Бертолд Брехт верувал дека театарот не служи само за забава, туку за поттикнување на публиката да размислува на општествени и политички теми. За да го постигне овој ефект една театарска претстава не треба да биде „полирана“ и политички коректна, туку провокативна. Актерите треба да имаат слобода да излегуваат од рамките на текстот и да се обраќаат на публиката, наративите не треба да бидат линеарни, а целата драма да биде испресечена на поединечни делови, кои сепак ќе бидат самостојно способни за живот.
Нова изложба во Рејвен Роу во Лондон покажува колку авторот на „Опера за три гроша“ бил буквален кога го кажал ова. Организирана во соработка со Архивот на Бертолд Брехт во Берлин, „Брехт: фрагменти“ е изложба на визуелен материјал кој авторот го собирал во текот на својата кариера, исечоци од весници и списанија до фотокопии од средовековни икони и слики од кинески театар, a oд кои потоа правел креативни комбинации.
Колажните дневници на Брехт во кои тој ги користел спомнатите материјали до сега беа маргинализирани, а тоа е главно поради начинот на кој било архивирано неговото целокупно дело во социјалистичка Источна Германија, кадешто живеел од 1949 до својата смрт во 1956 на возраст од 58 години. Истражувачите кои го побарале материјалот во архивот во Берлин добиле само нискоквалитетни фотографии од овие слики, кои биле каталогизирани поединечно, а не како колажи добиени со комбинирање на сликите.
Разгледувани на овој начин никој не можел да претпостави дека тие се всушност залепени на еден ист лист хартија, односно контекстот им бил сосема уништен, вели Том Кун, истражувач од колеџот Сент Хју во Оксфорд. Тој ги открил колажите пред околу 10 години и ја ко-организирал сегашната изложба.
По хаосот на Првата светска војна, Вајмарската република го посведочила раѓањето на колажот како уметничка форма, преку неговите пионери Курт Швитерс и Хана Хох. Двајца пак од оние кои го користеле за испраќање политички пораки (Џорџ Грош и Џон Хертфилд) му биле пријатели на Брехт. Иако неговите монтажи се помалку динамични, обидот да се креира значење преку сопротивставување на слики е очигледен.
Во еден од големите албуми има страница со две фотографии: една од Адолф Хитлер кој ја крева тупаницата во гест на лутина и друга на слепо момче, кое се уште не е влезено во пубертет, како го прави истото. Тоа прави Фирерот да изгледа како палаво дете, кое само глуми, но таа глума по некое време станува заразна и опасна.
Изложбата е оценета како освежувачка, откривајќи го „панкерот“ во Брехт, а колажите сигурно ќе послужат и за понатамошни истражувања, додавајќи нови аспекти на неговото дело.