Од навидум ситен измамник со маргинално влијание врз текот на настаните, за каков што се прикажува самиот, во текот на филмот гледачот Кинт станува не само главниот наратор, туку и главниот создавач на ликовите и настаните за кои раскажува. Неверојатно прецизен, крајно луциден и игрив, тој со наивна фаца и тивок глас го 'вози' инспекторот низ приказната, користејќи ја секоја негова психолошка слабост. Особено мистичен е ликот на Кајзер Созе, наводниот клучен играч во криминалната пресметка за која станува збор, кој има статус на урбана легенда - сите чуле дека тој постои но никој, дури ни луѓето кои работат за него, не го видел. „Кој и да е Кајзер Созе вечерва ќе се начука", изјави Кевин Спејси кога сосема заслужено му беше доделен Оскар за споредна улога за улогата на Кинт, додавајќи дека најблиску до него е сепак - режисерот на филмот.
Ако во филмот тоа е режисерот, во литературата писателот по дефиниција е Вербал Кинт, 'малиот бог', создавачот на сопствените ликови. Но што ако ликот на кого е посветен одреден роман е всушност - отсутен? Таква ситуација имаме во „Игра во недоглед" на Димче Николовски, роман на чија прва страница пишува дека е посветен на Павел Шатев. Сепак лик со такво име во книгата не постои, постојат само претпоставки, делчиња од мозаикот-идентитет на овој лик, кој слободно можел да биде и кој било друг познат, и можеби контроверзен лик од историјата, од Наполеон до Хуго Чавез.
Она што на авторот му е поважно од тоа за кого се работи во романот е тоа како се работи, односно методологијата на создавањето на ликот, кој е истовремен производ и на индивидуалните, но и на колективните претстави за него, на историските документи но и на личните предубедувања кои често се клучот за нивното толкување. На почетокот на книгата шест луѓе се заклучени во една просторија каде би требало да поминат десет дена, со посебна мисија која се дефинира додека се случува. Како што целиот процес е work in progress, и неговиот крај, во временска и во секоја друга смисла, е непознат, така не е познат ниту крајниот арбитер - врховниот создавач на ликовите, бидејќи ликовите се ко-создаваат едни со други во текот на постепеното разотривање на оној кој е всушност нивната загатка, ликот на Павел Шатев. „Кој е Кајзер Созе?", би можело повторно да се запрашаме, кој е оној кого го нема? Дали ултимативниот создавач на нашиот индентитет и идентитетот на ликовите со кои колективно се идентификуваме е некоја мистична сила која нè држи во заточеништво, или тоа сме сепак „ти" и „ние"?
Тоа што Димче Николовски, или како што го викаат неговите пријатели - Димса, по професија е театарски режисер, воопшто не е случајно. Режисерот, исто како и актерот, постојано се бави со идентитетот на неговите ликови, препрочитувајќи го и толкувајќи го - тој најдобро ја познава нивната флуидност и можноста (па понекогаш дури и потребата) тие да се деконструираат, не нужно за да се исмеат, туку пред сè за да се разберат. Токму поради „театарската" основа на Димса која не може а да не се почувствува, овој инаку негов прв роман се чита и како драма. Му посакуваме навистина да се драматизира и да се игра во некои од нашите театри. До тогаш, играта ќе се игра во недоглед, на страниците на овој роман, сè до моментот кога неговите ликови ќе го завземат тронот, а отсутен наместо главниот лик ќе стане - авторот.
"And like that... he's gone."