Биографијата на Владо вели дека тој е писател и уметник од Сиднеј, кој ужива во она што го работи кога тоа му го дозволува мачорот Бромо. А изгледа Бромо и не е толку палав, штом до сега му дозволил на неговиот хранител (и галител) да напише три романи (едниот под наслов „Мaде ин јабана“ е објавен на македонски, двата други се во ракопис и чекаат некои подобри времиња), збирка раскази („Нема враќање“, издадена на македонски), како и пет графички новели, меѓу кои и „Дали сум Ози?“ („Дали сум Австралиец?“).
Ако имате роднини „даун андер“, кои (фала богу) сè уште се сеќаваат на вас, испраќајќи ви по 20 долари уредно спакувани во алуминиумска фолија во честитка за Божик, па дури и ако немате никаква генетска врска со македонската дијаспора, стереотипната слика за македонски иселеник на овој континент е истата - се дружи и се венча само со „наши“, ако воопшто зборува македонски се изразува на мешап од архаичен дијалект наследен од бабите и дедовците со австралиски акцент („Пол, Пол, елај да ја изејш кексата“), а патриотизмот кон стариот крај го зипува во безвременското „Македонија цела да е“.
Ама ваквата слика неправедно ги прескокнува оние претставници на дијаспората кои интроспективно и уметнички се обидуваат да го преживеат и да ни го пренесат искуството на мигрантството, прилагодувањето на друга култура, на сите тие коали, кенгури и црвеногрби пајаци, на вкусот на Вегемајт-о (густа паста направена од...нешто...зачинета со...нешто...со вкус на бљак), восочните фигури на Нед Кели и кралицата, тетоважите и климата. Искуство преточено во „Дали сум Ози?“, кое понекогаш прави авторот да се чувствува како да нема глава на рамениците, а пак друг пат како да ги има две - една македонска, друга австралиска, едната која се одзива на „ози“ алтер-егото Оскар Флејк, а другата на Владо Јаневски.
Има тука и иронија, и автохумор, и стоицизам и скептицизам, но најмногу од сè еден непретенциозен однос кон себеси и другите, без оглед дали се тие припадници на човечкиот или на животинскиот свет, на комшискиот двор или на дневната соба, на Македонија (вечна-да-е) или на Острелија (пуста-да-е). На сите нив Владо им простува, за она што се. А тој, како што заклучува на крајот на книгата, дефинитивно е Ози.
Графичката новела за Киндл може да се купи тука
Музичка илустрација за послесно снаоѓање со страните на светот (кај е „доле“, а каде „горе“)