Букбокс читанка

„ДИЈАЛЕКТИКА НА ПРЕОДНИОТ ПЕРИОД“ од Виктор Пељевин

Само што си рековме дека ќе го затвориме дуќанот, и ќе заминеме раат на одмор, почнаа да пристигнуваат сериозни индикации за постоење на нам непознат автор, за кој дури и сега, откако по итна постапка прочитавме две негови книги, се уште не сме сигурни - дали е луд или гение.

Но зошто да се ограничуваме со етикети, кои и онака не се доволни за да се опише начинот на кој пишува (а веројатно притоа и мисли) некој како Пељевин. Самиот наслов на неговиот расказ, Македонска критика на француската мисла, содржан во збирката „Дијалектика на преодниот период" беше доволен да нè натера да почнеме истиот да го преведуваме. Но кулминација на поривот настапи со нафтената криза во Грција, кога едноставно стана јасно дека работата од лежерна станува неодложна. Во продолжение ви пренесуваме дел од расказот кој претставува теориска разработка на главните проблеми на денешнината: ужасите на глобалниот капитализам, финансиската олигархија, стерилната интелектуална врхушка и среде нив - современиот човек, чиј затапен ум, препиен од нафта, како пегла тоне во г..ната на цивилизацијата.

Пељевин пука од сите оружја, на начин кој самиот го нарекува 'македонски', без нишанење и со двете раце, прецизно и без (француското) пардон. Никој не е поштеден, но цинизмот е и автореферентен - ако од време на време неговото пишување е нелинеарно и конфузно, тоа е далеку од случајно. Поуката е: никој растен на јаслите на западната цивилизација, макар и бил роден во источен, социјалистички антипод на се' што се подразбира под „Запад", не може да го задржи здравиот разум и да остане 'нормален' при влевањето во нејзините текови. Тоа веќе и не е прашање на добар вкус или избор, туку императив, не само за интелектуалците и бизнисмените, туку и за земјоделците и камионџиите. По своите години (роден е 1963) и образование Пељевин е еден од „влеаните", но не и асимилирани современи автори, претставник на нешто што веројатно може да се нарече нова руска авангарда.

Џабе е понатаму да ви раскажуваме, за врската помеѓу Бодријар и „Враќањето на мумијата", за тоа што е „сулфурен фактор" и како настанува човеконафтата - прочитајте дел од расказот и замислете си го крајот, кој претставува практична примена на сета претходно разработена теорија. Или барем обидете се да го замислите...

Совет до оние кои нè читаат од далечните Лефкада или Санторини: ако сте изнервирани затоа што резервоарот ви е празен, пробајте со методот на 'македонска критика'. Ете, после Пељевин, освен 'македонска салата', си имаме и светски брендирано интелектуално оружје. Особено добро функционира во туѓина, и тоа на национални празници:)

МАКЕДОНСКА КРИТИКА НА ФРАНЦУСКАТА МИСЛА
Виктор Пељевин

Секоја концепција претставува основа за дуалистичка состојба на умот,
а тоа создава понатамошна сансара.
Тулку Урген Ринпоче

Целата вселена мириса на нафта.
Вилијам Џејмс

Според социјалниот статус, Насих Нафиков, за пријателите и Интерпол попознат како Кика, беше типичен нов Русин на епохата на првобитната акумулација на карма. Навистина, по националност не беше Русин, но некако е тешко да се искрши јазикот изговарајќи „нов Татарин". Затоа повеќе сакаме да ги изоставиме етикетите, и едноставно да ја раскажеме страшната и фантазмагорична приказна заради која некои чувствителни луѓе, запознаени со неговиот случај преку таблоидите, го нарекоа Жил де Рек на нашето време.

Нафиков се родил во Казањ, но пораснал во Европа. Неговите рани денови - времето кога се формира скелетот на личноста - минуваа најпрвин во англиски градинки, а потоа во космополитски училишта за деца дипломати. Кика за цел живот го имаше запомнето стихот кој висеше над лавабоата во една од тие установи:

We condemn in strongest terms,
Dirty nails that harbour germs!

Впечатоците од детството, кои родителите не можат да ги контролираат, направија од Кика повеќе Европјанин отколку „евроазијат", како се нарекуваше себеси неговиот татко, кој многу го сакаше тој термин и често го користеше за синот. А на синот му се чинеше дека тој страшен збор означува човек кој, кога е во форма, може да се смета за Азијат во Европа и Европеец во Азија. Самата пак Евроазија, за која татко му често размислуваше, му изгледаше како некаква виртуелна Атлантида, која потонала во порто многу пред тој да дојде на свет.

Во мигот на раѓањето на синот, Насратула Нафиков бил висок партиски функционер во Татарстан: во мигот на својата смрт - нафтен магнат, кој партиската рента успешно ја заменил со природна. Доживеал мозочен удар кога дознал за владината одлука - дали за смалување на некакви квоти или за зголемување на данок. Но не му дале да умре со природна смрт - во самата болничка соба го докрајчил снајпер. Се зборуваше дека тоа бил самиот Александар Солоњик, наречен Аце Македонски, заради неговиот необичен талент за пукање на македонски начин - со двете раце и без нишанење. Откако лумпувал и се потрошил во Казањ, тој наводно прифатил дополнителна работа, за да си ја поправи ситуацијата. Во прилог на оваа верзија зборуваше и фактот дека на таванот на зградата крај болницата пронашле белгиска автоматска пушка калибар 5,45 - истиот модел кој познатиот уметник-ликвидатор секогаш го бирал во слични околности. Спротивна на оваа верзија беше гласината дека Солоњка го убиле во Атина многу пред опишаниот настан. Дали е потребно да се нагласи дека токму заради тоа народот веруваше во првата претпоставка?

Кика Нафиков слабо ги разбираше руските реалности и не му беше до крај јасно што е вистинската причина за трагедијата. На инсистирање на татко му студираше филозофија на Сорбона, но имаше и некакви економски предзнаења. Можеше да се снајде со сето она што беше врзано за даноци и квоти. Но, како што тоа го објасни тажниот гласник од татковината, причината всушност била тоа што татко му „го фатил за јајца сивото магаре", што не би требало да се прави, затоа што „грбот во ќош не помага". Вчудоневиден од магичната сила на рускиот јазик, кого го владееше нешто помалку од англискиот и францускиот, Кика не се задлабочуваше во детали.

Нафиков постариот многумина го жалеа: покрај сите свои деловни вештини тој беше добар човек - еден од оние советски идеалисти чија причина за појавување во СССР засекогаш ќе остане тајна на универзумот.

Смртта на таткото која се поклопи со крајот на школувањето го направи Нафиков-помладиот богат човек - многу богат по мерилата на која и да е земја. Шетајќи се по Европа Кика запре во Франција, на Кап Фера, каде покојниот Евроазијат уште во советско време успеа некако да евроазира мала вила. Градбата во стилот на пуебло беше коцка со боја на песок со проѕирен покрив - би изгледала умесно некаде во Албукерки, Ново Мексико. Високата ограда ја криеше од несакани погледи и се гледаше само од морето. Седумте бронзени слончиња, дело на уметникот Церетели, кои Нафиков-постариот ги постави за време не Јелцин на ридот кој се спушташе кон водата (најголемиот беше тежок како тенк „тигар", на кого Кика се сеќаваше од детството), беа фрлени во Средоземното море од екипа работници кои од синот добија богата награда за работата во ноќните часови. Не беше работата во рамнодушноста на Кика кон уметноста. Тој се сомневаше дека тие ѕверови за татко му биле некој вид противтенковски мини, повикани да го заштитат од притосокот на стварноста. Тоа го правеше уште посериозен поводот за нивното отпуштање заради нерентабилност.

Тешко е со сигурност да се каже кога почна Киканата душевна болест. Гласините за тоа како се штукнал во паметот прв пат се појавија заради новините кои ги вовел во неговата вила. Во секоја просторија, дури и во малата вежбална со универзален тренажер покриен со слој прашина, кој личеше на Велсовски марсовец, беше поставен по еден телевизор, кој од утро до мрак го прикажуваше детскиот канал на германската телевизија „Кика", каде главно се даваа цртани филмови. На телевизорот немаше ништо друго. Многумина сметаа дека заради таа настраност Кика и го добил својот прекар.

Нафиков помладиот не знаеше германски, и во подрумот имаше опремена просторија за симултан преведувач, кој постојано преведуваше се' што се прикажуваше на телевизискиот канал. Пред крај на денот преведувачот се уморуваше и почнуваше да се збунува, но Кика заради тоа не се лутеше, бидејќи грешките понекогаш изгледаа смешни. Наскоро сепак мораше да се земе и втор преведувач, и да ја подели работата на две смени, бидејќи еден веќе не можеше да постигне сам.

Тогаш еден пријател на Кика се сети да ги части преведувачите со некакви амстердамски таблети, кои кај нив предизвикуваа збрка во мислите и неразбирливо бесмислена зборливост. Преводот стана многу забавен, и кај Кика гостите почнаа да доаѓаат специјално за таа точка. Преведувачите сфатија што се бара од нив, и се смирија откако се изборија за додаток заради ризик на работно место. Надуваните гости на Кика едниот преведувач го викаа Урим а другиот Тумим - по аналогија на небеските камени преведувачи од мормонската Библија.

Според други извори прекарот „Кика" Нафиков го стекнал многу порано, уште за време на студиите по филозофија во Париз. Тоа име наводно му го дал научниот раководител, сметајќи дека вистинското сфаќање на филозофијата може да се разбуди кај ученикот дури кога тој несебично ќе го прифати во себе пламенот кој гори во учителот. Конкретната технологија на предавање на светиот оган му се причинила на дојденецот од руската провинција малку необична, но стремењето кон префинетиот европски идеал било појако од збунетоста и срамот. Во секој случај, така говореше Зураб (Зизи) Мердашвили, покојниот филозоф, со кого Нафиков го проучувал семудрието (во дело за кое ќе стане збор подоцна Кика етимологијата на овој термин не го изведува од синтагмата „сета мудрост" туку „секој кој има муда").

Сеќавањата на покојниот Зизи, кои не се запишани никаде, и кои до нас дошле само низ усмени прераскажувања, се премногу несигурна потпора за тврдењата кои би можеле да имаат правни последици. Затоа нема да го именуваме професорот кај кого учел Кика. Тој е уште жив, и неговото звучно име е познато и вон стручните кругови. Ќе се ограничиме на алузија: се работи за филозоф кој последниве години е позициониран како секс-симбол на мислечките Французинки, од 45-60 години.

Да повториме - не можеме да тврдиме дека колегата на Нафиков ја зборувал вистината. Но не може а да не се забележи дека неговите зборови доста објаснуваат - и врзаноста за телевизискиот канал „Кика", и неприродната, со јасен предзнак минус, опседнатост на Нафиков со француската филозофија, чие раскринкување станала главна страст на неговиот живот. Мораме да додадеме: сето тоа би било смешно, да не е толку страшно. Но пред да преминеме на пострашниот дел од оваа приказна ќе завршиме со смешниот - затоа што тука едно произлегува од друго, постепено и незабележливо.

Кика себеси се сметаше за мислител, кој во многу нешта ги надминува неговите француски учители. Тоа е видливо од насловот на неговите први трудови: „Каде киксирал Бодријар?", „Дерида од дудук" и слично на тоа. Тешко е да се раскаже за што се работи во тие текстови - за неупатениот тие биле исто толку неразбирливи колку и делата на големите Французи за кои се говори во нив. Но реагирањата на упатените се нејасни и опширни: се наметнува заклучок дека без Сорбонскиот професор и неговата инекција на свет оган би било невозможно да се разбере што и да е од делата на Нафиков, па дури и да се процени нивното професионално ниво. „Генијален тапчо", „ѕвездена празнина" и други прикриени епитети кои на Нафиков му ги даваа експертите кои ги ангажираше Интерпол не само што не помогнаа во истрагата, напротив, целосно ја усложнија, создавајќи впечаток дека современите филозофи се некаква меѓународна банда цигански коњокрадци, која во секоја прилика со врескање ги носи во темнина последните остатоци на едноставност и здрав разум.

Насловот на најпознатото дело на Кика - „Македонска критика на француската мисла" - несомнено ја одразува неговата семејна драма и алудира на Сашо Македонски, легендарниот убиец на Нафиков - постариот. Тоа дело - кое претставува мешавина на сеќавање на детството, интимен дневник, филозофски трактат и технички опис - претставува чуден спој на испреплетени слоеви текст кои на прв поглед немаат врска еден со друг. Само при внимателно исчитување станува јасна кошмарната логика на авторот, и се појавува можност за согледување на неговата внатрешна димензија - единствена можност, бидејќи манијаците ретко ни оставаат извештај за следствието на своите мисли.

Филозофскиот дел на „Македонската критика" е обид од престол да се симнат најголемите француски мислители на минатиот век. Мишел Фуко, Жак Дерида, Жак Лакан и така натаму - ни едно звучно име не е оставено на страна. За името на делото е заслужен методот кој го користи Кика - тоа е како некое пукање со обете раце без нишанење, за што тој самиот зборува во краткиот вовед. Тоа се постигнува на оригинален начин: Кика имперсонира незнајко кој никогаш во животот не ги читал тие филозофи, туку само чул неколку цитати и термини од нивните дела. Според негово мислење, доволно е да се чујат дури и исечоци за да се покаже целосната промашеност на големите Французи, и нема потреба да се земаат предвид оригиналите на нивните текстови, особено затоа што во нив, како што вели Кика, „тапиот ум тоне како пегла во океан од г...а, а остриот тоне како дамаско сечиво".

При тоа Кика се обидува својот трактат да го направи максимално псевдонаучен и точен, полнејќи го со цитати, дури и со математички формули. Пристапот можеби би бил интересен кога критичарот-незнајко, за каков се претставува Кика, не би бил толку очигледен француски филозоф. За жал, неупатениот читател, по запознавањето со филозофските пасажи на „Македонската критика" себеси неизбежно ќе се доживее како некаква пегла во ситуацијата која ја опиша Нафиков. Сите замерки кои Кика им ги упатува на Французите можат да се применат и на него самиот.

Еве, на пример, како тој споредува двајца филозофи, Бодријар и Дерида:

„Што се однесува до Жан Бодријар, во неговите дела сите потврдни реченици можат да се заменат со одречни, без никаква штета по смислата. Освен тоа, сите именки можат да се заменат со зборови спротивни по значење, и повторно без никакви последици. Дури овие операции можат да се обавуваат и истовремено, по кој и да е редослед, или дури и неколку пати едно по друго, и читателот повторно нема да забележи некаква разлика. Но Жак Дерида, ќе се согласи вистинскиот интелектуалец, нурка подлабоко и не излегува подолго од под вода. Ако кај Бордијар може да се промени значењето на исказите во спротивно, кај Дерида во поголемиот број случаи ним не може да им се промени смислата на кој и да е начин."

Паѓа во очи дека Кика во сите случаи особено е изнервиран од Жан Бодријар, кого често го нарекува „Бодријакрум" - по аналогија на терминот „симулакрум" (кој Кика неверојатно го злоупотребува во „Македонска критика", оградувајќи се, навистина, на следниов начин: „Читателот сфаќа дека зборот 'симулакрум', онака како што го употребувам, е само симулакрум на Бодријаровиот термин 'симулакрум'). Лутината може да се објасни - Бодријар дошол до откритието кое од Кика создало престапник, но како што сметаше самиот, токму тоа го имаше поставено далеку пред сите современи мислители.

Омразата на Нафиков кон Бродријар е интелектуален Едипов комплекс. Таа се манифестира во желбата да се уништи идејниот претходник, магично пренесувајќи ја врз него судбината на таткото, кој на себе ја почувствувал сета сила на македонската критика. Дерида и Сосир настрадале само затоа што се нашле во исто друштво. Но, тука од смешно полека минуваме на страшно.

Растурајќи ги со двоцевка своите идејни учители, Кика замислено прашува: зошто воопшто постои француската филозофија? Неговиот одговор е следниов: тоа е интелектуална тропалка која е платена од транснационалниот капитал, за да го одвлекува вниманието на елитата на човештвото од страшните и срамни цивилизациски тајни.

Кика сметаше дека тој прв ја увидел таа тајна во нејзината застрашувачка едноставност. Семката од која настанала неговата манија мирно дремела во Бодријаровата книга „Симболичка размена и смрт". Тие кобни зборови ќе бидат наведени малку подоцна: за да се сфати реакцијата кои тие ја предизвикаа кај Кика потребно е да се замисли искричавата смеса која во тој миг се наоѓала во неговата свест. Тоа не е тешко да се направи - во „Македонската критика" тој на спомените им посветува доста место, очигледно претчувствувајќи го интересирањето на историчарите.

Кика почнува од приказна за тоа каква улога одиграла нафтата во неговиот живот. Уште како момче сфатил колку од неа зависи благосостојбата на неговото семејство - и изреагирал детски непосредно. На ѕидот на канцеларијата на Нафиков-постариот долги години висел цртежот од син му: некаков дух со зол изглед, мешавина на Плавобрадиот и Карабас-Барабас, држи над зафрлената глава округол сад со контури на копно, од кој во устата му тече тенок црн млаз. Под тоа со шарени нестабилни букви пишува: „ТАТО ЈА ПИЕ КРВТА НА ЗЕМЈАТА". Крај него висел втор интересен цртеж - Снешко од смрзната нафта со глава на Ленин (но бидејќи Иљичевите мустаќи и брада беа нацртани со бела боја преку црната, Снешкото повеќе личеше на Кофи Анан). Под Снешкото имаше песничка која ја напишала мама:

Каков е тој капитал црн
што сето на светот со себе го полни?
Тој смешен качкет носи,
и буквата „р" ја тркала низ устата.

Кога малку порасна, Кика им се нафрли на книгите. Од многубројните детски енциклопедии кои му ги купуваше татко му сфати дека нафтата не е крв од земјата, како што наивно мислеше, туку нешто како запалива трулост, создадена од живи организми, кои во длабокото минато ја населувале планетата. Беше потресен кога дозна дека диносаурусите, кои изгледаше дека можат да бидат воскреснати само преку компјутерска анимација, не исчезнале без трага, туку дека тие постојат и во денешно време - во вид на густа и смрдлива црна течност, која од под земја ја извлекува неговиот татко. Кога таа мисла прв пат му падна на памет, го запраша татка си: „Тато, а колку диносауруси на час јаде нашиот автомобил?". Тие зборови, кои на таткото му изгледаа како детска глупост, имаа, како што ќе видиме, прилично сериозна позадина.

Секако, малиот Кика не го интересираше само нафта. Како и другите деца, и тој себеси си поставуваше големи прашања, на кои никој од возрасните не им го знаеше одговорот. Таткото одговараше колку можеше, чувствувајќи со срам дека не знае ништо за светот во кој заработува толку огромни пари - со еден збор се' беше како и во која и да е друга фамилија. Еднаш Кика праша каде одат луѓето после смртта.

Беше тоа во паузата помеѓу две патувања во странство. Кика привремено одеше во казањска градинка, каде седеше на нокшир крај внукот на секретарот за идеолошки прашања на националната комунистичка партија. Нафиков постариот, кој се искачил на врвот на животниот Олимп исклучиво заблагодарувајќи ѝ на својата интуиција, направи акробација. Интуицијата му говореше дека треба да биде многу, многу внимателен: токму заради вакви детали неславно завршиле многу кариери. Правдајќи се со главоболка, му рече на Кика да го остави на раат, а потоа го замоли помошникот да му подготви одмерена информација, во која максимално разбирливо ќе биде содржано сето она што на таа тема го кажува официјалната идеологија.

Утредента потресениот Кика дозна дека после смртта советскиот човек живее од плодовите на сопствениот труд. Тоа сознание го инспирира момчето на нова серија малку морничави цртежи: дигалки составени од стотина раце фатени една за друга; возови кои како стоногалки се движат со помош на мноштво нозе кои никнуваат од вагони; авиони од чии прозорчиња гледаат пламени очи на главниот конструктор, и така натаму. Интересно е што Кика на сите овие машини, дури и на авионите, им црташе уста во која маршираа колони малечки диносауруси, кои изгледаа како црни искубани кокошки.

Дури и Кика да го имаше разменето ова метафизичко искуство со неговиот сосед на нокширот, тоа се заврши без штета по татковата кариера. Но објаснувањето на тајната на советската посмртност толку длабоко се врежа во свеста на детето што стана, може да се каже, основа на неговиот поглед на свет кој почна да се формира. Природно, таа тема наскоро се најде во сенка на други детски интересирања. Но после многу години, кога пораснатиот Кика веќе студираше филозофија на Сорбона, почна руската приватизација и претходното прашање исплива од темните длабочини на неговиот ум.

Да речеме дека советските луѓе после смртта навистина живеат од плодовите на сопствениот труд. Но каде заминуваат градителите на развиениот социјализам кога тие плодови по повластена стапка ги заграбува случајна група браќа? Тоа што во таа група спаѓаше и неговиот татко го правеше проблемот уште помачен, бидејќи тој стана личен. Каде се сега веселите градители на Магнитка и Комсомолска, одважните истражувачи на космосот и новите пространства, суровите војувачи на Гулаг и Антартик?

Кика не го задоволуваше одговорот дека она што тие го создале скапало и исчезнало - знаеше дека нештата минуваат едно во друго, слично на она кога родителите се продолжуваат себеси во децата: деловите од новиот струг се прават на стариот, а челикот се претопува во челик. Другиот можен одговор - дека се' е наводно украдено, продадено и изнесено - беше еднакво непродуктивен. Кика не го интересираше криминално-сопственичкиот туку филозофско-метафизичкиот аспект на прашањето. Можеше со месеци да ги проучува шемите на бизнисот и маршутите на одлевање на капиталот, можеше напамет да ги научи биографиите на олигарсите - и оние декоративните, кои се за јавност, и оние за кои наивниот граѓанин не знае речиси ништо - но тоа не објаснуваше каде заминале, по завршувањето на советскиот проект, милиони души кои верувале во комунизам. Тоа прашање како за'рѓан клинец се заби во света на Кика и долги години го чекаше својот миг.

Еднаш настапи и тој момент.

Ќе му дадеме збор на Кика и неговата „Македонска критика".

„Беше обично есенско попладне, ведро и тивко. Седев пред телевизорот со книга; мислам дека тоа беше Симболичка размена и смрт на чудовишниот Бодријар. На екранот се даваше некаков цртан филм, кого го гледав со крајче на окото: пират со триаголна капа, радосно смеејќи се, играше околу сандакот со богатство, од време на време наведнувајќи се кон него за да ги нурне рацете во купот златни монети...И одеднаш капакот на сандакот падна, исковувајќи од неговата глава паричка како оние кои се наоѓаа внатре. Паричката беше уште жива - профилот на него бесно трепкаше со единственото преостанато око, но устата изгледа му се залепи засекогаш. Тумим, кој во тој миг беше на врвот на стонираност, престана да се кикоти (така тој го преведуваше пиратското смеење), и запраша кој знае кого - веројатно мене, затоа што освен нас и обезбедувањето во вилата немаше никого:

- Интересно, а останатите парички..Дали се и тие од глави, а? Пример, доаѓале други пирати, приоѓале, отворале, и тогаш - бам, и крај, а? И за неколку векови, значи, наполнет цел ковчег...

Мојот поглед се спушти на страницата од книгата и извлече од збрката неразбирливи нешта една чудна фраза: 'работникот кој умре во капиталот'. И тајната на парите за секунда стана јасна како небото зад прозорецот.

Ќе се обидеме накратко да го објасниме она што Кика го нарекуваше „тајна на парите". Парите, според негово мислење се „нафта" која останува од луѓето, оној облик во кој животната сила вложена во работата постои и по смртта. Пари во светот има се' повеќе затоа што се' повеќе луѓе се влеваат во тој резервоар. Од тука Кика извлекува впечатлив заклучок: светската финансиска клика која манипулира со финансиските текови ги контролира душите на мртвите како што египетските магови во филмот „Враќање на мумијата" со помош на магии управуваат со армијата на Анубис (внимателниот читател на „Македонската критика" ќе забележи дека Кика се чувствува малку посигурно кога не оперира со филозофски категории туку со примери од филмови).

Тука и се крие одговорот за посмртното исчезнување на советскиот народ. Плезиозаурус, кој се препелкаше во морето онаму кадешто денес се простира Арапската пустина, гори во моторот на јапонската хонда. Животот на рударите отчукува во брилијантскиот часовник картие или се пени во шише Дом Перињон, кој се пие на Рубљовскиот друм. Понатаму следи уште посмел маневар: според мислењето на Кика, задачата на Гулагот бил да создаде алтернативен резервоар на животна сила која нема никаква врска со онаа која ја контролираат финансиските претприемачи од Запад. До победа на комунизмот требало да дојде тогаш кога количеството на комунистичка „човеконафта", насилно екстрахирана од луѓето, ќе ги надмине резервите на посмртна животна сила со која располага Запад. Тоа и беше скриената поента на задачата „да се победи капитализмот во економски двобој". Комунистичката човеконафта не претставува просто пари, иако може да ја врши и таа функција. По својата природа таа е поблиска до слободата преполна со страдање, ослободена во цврст облик. Сепак, се случи нешто незамисливо: откако системот се распадна, советската човеконафта почна да се преточува на Запад.

„Според својата суштина процесот познат како 'извоз на капитал' - пишува Кика - не е ништо друго освен одлевање на пеколни енергии на бившиот Советски Сојуз право во светските резервоари каде се чува животната сила на пазарната демократија. Се плашам дека никој не е свесен колкава опасност по древната западна цивилизација и култура крие во себе она што се случува."

Таа опасност е врзана за она што Кика го нарекува „сулфурен фактор". Терминот го превзел од нафтениот бизнис. Не изненадува познавањето на технолошките аспекти на нафтената индустрија кое тој го открива во своите излагања - веројатно за тие прашања Нафикови разговарале со шоља утрински чај, како што во други семејства се разговара за фудбалот и времето. Молиме за извинување ако некои поими со кои оперира Кика изгледаат премногу стручни, но еден цитат ќе помогне подобро да се фати безумната логика на „Македонската критика".

„Ако половина чаша Ред Лејбл го помешаме со пола чаша Блек Лејбл" - пишува Нафиков - „добиеното виски ќе биде подобро од првото но полошо од второто. Со нафтата е исто. Производот под името „Уралс" кој Русија го продава не е еден вид, туку смеса од повеќе видови нафта, различни по состав, кои се влеваат во ист нафтовод. Притоа доаѓа до упросечнување на квалитетот. Затоа оние испорачатели чија нафта е со подобар квалитет и содржи помалку сулфур добиваат надокнада. Тоа е таканаречениот 'сулфурен фактор', кој се пресметува според формулата

Sf= 3,68 (s2-s1) долар по тон

Тука s2 е коефицијент кој покажува просечна содржина на сулфур во смесата, а s1 неговото учество во поквалитетната нафта. Истиот принцип на пресметување се користи и за северноморската нафта Брент, сахарската смеса Сахаран Бленд, Арабијан Лајт итн. Сите тие се коктели од повеќе состојки, кои меѓусебно значајно се разликуваат. Сепак, симболично е тоа што во нафтата Уралс има многу повеќе сулфур во споредба со другите типови - што поетски точно ја отсликува специфичноста на нејзиното добивање, и многу аспекти на работењето во врска со тоа. Секој оној кому му е познат рускиот нафтен бизнис го познава тој незаборавен вкус на Сулфурниот фактор во се' - од првата шоља кафе, до последната ноќна мора. И што сте поблиску до цевката, толку повеќе се чувствува сулфурот. Од таму и оној 'бушечки поглед', карактеристичен за рускиот сулфур. Од таму и оној 'бушечки поглед' карактеристичен за руската нафтена елита - како на последните фотографии на Бодријар.

Кога веќе го споменавме Бодријар...ете кој може да се нарече сулфурен кардинал на француската мисла.."

И ајде од почеток. Ако во структурата на „Македонската критика" и се наѕира некаков принцип, тоа е само кога се во прашање вакви скокања од тема на тема. Заборавајќи некое време на нафтата (а во следниот пасус и на Бодријар), Кика приредува блицкриг во таборот на сето она што тој го нарекува „концептуално јазикоблудие".

Тој набрзина ги постројува сите француски мислители во две колони, применувајќи принцип кој без лажна скромност го нарекува „Бричот на Нафиков" (очигледна алузија на бричот на Окам - заб.прев.).

Во првата колона се наоѓаат сите оние кои се занимаваат со анализа на зборови; нив Кика ги нарекува „лингвистички филозофи". Според негово мислење, тие личат на егзибиционисти кои толку длабоко нурнале во својот порок што успеваат да ја изопачат дури и самата изопаченост: „дочекувајќи го осамениот читател, тие ги шират пред него своите мантили, но наместо срамот кој го ветува сладострасниот блесок на нивните очи, ние гледаме само маица со испишан збор „К.р".

Во втората колона спаѓаат „нелингвистичките филозофи", т.е. оние кои се обидуваат да се занимаваат со уште нешто освен со анализа на зборови. За наведената аналогија да се примени и на нив, пишува Кика, доволно е да се замисли дека „нашиот егзибиционист" е преоблечена жена - и не замо жена туку девица, која никогаш не научила дека под непристојниот збор на градите треба да ја сокрие својата вера во тоа дека децата ги носи штркот."

Така рељефната сликовитост би можела да му служи на чест на нашиот антихерој, кога не би постоеле информациите на Зизи Мердашвили дека Кика по тоа прашање се консултирал со друг париски професор, кого нема да го именуваме заради истата причина поради која не го именувавме и првиот: тешко дека некој ќе сака да признае дека изопачениот ум на манијакот го хранел со концепции и силогизми. Сепак, ќе напоменеме дека во вториот случај се работи за филозоф кого го позиционираат како симбол на омнипотентниот интелект на духовниот хоризонт на Французинките кои имаат над триесет и пет години и кои водат активен сексуален живот.

Тешко е да се каже што конкретно Кика позајмил од другите, а до што дошол сам. Но една мисла од делото посветено на „концептуалното јазикоблудие" слободно и непогрешиво можат да му се припишат нему лично. Еве ја:

„Французите залудно мислат дека тие ја измислиле деконструкцијата. Уште како момче во Казањ знаев што е тоа, како што и пред мене неколку генерации казањски уличари го знаеа тоа. Дерида само го превел на француски татараскиот збор „расправка" и тоа е се. Но ако лингвистичката школа се обиде да писне дека се' се сведува на зборови ќе кажам... ќе кажам... нема да дочекате Кика да ја почне расправката. Тој молкум ќе го впери прстот во вашата маица, засекогаш ќе заборави на вас и ќе отиде во кабината кај Урим и Тумим на еден џоинт амстердамска наградна." (Во една од варијантите на ,,македонската критика" наместо расправка стои перестројка.)

И така натаму. Кога Кика најпосле се навраќа на извозот на капиталот и на сулфурниот фактор, мал број читатели се уште се сеќаваат за што станува збор. Но Кика се чувствува опуштено како воопшто да не се оддалечувал од темата.

„Ако во цевката со Западно-Тексашка кисела нафта одеднаш почне да се влева смеса од Уралска со висок сулфурен фактор, рафинериите почнуваат да добиваат сировина со потполно поинаков состав за кој ќе бидат погрешни сите претходни технолошки пресметки. Тоа може да го сфати дури и еден идиот. Но поради некоја причина е прифатливо мислењето дека триесет милијарди долари, колку што се извезуваат од Русија секоја година, можат незабележливо да се слеат со западниот капитал. Се смета дека животната снага при трансферот целосно се обезличува, и дека парите одлеани од Русија по ништо не се разликуваат од парите од воениот буџет на Пентагон, личниот имот на Бил Гејтс или бразилскиот надворешен долг. Но, работите за кои станува збор се толку различни по нивнат суштина, што во никој случај не треба да се мешаат, како што тоа не треба да се прави ни со Уралс и Западно-Тексашката кисела."

Малку понатаму, Кика наведува многу интересна забелешка:

„Патем, постојат два вида нафта, кои се добиваат на различни точки на планетата, но можат да се заменат една со друга, бидејќи практично не се разликуваат по квалитет и имаат ист сулфурен фактор. Морничава и повеќезначна симболика: станува збор за руската смеса Уралс и ирачката нафта Киркук. О, Садаме! О Јосифе! О Џорџ!"

Во овој дел Кика, кој не покажува интересирање за духовни учења, и кој само номинално се смета за приврзаник на исламот, сосема се доближува до сфаќањето на она што најнапредните муслимани го нарекуваат карма. Неговата мисла е следна: карактеристиките на земското постоење на душите, кои по смртта се претвораат во пари, фрлаат сенка врз животот во општеството кое ги користи тие пари. Освен тоа, таа сенка станува своевиден шаблон според кој новите генерации ,,го прават" животот, дури и не претпоставувајќи што е тоа што всушност го користат како модел, иако тој „модел" постојано го држат во рацете во буквална смисла. На предсвесно ниво тоа може да се насети: токму тоа го објаснува на прв поглед ирационалното тежнение на Британија да ја сочува фунтата, и целиот задгробен пантеон на империјата поврзан со неа, дури и откако сите објективни економски причини за тоа исчезнале.

„Ехото на минатото" - пишува Кика - „нè престигнува на пустелијата на духот во самракот на историјата. Минатото останува со нас, и покрај обидите сè да почне од почеток - и се засилува. Ние не можеме да ја сокриеме, ниту да ја одбегнеме. Ние дури не сме ни во состојба да сфатиме како таа станува дел од иднината. Лист од праисторијата, чиј отисок е зачуван на испукано парче јаглен, се гледа до најситните детали, иако за него не може да се каже дека постои: никој не може да го земе во рака или да го стави меѓу листови од книга. Но тој може да се ископира или дури и да стане грб на знаме како канадското. Оддекот на минатото за кој зборуваме е исто толку нематеријален и недофатлив - но тој го дефинира сето она што ќе се случи со нас и со нашите деца."

Патен, Кика немаше никакви деца.

Што се случува кога милиони советски човеко-дени ќе бидат конвертирани во долари и евра? Според Кика, тоа е еднакво на еден суптилен, и оттаму особено опасен упад на армија гладни духови во крвотокот на меѓународната економија - но за тоа да се види не се потребни приглупи финансиски аналитичари, кои не умеат да предвидат рецесија дури ни една година откако таа почнала, туку еден пророк како Сведенборг. Читателот очигледно веќе насети дека Кика се смета себеси за таков пророк.

„Човек кому му е дадена способност на духовен водач ќе здогледа заробеници во искинати јакни како ја влечат нивната количка по деловните квартови на светските престолнини и морничаво се смеат од излозите на скапите продавници" - пишува тој. „Мешањето на животната енергија на два бивши антиподи на универзумот е неодговорна и безумна акција, која ќе го промени лицето на светот. Кризата која ги погоди најразвиените економии и агресивната воена параноја на нивните лидери се само прва последица на овој експеримент. Сите неволји кои ѝ се случија на западната цивилизација на почетокот на новиот милениум можат да се објаснат со тоа што сулфурниот фактор на западниот живот значајно се зголеми."

Во Русија, според негово мислење, се случува обратен процес - економската катастрофа и осиромашувањето не се проследени од демонстрации и барикади, како што очекуваа социолозите, туку со се' поголема еуфорија и заљубеност на жителите во раководството, кое го води народот од една бездна во друга - бидејќи доларизацијата на земјата, која го следи тоа весело патешествие, го намалува сулфурниот фактор, а вкупната инферналност на рускиот живот се смалува.

„Залудно" - констатира Кика - „меѓународните финансиски предатори ја имаат направено пресметката - наместо крв, тие од Русија го исцицале сиот повеќевековен отровен гној, кого сега неуспешно се обидуваат да го сварат."

Тоа „залудно" е многу карактеристично. Голем број западни таблоиди, особено француските, го претставуваат Кика како некаков „одмаздник на Русија" кој се пресметува со виновниците за несреќите на својата држава. Нема ништо подалеку од вистината. „Доказите" кои ги наведуваат новинарите се смешни. На пример, често се повторува цитат каде Кика ја нарекува Франција „прекрасен накупец на крадено". Но со тоа тој воопшто не изразува презир или омраза. Напротив, тоа е изјава на љубов. Во кругот во кој Кика растел и се формирал, никој не би го користел зборот „накупец на крадено" како навреда, како што тоа не би го правеле ни продавачите на крадено. Тоа се однесува и на други Кикини сентенци кои се извлечени од контекст, и кои воопшто не го прикажуваат онаков каков што тој навистина бил.

Тврдат, на пример, дека Кика со „сулфурен фактор" ги означувал серииите несреќи во семејствата на олигарсите кои приграбиле богатства создадени на Гулаг. Но во целата „Македонска критика" само еден ред дава повод за такво толкување:

„Предсмртното проклетство на робовите на Сталин не исчезна без трага во студениот воздух на Сибир - одразувајќи се во небесните огледала, тоа нашло нови адресанти."

Сулфурниот фактор за кој зборува Кика на друго место и по друг повод нема врска со ова.

Глупаво е на Кика да му се припишува антибуржоаска патетика, како што тоа го прават новинарите, кои јуначки го креваат својот глас во заштитата на капитализмот. Кика навистина пристапи кон остварување на својот злокобен план веднаш по посетата на модната ревија на Џон Галијано, каде на подиумот паѓаше дожд од златна фолија. Тој златен дожд, на чија слика се враќаше неколку пати, за него стана дефинитивна метафора за човеконафтата - животната сила на мртвите, која се отелотворила во пари. Но Кика воопшто не бил воден од „омраза кон перверзните кои организираат бесрамни танци под дожд од врела крв" како пишуваше еден претерано прониклив московски аналитичар, кој ги мешаше сопствените чувства со туѓите. Напротив, него го водеше тежнеење да ја заштити кревката и префинета европска култура од опасностите кои, како што сметаше, му беа видливи само нему.

Кика себеси никогаш не се сметаше за лев или десен и не се поистоветуваше со ниедна нација. Што се однесува до политичките погледи, тој едноставно ги немаше. Себеси се нарекуваше „мислечки патриот", односно таков чиј патриотизам се однесува на сите сончеви и топли места („историјата на Русија покажала" - пишуваше Кика - „дека сите луѓе кои јавно искажуваат поинакво мислење по правило се едноставно лажговци, кои се пробиваат до топлите и сончеви места преку заобиколница, нанесувајќи им притоа неброени страдања на блиските"). Како дете на Европа тој имаше, ако така може да се каже, за евроцевка просечен identity, кој беше составен од делови на телевизиски емисии, стрипови и рекламни спотови, впиени по различни европски престолнини. Еве како тој самиот го опишува тоа:

„Ако мојата душа се спореди со зграда, тогаш во нејзините ѕидови има само неколку камени коцки донесени од Русија, кои од орудие на пролетаријатот одамна се претвориле во нешто како камења за гатање (моите внатрешни Урим и Тумим) и кои не ме прават непријател на западните вредности - јас ги сакам сексот и парите, и не се срамам тоа да го признаам - туку ми овозможуваа да го видам она што не можат да го сфатат наивните и лекомислени Европејци."

Тешко е разумно да се објаснуваат постапките на Кика и неговите сексуални проблеми. Тоа гледиште најмногу се потпира на фактот дека Кика сите непристојни термини ги заменува со кратенки со цртичка - според мислењето на некои автори склони кон психоанализа тоа ја покажува неговата полова немоќ. Но Кика таа операција ја применува и на зборот „Б-г", угледувајќи се на еврејските свети текстови. Што е причина на сето тоа - дали тежнеење кон посебно истенчено богохулие или едноставно желба за оригиналност - тешко е да се каже, и прашањето останува отворено. Еве како на пример изгледа пасусот посветен на писателот Мишел Уелбек, кого Кика го вбројува во современите француски мислители:

„Уелбек, тој жив француски ум, го посветува своето внимание на тајните на светот, но веќе после еден или два пасуса ја губи нишката и се препелка - може да се претпостави, не без извесно задоволство - во уште една п-чка создадена од букви. Впрочем, не е ли во неа главната тајна на светот и неговото главно искушение? Тоа прашање го поставил младиот Бодријар. На што Дерида би забележал дека п-чка и к-р, кои заедно со популарното објаснување на основите на квантната механика во творештвото на Уелбек завземаат централно место, не се вистински органи за репродукција, туку повеќе нивни потемкинови симулакруми на „студеното и бледо" (Сартр) тело на францускиот јазик. А еве што би додал јас, Кика: за разлика од авторите кои работат според учебници и енцилопедии, јас два или три пати во животот сум имал прилика да стојам очи во очи со п-чка, гледајќи право во нејзиното матно и неподвижно око, затоа еротските периоди на Уелбек ми делуваат по малку извештачено, учено, и покажуваат блескаво познавање на теоријата, но откриваат непријатен недостаток на практично искуство. Впрочем, нека оди по ѓаволите. Нема да го прекорувам затоа тоа што ја експлоатира сексуалната фрустрација на францускиот човек. Но не затоа што мислам дека главната нота на неговите романи е сурово точна, туку затоа што не постојат зборови со кои би можел да изразам колку ме боли к-р за францускиот човек."

(превод од српски: Илина Ј.)

31 октомври 2010 - 00:00