Границата помеѓу литературата и животните стории собрани во етнолошките архиви, или оние усно раскажаните и несочувани, е флуидна, исто како големите води. Во тоа пространство од настани, ликови и внатрешни доживувања малку нешта се сигурни - можеби датумот на нечие раѓање или имињата на сродниците. Сето останато е калеидоскоп на податоци кои со мало протресување на приказната можат да се наместат на сосема поинаков начин, давајќи за нијанса поинаква слика за она за што се раскажува.
Етнолозите многу добро го знаат овој аспект на својата работа - собирањето податоци од соговорници - со кој се занимаваат четири години во текот на студирањето, а потоа целиот професионален живот. Пробивањето низ густежот на нивните нарации е тешко само ако човек бара некаква голема и непобитна вистина која го чека на нивниот крај. Целта е всушност сосема поинаква, да се отслика комплексноста на секојдневниот живот, мноштвото перспективи и можни одговори на прашања кои можеби и не сме претпоставувале дека требало да бидат поставени.
Зарем не е тоа истото со што се занимава и секоја добра книжевност? Ликовите на Сантијаго, Ана Каренина или Раскољников не се од некоја друга планета; тие се претставници на човештвото со сите негови стравови, желби и нагони. Хемингвеј, Толстој и Достоевски се во основа антрополози кои само вешто комбинираат документарни детали за едно време и за една ситуација во која се затекнати нивните ликови, и начините на кои тие излегле (или не) на крај со неа. Точно истото што го раскажува баба Нада во својата животна приказна.
Таа е само една од 12-те оригинални архивски материјали кои се дел од книгата „Етнологот како писател:писателот како етнолог“ (уредници: Илина Јакимовска и Јасна Котеска), чиј наслов е асоцијација на книгата на Клифорд Гирц „Антропологот како писател“ (преведена на македонски тука). Има тука необични животни стории (како онаа на Чекуш, која послужи и за аудио подкаст), интервју со првиот книжевен преведувач на македонски, сведоштва за начинот на живот во услови на печалбарство во струшките села, сеќавања на Првата светска војна, историја на рокенрол бенд итн. Низ серија работилници одржана во текот на летниот семестар 2020, студентите врз основа на овие материјали требаше да создадат свои дела во жанр по сопствен избор (поезија, есеј, епистоларна литература, стрип...). Резултат се 25 толкувања на архивските материјали, кои за повеќето студенти се и прва објава во книга.
Како илустрација еве дел од сведоштвото на Нада, во контрапункт со едно од толкувањата во кое таа станува лик од „Игра на тронови“.
Книгата може да се нарача тука
ОРИГИНАЛЕН АРХИВСКИ МАТЕРИЈАЛ
(снимено во Охрид, 2004, транскриптот е правен согласно оригиналната снимка)
Риби фашчаше м'жот ми, си беше газда, имаше свој влакој, чуној, со аргати работаше, аргати идаја. Со влакот, со чунот ќе дојдеја аргатите, ќе одеа ќе ловеа, а ко ќе си одеа аргатите, ена банка му даваше. Ако фатеше риби појќе, по три риби на прстите ќе му закачеше-чорбалук. Чорбалок се викат рибиве шо му и даваше. Аргатите беа охриѓани, Турци, студенти идаја. Кој не идаше.
Седумнајсет години живевме со м'жот. Од срцето умре в ен час, апанцас умре. И останав со три деца и свекрва ми. Девер ми се жена, си се дели. Јас видов-не видов, к'ј да одам. Немавме имоти нешто. Имавме од м'жот сиве алати, мрежи ова-она. Тогај имаше со блинкерот риби и јас почнав да си одам на риби со син ми Филип. Дејна-ношја... ношја фрлавне мрежи, дејна одевне на блинкер. Фашчавне риби многу. И со м'жот ми одев ко беше жив, му поможвев. Знаев. Веслав. Сега имаме мотори три-четири. Тога немаше мотор. Одевне со веслајне. Од сабајле од три сатот, до вечер до седум, со веслајне, по езерово веславне и фашчавне риби. Рибите ми и земаше Ѓоре Дуко во Палас. Беа со м'жот ми пријатели, таму и носевне. Јас ќе одев со кајчево со детево, али Јаким али Фило, во зимбилот рибите десет кила-петнајсет, ќе му и однесевне на Ѓорета, тој работаше во Палас, шеф беше. И рибите ќе и туреше фрижидерите. Не и претргвеше рибите мој. Јас ќе и тргав. Парите в р'це му и даваше на детево. Јас со кајчево ќе го однесев онде пред Палас. И така, срце, години ногу, двајсет години одев дејна и ношја на риби. Дејна и ношја! То работав. Никој не одеше. Прву јас ојдов. Прва жена јас ојдов на риби. Дејна и ношја на риби. Јас парите шо и берев од рибите и чував за децава да одет на студија. И така, бире, години ногу поминаја и многу се м'чев по водава. Ќе одеше и ќерка ми. Ко ќе месев леб, ко ќе перев, ќе одеше и ќерка ми да ловит риби со брат је. Сиве одевне. Сиве, се менвевне. И така сум проживела многу м'чен живот. Многу м'чен! Али ипак, пак бериќатв'рсан децава порастеја, ми се изучија. Со свекрва ми од ко умре м'ж ми двајсет години живеав со неа. Многу, бире, убо, многу ме сакаше. Бог да ја простит.
ИНТЕРПРЕТАЦИЈА
Вести од ТheOnion.com: Дали GoT ќе нѐ запознае со нов лик?
Сара Цветковска, студентка на Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ, УКИМ
Со завршувањето на последната сезона на „Игри на тронови“, се зборува за продолжување на серијата со алтернативен крај. Следната година ќе се започне со снимање на истите локации, но овој пат ќе имаме и можност подобро да се запознаеме со мистериозниот остров Исторос и неговите различни култури. Авторот, Џорџ Р. Р. Мартин, ја објави приказната за тоа како може да заврши серијата и што да очекуваме.
Изгубената кралица на Северот
Основач на семејството Старк е Бран Градителот, легендарниот прв човек кој живеел во времето на Хероите и градителот на sидот. Старксови владееле како кралеви на Северот и владетели над помалите кралства, а нивните главни ривали за доминација биле семејството Болтон. На крај, Старксови го обединија Северот, ги поразија Болтоновите и ги избркаа пиратите од Белиот нож.
По смртта на Нед Старк се случија многу работи. Најстариот син, Роб, започна војна за да бара правда за татко му, но го изгуби сопствениот живот. Најстарата ќерка, Санса, се омажи за Тириен Ланистер, па подоцна за Рамси Болтон, од кој доживува тежок удар.
Арија беше киднапирана и отиде во Бравос да тренира, Бран откри дека има нова моќ, а Рикон, најмалиот син, беше убиен од Болтоновите. Синот на Нед, Џон Сноу, кој Нед го имаше со друга жена, замина да стане чувар на sидот. По многу години, семејството се обедини за војна против Кралот на ноќта и неговата Армија на мртвите. Бран добива визија и се дознава дека Џон не е син на Нед, туку негов внук. Неговата вистинска мајка е Лијана Старк, помалата сестра на Нед, и Рејгар Таргериен, постариот брат на Денирис. Се дознава и дека Џон имал сестра близначка. Откако ќе ја пронајдат, ќе дознаат дека живеела во село блиску до Винтерфел. Се викала Нада, сиромашна рибарка, која била оставена една студена зима пред вратата на еден рибар. Нада ќе им помогне во војната. Во текот на војувањето, се открива дека мечови направени од валирски челик може да го убијат Кралот на ноќта. Во војната Џон ќе го загуби животот. Нада ќе стане кралица на Северот. Армијата на мртвите се движи кон југ, Старксови и останатите семејства од Вестерос се обединуваат за втората и последна војна против мртвите. Дали Нада ќе стане кралица на седумте кралства?
Луѓето на Твитер имаа помешани чувства за овој алтернативен крај, некои велеа дека звучи интересно, други, пак, беа разочарани и велеа дека не се совпаѓа со книгите. А за тоа кој ќе ја глуми Нада, Мартин изјави дека би сакал тоа да биде Марија Шерифовиќ. Мисли дека е совршена за улогата, но е и голем фан на нејзината музика. За повеќе информации за GoT, Stay tuned.
Фанови си ги споделуваат своите размислувања: