„Јазу“ (Yazoo) беа англиско дуо од Есекс, составено од поранешниот член на Дипеш Мод, генијалецот Винс Кларк и прекрасниот вокал Алисон Мојет. Формирано е во 1981 откако Кларк се јавил на оглас кој Алисон го дала во музичко списание за да формира - блуз бенд. Во текот на следните година и пол тие најпрвин издадоа два сингла - љубовната Only You и Don't Go, која стана химна на синт-попот, а потоа и дебитантскиот албум Upstairs at Eric's, со антологиската фотографија на Џо Лион на корицата. Иако од тогаш има поминато 41 година, албумот кај неговите современици се уште буди интензивни сеќавања на корените на електронската музика, со сета мешавина на лиричност, мистичност и динамичност.
Но еден детал при формирањето на бендот го чинеше судски процес од 3.5 милиони фунти и промена на името. Според признание на Мојет, „Јазу“ било земено од американската дискографска куќа специјализирана за блуз, Јазу Рекордс, што очигледно за неа и за Кларк не звучело како проблем. Но кога бендот веќе станал светски познат, следела тужба и забрана за користење на истото, па Јазу морале да се преименуваат во Јаз, како што стои и денес на голем број американски постови поврзани со овој бенд (збунка за оние кои не ја знаат приказната).
Јазу сепак не се единствениот британски бенд кој бил приморан да го стори ова поради американски компании и адвокати. Wham! во Америка се Wham!UK бидејќи во времето на нивното формирање веќе имало фанк/диско бенд од Нешвил под името „Уем!“. Verve станале The Verve поради притисоци од познатата дискографска куќа специјализирана за џез, Verve Records. The Dust Brothers се всушност The Chemical Brothers, кои првото име го имале во текот на раните години, од 1992-1995 во чест на пар американски продуценти познати по нивната работа со Бисти Бојс (истите кои подоцна ќе ја компонираат главната мелодија за филмот Фајт Клаб). Вистинските Даст Брадерс не биле среќни околу тоа што други им го користат името и го натерале британскиот бенд да го смени името во „Хемиски браќа“.