Се сеќавате на оние дебелèи книги од југословенско време со многу фотографии, „Сам свој мајстор„ и „Уради сам"? Додека нашите претци гледале сè да прават заедно, не само затоа што е полесно некој да ти ја придржува шајката дур ја ковеш, туку и за да имаш со кого притоа да пиеш пиво, за 'модерниот' човек стана битно с да може да прави сам. Независен во стругањето паркет, но и сосема автономен во донесувањето животни одлуки и решавањето проблеми, дури и кога е суверено неодлучен, или крајно самоуверен во тоа дека не може да ги реши.
Можеби затоа никогаш не сум ги сакала книгите за таканаречена 'самопомош': ако бараш помош, макар и во форма на книга, тогаш технички не си, и не сакаш да бидеш сам. Во оние напишани по сите тертипи на бестселер од ваков тип, авторитативниот 'докторски' тон е заменет со оној на пријателски совет - никој не сака да биде подучуван, ама на сите понекогаш ни треба некој да ни ги објасни работите к'о на петгодишно дете. Напишани во квази-научен стил, илустрирани со дијаграми и поткрепени со статистика, што би требало да асоцира на авторитет, но истовремено не и премногу интелектуални, ваквите книги сепак најмногу му помагаат на нивниот автор. Да се збогати.
„Кога мажот ја сака жената" сепак не е 'петпарачка' како што тоа можеби изгледа на прв поглед. Напишана е врз основа на принципите на таканаречената „трансакциона анализа", хибрид помеѓу психологијата и психотерапијата, кој се обидува односите помеѓу луѓето да ги сведе на еден многу едноставен модел. Имено вие, исто како и вашиот соговорник, во одредена ситуација може да се наоѓате во една од следниве 'его состојби' - да бидете родител, дете или возрасен. Односот возрасен-возрасен се промовира како најпродуктивен, бидејќи подразбира објективност, разумност и логичко расудување.
Клод Стајнер, ученик на основачот на трансакционата анализа Ерик Берн, познат по Games that People Play од 1964, се обидува овој модел да го примени на машко - женските односи. И повторно би можеле да бидеме резервирани, да не е еден мал, но битен момент: во ерата на пост-феминизмот, кога веќе не се знае ни кој родово пие ни кој родово плаќа, на мажите (или барем на некои од нив) изгледа им е потребен 'прирачник' од ваков тип. Иако сигурно и неолитскиот човек се чудел зошто жена му м'рчи, на западниот маж од дваесет и првиот па ич ништо не му е јасно. Од него се очекува да биде „и сух и дебео", и стереотипно машки самоуверен, но и речиси мајчински нежен, да знае да пресече ама да биде и толерантен, да ракува со огнено оружје ама по потреба и да плете...И како после да не бидеш збунет?
Стајнер го дијагностицира проблемот и нуди решение, обидувајќи се да ги „описмени" модерните мажи во емоционална и сексуална смисла, така за тие да им се приближат на нивните сега веќе описменети и еманципирани невести, љубовници и жени, а притоа сепак да останат и возрасни, и машки. Навистина малубројни се ваквите проблематизирања на незавидната положба на мажите во современата култура, кои како да станаа оние 'подјармените' и 'маргинализираните'. Тоа е уште една, и можеби главната причина, зошто оваа книга заслужува почит.
Долго време индоктринирана со социо-биолошка литература, станав посклона да им верувам на споредбите и советите за човечкото однесување кои предвид ги земаат не (толку) другите луѓе, туку патките, шимпанзата или некое г'ну. Но кога мажот ја сака жената, особено својата..Тука ми запира секоја иронија.