Александра Јуруковска е искусен новинар со скоро дваесетгодишен ангажман во културните редакции на повеќе радија и сајтови, и како надворешен соработник во дневни весници и специјализирани списанија. Оваа нејзина втора теориска книга е резултат на долгогодишно истражување, односно на магистерски труд, чии основни прашања се: дали книжевноста е принудена на егзил од својата „природна“ околина - книгата, или доброволно заминува од неа, селејќи се на полето на новите медиуми? Дали како „мигрант“ таа бидува расцепена, променета? Дали ова го менува културниот идентитет на самата книжевност? И какви се импликациите на сето ова по поширокиот, македонски културен контекст?
Низ неколку поглавја се следи историјата на културните редакции, со акцент на оние кои одделувале посебен простор за книжевноста: Нова Македонија (со додатокот за литература ЛИК и конкурсот за краток расказ); „Дневник“ со прилозите „Ризница“ и „Литература“; Македонско радио-Радио Скопје со радиоадаптации на книжевни дела и специјализираните емисии од областа на културата; (непрежалената) Трета програма на Македонското радио; радио Канал 103; културните содржини на ТВ Телма. Скапоцено од аспект на хроничарски запис за тоа како било, овој преглед особено за оние кои ги живееле „златните времиња“ на културните редакции, создава кнедла во грло. Голем број од медиумите кои се спомнуваат во книгата или веќе не постојат, или не се занимаваат со книжевноста, ниту во обем ниту во квалитет, онака како што тоа се правело некогаш. Најскандалозно е што илјадници текстови од која и да е област, вклучително и од културата, кои некогаш биле онлајн, сега заради банални причини (нема пари за домен и сервер?) не можат да се најдат никаде, освен доколку човек баш се намерачи да ги бара во оние огромни томови со дебели корици во одделот публицистика во Универзитетската библиотека. Парафразиран Реј Бредбери би гласел - „Не мора да направиш луѓето да не памтат - само исклучи им ги серверите“. И ова не важи само за оние медиуми кои пропаднале, туку и за активни и постоечки, кои од неразбирливи причини од време на време ги бришат своите содржини (на пример не толку стари текстови/колумни објавувани на порталот на „Нова Македонија“).
Иако заради жанрот на книгата (која е пред сè стручно дело, а не есеистика) Александра се обидува да го задржи академскиот тон и да нè поштеди од ламентирање, тоа изгледа е неизбежно - следното поглавје после оние посветени на медиумите кои се занимавале со култура (или се уште тоа го прават) носи наслов „Таблоидизација на медиумите: како најпознатото ништо добива медиумски простор“.
Фактот што магистерската теза е пишувана во 2012, од тогаш неколку пати е одбивана за финансиска поддршка па се појавува во 2019, кога е во прашање темата со која се занимава не е воопшто неважен. Ова го признава и самата авторка кога во воведот вели дека работите толку се променети за само 7 години, што сега би требало да се напише сосема нова книга. Таа би отсликала многу подраматична ситуација на „егзил“ на книжевноста од масовните медиуми, и нејзино селење, додуша во изменет вид, на блоговите и социјалните мрежи.
Книгата содржи сега веќе историски примери и на почетоците на блогосферата, како и (главно хумористични) коментари и дискусии на книжевни теми на социјалните мрежи („Цвета џојнд д груп Секој треба да има трето дете. Спасе: WTF?"). Тука прашањето на пре-пишувањето или поточно пре-бришувањето на историјата е уште поактуелно - речиси сите наведени блогови одамна не се активни, а целосно беше избришана и архивата на Букбокс на некогашен он.нет, со чиј линк рубриката е наведена во книгата. Ова го потенцира проблемот на наведување линкови во каква и да е книга на хартија (во оние електронските барем можат да се апдејтуваат), но освен овој практичен аспект укажува на нешто многу поважно - на огромната динамика на промени во нашиот медиумски простор во последните неколку години, кои се одразија на сè, па и на промовирањето и доживувањето на книжевноста. „Секој статус за три дена“, се цитира фејсбук поговорката во книгата. Исто како и секоја вест од културата за пет минути (или пет реда), ако воопшто ја има.
Ѝ благодариме на Александра што на едно место ја собрала на моменти тажната историја на нашиот медиумски и општ однос кон културата. Истовремено, ѝ посакуваме челични нерви при водењето на контактната емисија „Збор по збор“ на Алфа, и никако не откажување од пишување за книжевноста, па макар и во егзил.
Промоцијата на книгата е во петок, 12.4 во галеријата на МКЦ. За неа ќе зборуваат Елизабета Шелева и Сашо Прокопиев.
Илина, Букбокс