пишува: Илија Дуковски
Неретко ми се случува, на македонскиот дел на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук, да наидам на објави со слики на змии, најчесто убиени, каде се бара идентификација. Се јавуваат десетици, понекогаш повеќе од сто одговори. Скоро сите велат дека змијата на сликата е опасна и треба да се убие, веднаш. Добар дел тврдат дека се работи за шарка или поскок, кои, како се верува, се смртоносни. Еден гриз, и готов си. Реалноста е дека до сега немам видено ниту една објава со шарка или поскок. Најчесто се работи за еден од видовите на смок, потполно безопасни змии. Или пак белоушка, змија која живее околу водни површини и во густа вегетација, и секако исто така потполно безопасна. Понекогаш се случуваат и навистина пријатни изненадувања, како прекрасната змија стелец (или џитка) која неодамна некој ја најде и објави на Фејсбук. Да, и џитката е безопасна. За среќа, во последно време се јавуваат и одговори кои правилно ги идентификуваат змиите и кои апелираат да не се убиваат.
На прашањето од оние на кои сите змии им се опасни и гнасни, „од каде знаете па вие која е змијата,” одговорот често е „од книгата на Марко Наумовски, Македонските водоземци и влекачи”. Објавена е во 2023 година, издавачот е Природонаучниот музеј во Скопје, во тираж од 500 примероци, и ова е, ако не се лажам, прва македонска книга од типот на Field guide, како што се нарекуваат на англиски. Додека го пишувам овој осврт, ми станува јасно дека не ни знам кој е соодветниот македонски збор за овој тип на публикација. Тоа не е ни чудно, до сега не ни дојде тој збор на ред. Гугл вели „теренски водич“ и ми се чини дека тоа е добро решение.
Книгата е прва македонска од овој вид и е одлична. Во стилот на типичен теренски водич, содржи опис и илустрации за идентификација на сите македонски водоземци (дождовници, мраморци и жаби) и влекачи (желки, гуштери и змии). Еден е од поквалитетните теренски водичи кои ги имам на полиците дома, а имам околу четириесетина. Печатот е исклучително добар. Сликите се не само убави, туку и добри за идентификација, го прикажуваат животното во неколку пози, од различни страни. За секој вид приложена е и слика на неговото типично живеалиште. Текстот содржи детален опис, кој заедно со сликите овозможува во потполност идентификација, и за нас кои не сме експерти по херпетологија (науката за водоземци и влекачи). Следи опис на живеалиштето, однесувањето, исхраната и размножувањето. Кај змиите отровници вклучен е и текст за отровот. Текстот е наменет и разбирлив секому, со лесен јазик, без стручни изрази. Сепак, доволно е детален и прецизен и на студентите по биологија ќе им биде незаменлив водич.
Теренските водичи за животни и билки се присутни во западниот свет околу деведесетина години, започнувајќи со Водичот за птиците на Роџер Тори Питерсон, издаден во САД во 1934 година. Од тогаш, скоро секои 5-6 години се објавува по еден, за сите можни животни, дрвја, билки, од различни автори, со различни стилови. Оној на Бонд (да, Џејмс Бонд) за птиците на Карибите, неодамна беше муабетен тука во Букбокс. Денес верувам дека нема ќош во светот кој не е покриен со некаков водич за птиците и цицачите. Националните водичи се присутни во сите земји на, ајде да го наречеме, индустриски развиениот свет. Со оваа книга, Марко Наумовски ни ја отвори вратата кон тоа друштво.
Имав чест и задоволство да се сретнам со Марко. Со херпетологија се занимава како хоби. Од жабите и желките, разговорот ни отиде кон гуштерите и змиите. Од него дознав дека во Македонија постојат три вида на отровници опасни за луѓе. Шарката и остроглавата шарка (вид различен и многу поредок од шарката) кои живеат над 1500 метри висина и поскокот кој живее на каменести терени. Каснувањата се многу ретки, а посериозни случаи речиси и да не се забележуваат. До сега не е забележано каснување од остроглавата шарка, на пример. Најчесто каснувањата се случуваат кога некој ќе се обиде да ја фати змијата со раце. Така, страдаат угурсузи кои си немаат работа да чепкаат змии отровници, и со кои би требало да се занимава законот.
За крај, треба да се каже колку се убави овие животни. Од дождовникот со прекрасниот жолто-црн контраст, до необичната лукова жаба со огромни очи, гуштерот ријачка кој изгледа како змија која заборавила дека не треба да има нозе, змијата песочна боа (да, имаме македонска боа) која како да залутала тука од Африка, и секако поскокот со поглед кој скаменува. Знам дека не секој е љубител на жаби и змии, но се надевам дека оваа книга ќе помогне да се разбијат митовите и недоразбирањата кои за нив постојат во нашата традиција, да ни ја покаже нивната убава страна, и да ни ги приближи, макар и од комфорот на некоја удобна фотеља. Кој знае, можеби ќе мотивира некој млад иден херпетолог, да излезе во природа, и да направи своја колекција на наоди и слики на водоземците и влекачите во неговата околина. Купете ја книгата, прошетајте низ неа и размислете, кој ви е омилен вид.
Мене мислам дека најомилен ми е кочиевиот гекон. Тоа е мало гуштерче кое живее во згради и куќи, таму каде има луѓе. Овој и слични видови има во тропските и суптропските предели, и низ светот ги викаат домашни гекони. И ги сакаат, затоа што им ги јадат бубачките по дома. Прв пат го видов во пицерија во населбата Аеродром. Потоа неколку пати видов слични видови домашни гекони во Костарика, Галапагос и други тропски предели. Така е и претставен во книгата на Марко Наумовски, како украс на нашите градови, со слика на која потполно соодветно е претставено неговото живеалиште, градот Скопје.
Книгата може да се нарача од авторот тука
Претходно од Илија Дуковски во Букбокс