би ми ја дале оваа куќа. Куќата на неговиот татко. Неговата? Тоа е моја куќа! Јас тука страдав дваесет години. Шест години само со него, дури и без Пити.“ Потоа одеднаш застана и добро ме разгледа.

„Вие не сфаќате. Не е во прашање куќата и парите. Станува збор за тоа што правеше со Пити. Ми го претвораше детето во своја копија. Не можев тоа да му го дозволам. Немаше право на тоа. Единствениот начин тоа да се спречи беше да го убијам. Тогаш Пити ќе беше слободен да стане тоа што е. О, боже. О, боже.“

Ги склопи рацете и механички се нишаше напред-назад.
„Сигурно“, почнав, „тој не може да биде...тој изгледа како...“
„Тој е чудовиште! Тој не е човек!“, врескаше облеана со солзи. „Нема ништо внатре.“ Се удираше по градите. „Ништо нема внатре.“

„Но секако...“

„Што знаете вие?“ Се ѕвереше во мене со очи што одеднаш се исполнија со омраза. „Што знаете вие за нас? За него? Зошто мислите дека можете да дојдете тука за да знаете што е она што човека го прави нечовечен?! Вие ништо не знаете!“

Беше во право. Јас ништо не знаев. Потоа повторно почна да се ниша натаму-наваму и да лелека. Во тој миг се појави Хенри Мартин. Скокнав на нозе.

„Подобро да ми викнете такси. Мислам дека за вашата сопруга е доволно напор за еден ден.“

Виде дека солзите ѝ течат низ лицето. Ѝ пријде и ја зеде во прегратка. „Во ред е, душо. Нешто ќе смислиме. Во ред е.“ Продолжи да ја теши цела вечност. Потоа инсистираше да ме врати назад со автомобил во Браун палас. Рече дека му требаат само дваесет минути до таму и назад.

Додека се возевме, малку фалеше да му кажам што рече таа. А што ќе постигнев со тоа? Мојот збор вреди колку и неговиот. Нема докази. Најверојатно таа нема да се обиде уште еднаш. Никој не би поверувал во втора случајност. Освен тоа, таа секогаш би се плашела дека јас би можел нешто да кажам. А да му кажев? Веќе беше скршен. Што би постигнал со тоа? Освен тоа, не знаев ништо за него. Баш ништо. Помислив дека треба ова да му го раскажам на нашиот заеднички пријател во Њујорк и да видам што мисли тој.

(од „Мрачни скршнувања“ на Џон Ралстон Сол, достапна за купување тука)

1 декември 2018 - 11:10