Во 1995 режисерот Гери Фиалка формира читачка група во јавната библиотека на Лос Анѓелес, која се нафаќа темелно да чита дело кое важи како тешко за разбирање - „Финегановото бдеење“ од Џејмс Џојс. 28 години подоцна тие минатата недела конечно ја завршиле дискусијата околу книгата, односно стигнале до крајот. Причината зошто сето тоа траело толку долго е што членовите знаеле да се фокусираат на една страница и да ја анализираат и по неколку часа. За време на пандемијата се среќавале и на Зум, па бидејќи ова им се видело попрактично така и продолжиле.
Фиалка, кој дошол во Калифорнија за да работи со Френк Запа, и од тогаш организира бројни културни настани, се изнаслушал коментари за својот „проект“ - читање една книга речиси три децении.
„Тие велат - добро, а која книга ќе ја читате следна? Им велам нема никогаш да читаме ниту една друга, доволна е и оваа. Таа завршува среде реченица, која се надоврзува со онаа на почетокот, па така нејзините 628 страници можат да се читаат во круг“, вели тој.
Тој ја одбрал токму оваа книга поради нејзината слоевитост и речиси бесконечните можности за различни толкувања. „Таа е мозаик. Ги проучувате шемите и размислувате кои делови да ги споите за да формираат целина која би можеле да ја искомуницирате со други“. Запрашан што ќе прави следниот месец, тој шеговито (а можеби и не) вели - „Пак ќе ја читаме првата страница“.