
Kлингонски, на'ви, ромулански. Фановите на филмовите и сериите во кои се користат ги доживуваат како природни. Но ова се конструирани јазици кои имаат свои автори и кои работат напорно и со години за изговореното на екраните да биде дел од разработен систем, а не само „џибериш“. Наречени „Конланг“ или по нашки „конјаз“, тоа се системи чии елементи - фонологија, граматика, правопис и речник - не се развиени природно, туку свесно, со некаква цел.
Дејвид Џ. Питерсон по образование е лингвист, но истовремено и конлангер, човек што измислува јазици за филмови и серии. Негови најпознати „дела“ во оваа смисла се јазиците дотраки и валиријан од „Гејм оф тронс“, како и јазикот чакобса од „Дјун 2“. Неговата книга со наслов на корицата кој во македонскиот ќе се обидеме да го пренесеме како „'Умтнст на из-мислу(ањ)е ј@з!“ оттаму започнува - логично - со неговата работа на спомнатата серија, каде бил поканет да направи целосно функционален јазик од само неколку фрази содржани во делото на Џорџ Р. Р. Мартин, „Песна на мраз и оган“, кое е во основа на серијата. До денес јазикот дотраки има над 3000 зборови, меѓу кои и „кал“ или владетел, од каде и женското име Калеси кое за време на емитувањето на серијата постигна огромна популарност помеѓу новородените во САД. Економист го има наречено „еден од најубедливите фиктивни јазици од јазикот на Средната земја“ (елвиш) конструиран од Толкин.
Она што следи е детален преглед на сето она што треба да го земе предвид секој оној што се впушта во сериозно измислување јазик. Акцентот е на „сериозно“, бидејќи иако станува збор за фантазија и таа (парадоксално) треба да функционира врз основните принципи на реалноста. Тоа во случајот со јазиците значи дека и оние измислените треба да содржат основна фонетика и фонологија (звуци), морфологија (видови зборови), синтакса (граматика), семантика (значење), правопис (систем на запишување), еволуција на јазикот, евентуални дијалекти и жаргони. Токму горенаведените елементи се и наслови на поглавјата и потпоглавјата на книгата, кои се испресечени со нешто насловено „Студија на случај“, кратки парчиња во кои она што до тогаш е наведено во форма на теорија е објаснето практично, во контекст на јазиците чиј автор е Питерсон.
Ова не е лесна книга за некој што не е лингвист или барем упатен аматер во начинот на кој функционираат јазиците, и покрај тоа што авторот се обидува да го „соџвака“ материјалот така за да биде попристапен, нудејќи примери од различни природни и не-природни јазици. Пристапот на моменти му е авто-ироничен и хумористичен, потенцирајќи ја од една страна сложеноста, но од друга чудотворноста на јазикот. На граница помеѓу наука и уметност, измислувањето нов јазик за него е креација во каква што човештвото учествува од своите почетоци. „На почетокот беше Зборот“ - нели?
Токму лексиката е и најдемократското поле на конлангерите, бидејќи за да измислиш нов збор доволно е да имаш бујна имагинација без да планираш како тој потоа би се менувал по фиктивни падежи. Така, во поглавјето „Лексичка еволуција“ Питерсон покажува како нештата кога ќе се именуваат одеднаш добиваат на значење, односно почнуваат да постојат како релевантни ентитети. Неколку негови примери:
лумит - НЕНАДЕЈНАТА РАДОСТ КОГА НЕКОЈ ЌЕ СФАТИ ДЕКА НЕ Е ЛИГЊА (тука ставаме измислен симбол за човек што паѓа на земја и повторливо тропа со раце и нозе од смеење)
болку - парчето од сложувалка кое би ти било потребно да ја комплетираш ДОКОЛКУ составуваш пазла
нипак - парчето што ти е потребно за да ја комплетираш сложувалката кога СТВАРНО составуваш пазла
карев - погрешно запаметена анегдота која ти текнува кога си на ручек кај стрина ти за време на викенд
Сепак, за него јазикот не е само обична играчка, туку и алатка за пренесување пораки кон светот. „Што ако одреден јазик го тера говорникот кога користи глагол да вклучи информација дали дејството подразбира смрт на живо суштество? Што ако секој глагол би подразбирал перспектива на второ лице еднина, за секогаш да имаме предвид како размислува 'ти', односно другиот?“
Дури и ако се чита со прескокнување на постручните делови, оваа книга е одличен преглед на можностите кои ги нуди јазикот и во говорна, и во пишувана и во невербална (знаковна) форма. Има цела н'рдовска субкултура на луѓе кои забележуваат грешки во конструираните јазици по филмови и серии. Но и тие го ценат напорот фиктивните светови да бидат испочитувани со комуникација која има смисла. Токму за тоа се потребни луѓето како Питерсон.
Илина, Букбокс