Букбокс читанка: „Црната молња“ од Башир Храјеф (1961)

Познавачите велат дека туниската литература од втората половина на 20 век се обидува да одговори на едно суштинско прашање: како изгледа едно општество што штотуку ја стекнало својата слобода, но сè уште живее со товарот на колонијалното минато? Едно од делата што на впечатлив начин го отвора токму тоа прашање е новелата „Црна молња“ од 1961 година, напишана од тунискиот писател Башир Храјеф, еден од најзначајните автори во современата арапска книжевност на Магребот.

„Ова е новела за Црната молња, Тунижанец кој живееше во бурното време на 16-oт век. Беше сведок на доаѓањето на славниот Хајрудин Црвенобрадиот, збриката која ја предизвикува тој настан, како и на шпанското освојување. И сето тоа тој, Црната Молња, го доживеа и го преживеа на свој начин“. 

Вака почнува новелата „Црната молња“ на Башир Храјеф (1917–1983). Книгата ја најдовме на еден од книжевните бувљаци во Скопје, изданието е на Дечје новине од Горњи Милановац (1984) а од оригиналот на арапски е на Раде Божовиќ, кој е и автор на поговорот. Од биографската белешка за авторот, чие име е транскрибирано како Ал-Бешир Храјеф, дознаваме дека бил роден во градот Нефта, на работ од Сахара, а израснал во период кога Тунис бил француски протекторат. Ова искуство силно го обликувало неговото творештво. 

Но за разлика од многу негови современици, Храјеф не се интересирал само за политичките настани, туку и за секојдневниот живот на обичните луѓе – селаните, номадите, трговците, жените и сиромашните жители на внатрешноста на земјата. Во неговите дела често се чувствува локалниот туниски дух, а особено е познат по тоа што во литературниот арапски јазик вметнувал елементи од тунискиот дијалект. Со тоа неговите ликови звучат природно и автентично, а делата добиваат силно чувство за место и време.

Таков лик е и Црната молња, кого го запознаваме како роб на алхемичар кој се обидува да го пронајде каменот на мудроста и еликсирот на животот. Со лабораторија чии четири прозорци гледаат на четирите страни на светот, местото е полно со епрувети, черепи, лековити тревки и балсамирани птици. Среде тоа еден црнец од само седумнаесет години, со сјајна кожа, округло и насмеано лице сместено помеѓу клемпавите уши, со движења кои се опишани како меки и лесни и со луциден ум кој бргу проникнува во алхемичарската вештина, кој си го исполнува времето свирејќи на стаклените садови како да се инструменти, притоа паѓајќи во своевиден транс. При еден таков „трип“ во отворот на таваницата здогледува лице на млада мома која ќе му стане опсесија - потрагата по неа ќе биде испреплетена со куп значајни историски настани од тоа време, меѓу кои навлегувањето во Тунис на Хајрудин Црвенобрадиот (околу 1478–1546), познат и како Хајредин Барбароса.

Во европската историографија Барбароса долго време бил претставуван главно како „пират“, додека во турската и северноафриканската традиција се смета за способен државник, воен стратег и еден од најголемите адмирали во историјата на Османлиската империја. Неговата улога е особено важна за историјата на Алжир и Тунис, бидејќи токму преку неговите походи овие простори стануваат дел од османлиската сфера на влијание. Во 1534 година - на која се однесува романот, иако точната година не е специфицирана - Хајрудин го освоил Тунис и го симнал од власт локалниот владетел од династијата Хафсиди. Со тоа Османлиската империја добила исклучително важна стратешка позиција во централниот Медитеран.

Во 1535 година кралот на Шпанија, Карло Петти, организирал огромна експедиција и го освоил Тунис назад, враќајќи го хафсидскиот владетел како шпански вазал. Во 1574 година Османлиите повторно го освоиле Тунис, овојпат трајно. Иако Хајрудин тогаш веќе бил починат, неговите походи ја поставиле основата за османлиското присуство кое ќе трае повеќе од три века. 

„Ноќна молња“ се појавува само пет години по независноста на Тунис во 1956-та. Земјата тогаш се наоѓала во период на големи општествени промени. По децении француска власт, новата држава се обидувала да изгради сопствен идентитет, да ги модернизира институциите и истовремено да ги зачува традициите. Но Храјеф не пишува политички памфлет. Наместо тоа, преку личните судбини на своите јунаци покажува како големите историски процеси навлегуваат во секојдневниот живот. Покрај Црната молња тука се и Шашу, војник и гусар на Хајрудин, кој ќе го земе црното момче под своја заштита, но и куп други споредни ликови кои ги отсликуваат социјалните односи, тешкиот живот на сиромаштијата, но и желбата да се биде слободен макар и по цена на сопственото страдање. 

Насловот сам по себе носи силна симболика. Молњата е краткотраен блесок што за миг ја осветлува темнината. Кај Храјеф таа станува метафора за моментите кога вистината накратко се открива, кога човекот ја согледува сопствената судбина или кога општеството се наоѓа пред ненадеен пресврт. Храјеф не го идеализира ниту традиционалниот живот, ниту модернизацијата. Наместо тоа, покажува дека секоја промена има своја цена.

Иако е напишана пред повеќе од шест децении, „Црна молња“ останува актуелна затоа што не зборува само за Тунис, туку за секое општество што се обидува да најде нов пат по големи историски потреси. Новелата потсетува дека политичките промени сами по себе не ги решаваат човечките дилеми, а вистинските трансформации најдобро се гледаат низ животите на обичните луѓе. 

Илина, Букбокс

22 јули 2026 - 21:04