пишува: Љупчо Нечовски
Не, ова не е игра за патки, иако името го дава тој впечаток. Патки се интересни и симпатични птици, ама за нив ќе праиме муабет друг пат.
Најсоодветниот превод на „quack“ на македонски е надрилекар, односно човек кој се обидува да ве излечи од некоја болештина или состојба со неконвенционални, непроверени и недокажани методи и медикаменти, не за да ве оздрави, туку за да му платите. За среќа, целта на играта не е да лечите некого, туку само да креирате надрилекарства, и да се надевате дека среќата ќе ве служи.
Се наоѓате во Кведлинбург, Германија, си седите во некоја скромна колиба, и пред вас има казан и торба. Почнувате да буричкате во торбата, и едно по едно од неа вадите најразлични билки, плодови, и по некој пајак, молец, или пак череп од птица, и инстинктивно, ги фрлате во казанот. Секоја состојка од торбата се вари на различен начин, и предизвикува различни ефекти, со цел да добиете потентен напиток кој може да направи чуда, но пред сè може да ви донесе добра заработка и поени. Заработката го буди во вас генијот желен за понатамошни експерименти, па веднаш брзате кон блискиот пазар за да купите уште некои состојки за во вашата торба, кои можеби ќе направат уште посилни напивки. НО ВНИМАВАЈТЕ, во торбата се кријат и едни бели бобинки, со кои, ако претерано ги истурате во казанот, ви претстои страшна експлозија, поради која можеби и нема да стигнете да одите на пазар, или пак ќе отидете, но без поени.
Така, во девет последователни рунди, во вашиот казан ја ставате сета ваша умешност и креативност, која помешана со малку среќа, може да ви донесе големо богатство. Треба да дадете се од себе за да бидете највештиот и најкреативниот надрилекар, за на крај да имате повеќе поени од другите и да победите.
Можам да кажам дека играва ми е едно од најдобрите откритија. Сосем случајно, еден Црн Петок (Black Friday), се најдов во Гоблин, а дуќанот требаше да се затвори за околу половина час, па решив да посегнам по кутијата која ќе ми биде најшарена. И ја здогледав оваа шарена кутија, со една црна дамка на неа, на која пишува „Kennerspiel des Jahres 2018“. Од прва ми беше нејасно зошто баш оваа игра ја добила таа награда, но со тек на време, увидов дека играва во исто време е и едноставна и комплексна, благодарение на совршената мешавина на вештина и среќа кои ви се потребни за да победите. Постојат и две експанзии за оваа игра (The Alchemists и The Herb Witches), кои можат да додадат повеќе можности за победа, но истовремено и малку ги комплицираат нештата, бидејќи се обидувате да внимавате на повеќе работи. Во секој случај, главната цел останува иста: Не претерувај, ќе пукнеш!
Така стана една од поомилените, ако не и најомилена игра во мојата колекција, не само на мене, туку и на сите мои пријатели и познаници, било да се луѓе кои живеат и дишат друштвени игри, или пак прв пат гледаат такво нешто. Совршена е за луѓе кои се тазе навлезени во светот на друштвените игри, и верувам дека возбудата што ја носи оној нејзин момент „ќе пукнам рундава или не“, ќе разбуди уште поголем интерес и жед за нови игри, слични или покомплексни.