За автори кои во подоцнежните години од нивниот живот се повлекле од јавната сцена, а доживеале длабока старост, тоа и не е толку чудно - и за Леви-Строс, кој доживеа стотка, додека умре не знаевме дека до скоро бил жив. Сепак случајот со Селинџер е малку специјален. До почетокот на педесетите, кога започнува неговото повлекување, тој имал напишано само еден роман, една збирка насловена Девет раскази и 20 други раскази објавени во литературни списанија. Никој не знае со сигурност на што се должи неговото понатамошно физичко, и делумно книжевно отсуство, кое траеше до неговата смрт - како главна причина обично се наведува неговиот контакт со Зен будизмот и хиндуизмот, кои барем во неговото толкување подразбирале и социјална изолација.
Во 1953 тој се сели од бучниот њујоршки Менхетен во провинцискиот Корниш, Њу Хемпшир. На почетокот има контакти со тинејџерите од локалното средно училиште, за кои неговиот „Ловец во р'жта", исто како и за останатите адолесценти од педесетите, била „неопходниот прирачник од кој можело да се научи како да се биде незаинтересирано кул". Ги канел на гости, им пуштал плочи и ги советувал околу школските проблеми. Но откако една од ученичките го убедила да даде интервју, и го објавила во локалниот весник, тој без никакво објаснување ги прекинал сите контакти. Веќе ретко го гледале и низ градот.
Во 1961 тим на магазинот Тајм заминува за Корниш за да направи интервју во Селинџер. Исто како и на подоцнежните „ловци" (еден од нив е и познатиот Бегбеде, авторот на 99 франци, кој од својата потрага има направено и документарец) тие не успеваат во својата намера. Сепак текстот од петок, 15 септември 1961, иако главно базиран врз ѕиркања преку плотот на неговата семејна куќа и оговарања од комшии, дава интересен увид во атмосферата околу Селинџер и неговиот начин на живот. За нас сепак тој е најинтересен затоа што токму 1961 е годината на Френи и Зуи, книгата која ви ја претставуваме денес, а чие објавување е најавено токму овој текст.
Составена од два претходно објавени раскази, Френи и Зуи ја следи линијата на социјална критика карактеристична за Селинџер, но го содржи и јасниот религиски поттекст, не нужно поврзан со некоја конкретна религија, туку повеќе за верата како таква. Од долгиот текст кој можете во целост да прочитате тука пренесуваме краток дел:
„Повремено го гледаат како работи во Дармутската библиотека, носејќи, како што тоа го има опишано еден негов пријател, истрошена волнена блуза и брада ко Џингис Кан. Неговите работни навики не се имаат променето: Селинџер си носи спакуван ручек во неговата зацементирана одаја, и работи од 8:30 наутро до 5: 30 попладне. Може да го добиете на телефон во библиотеката, но како што вели една негова роднина ’само ако му гори куќата’. Кога не работи, Селиџер гледа телевизија како некаква домаќинка".
По неговата смрт излегоа гласини дека во оставштината на Селинџер има голем број необјавени ракописи. Во ретко интервју од 1974 за Њујорк Тајмс тој има изјавено: „Има некаков голем мир во тоа да не објавуваш. Сакам да пишувам. Многу сакам да пишувам. Ама само за мое задоволство." Да се надеваме дека неговиот мир ќе биде почитуван, макар и на наша штета.
* * *
Издавачот Табернакул доделува еден примерок од Френи и Зуи на сегашен или некогашен тинејџер кој на ќе ни каже дали и зошто му се бендисала Ловец во р'жта (под услов нели да ја читал).