Документарец под наслов „Вил и Харпер“ премиерно се прикажа на Нетфликс вчера, 27.09., и очекувано привлече големо внимание. Не затоа што станува збор за инсајдерски поглед во мрачна шема на подведување малолетници на славни личности, не затоа што во него се разоткрива кој е вистинскиот убиец по кој се трага со децении. Во него двајца пријатели, од кој едниот на 61 година транзитира во жена, се возат низ Америка со кола, обидувајќи се буквално во ôд да се прилагодат на новата ситуација и да си го најдат своето место во неа.
Притоа, ова не се „случајни“ луѓе. Харпер е поранешна Ендрју Стил, еден од сценаристите на Saturday Night Live. Таа почнала да работи за шоуто точно истиот ден кога и Вил Ферел во далечната 1995 и била единствена која сметала дека тој има потенцијал кога никој друг од екипата не сакал да му даде шанса. Заедно, тие низ годините направиле еден куп скечеви, а по заминувањето од SNL продолжиле со филмови со откачен хумор.
Вил го опишува некогашниот Ендрју како „роден во Ајова, 501 џинс, грозно пиво и автостопирање тип на човек“, кој пред да почне професионално да пишува бил и камионџија, кој намерно бирал да застанува во најголемите „дупки“ крај патот и да игра билијард со „сомнителни“ типови. Кога за време на пандемијата Вил добива писмо од него дека има намера да отпочне процедура на транзитирање во жена, тој е во најмала рака затечен. Но и доволно отворен и љубопитен за да се сретне со него.
Идејата на филмот е низ заедничкото патување низ САД, Харпер да процени како самата таа се доживува соочувајќи се со контексти во кои претходно била маж и колку е безбедно воопшто да се биде трансексуалец денес во САД. Режисерот Џош Гринбаум со право го става фокусот на Харпер и нејзината приказна, а Вил е само катализатор на муабетите низ кои ги дознаваме деталите, за чувството на неприпадност, психолошките советувања и конечното ослободување во новата улога. Иако некои од сцените се одвиваат во ризични контексти, во ниту еден момент работата не излегува од контрола.
Но токму тука е и главниот проблем на филмот - ако беше целта да се покаже реалната реакција на околината, тогаш влегувањето во крајпатна кафана полна тестостерон би требало да се случи со скриени, а не со очигледни камери. Плус појавата на самиот Вил во повеќе сцени изгледа како амортизатор на ситуацијата, бидејќи холивудска ѕвезда си е ѕвезда, без оглед на контроверзната придружба. Ако нештата сепак ги погледнеме од другата страна, оние на кои Ферел им е супер лик сега можеби ќе го засакаат повеќе заради неговиот гест кон долгогодишниот пријател (сега со -ка). Дали ако Шварценегер му се јавеше на Сталоне дека менува пол ќе можеше да се случи истото?
„Вил и Харпер“ е генерално топол и по малку меланхоличен филм за пријателството, или како што го опишуваат стиховите во песната на одјавната шпица - „како Телма и Луиз со помалку смрт“.
Илина, Букбокс