Ботаниката и заборавената сексуална револуција

Опрашување, пчели и цветови. Денес ова се вообичаени метафори за секс. Токму поради ваквата природна асоцијација, дополнително промовирана како метафора за човечките интимни односи, имало времиња кога ботаничките проучувања биле сметани за толку контроверзни што биле цензурирани - за жените. 

Секс и ботаника, два збора кои ретко се наоѓаат во иста реченица. Но имало времиња кога илустрираните ботанички енциклопедии биле сметани за опасни еротски списанија, а градините претставувале тајно засолниште за жените, каде тие можеле да ги откриваат мистериите на природата. Денешниот научен свет го има заборавено овој романтичен аспект, но ботаниката била најпровокативното жеснко хоби во ерата на просветителството.

А што е толку секси во врска со неа? Во 18 век, нов бран ботаничари почнуваат да ги потврдуваат древните теории, дека цветните растенија навистина имаат „секс“ за да се репродуцираат, користејќи ги своите женски и машки органи. Тие оделе до таму што го споредувале пенисот со прашникот, а вагината со плодникот, па дури и цветовите со брачен кревет, а лисјата со завеси во спалната. 

Карл Лине, славниот шведски ботаничар и зоолог, го идентификувал поленот како машка сперма, а женските растенија ги опишувал како вдовици или девици. И покрај тоа што ги користел метафорите на бракот и моногамијата, тој исто така сметал дека некои женски растенија можат да бидат забременети со полен само „промискуитетно“, преку ветерот. Исто како жените и животните, тој сметал дека и цвеќињата оддаваат заведувачки мирис кога се подготвени за репродукција, поттикнувајќи ги птиците и пчелите да се придружат во овој ритуал.

Ваквите прекумерно сексуални идеи ги шокирале конзервативците, кои сметале дека големиот Креатор на растителното царство никогаш не би дозволил вакво нешто. Но остатокот од општеството бил фасциниран. 

Инспириран од контроверзните учења на Лине, дедо му на Чарлс Дарвин, Еразмус, во 1791 ја напишал поемата „Љубовта на растенијата“, со која ја промовирал ботаниката кај пошироката јавност. Таа служела како прирачник за младите девојки да ја пронајдат сопствената сексуалност (иако истото можело да важи и за мажите), заробувајќи ја нивната љубопитност преку споредбите на репродукцијата на растенијата со првата брачна ноќ. 

Свештениците предупредиле дека „ботанизирањето“ на девојките претставувало нивно „расипување“ - но оваа забрана уште повеќе го разгорела интересот за ботанички и хортикултурни книги. Кралици и принцези добивале часови по ботаничко цртање и правење хербариуми. Градинарството станало високо посакувано хоби, поттикнато и од популарни списанија за дами. Женската облека почнала да то отсликува растечкиот интерес за ботаниката па флорални дизајни доминирале со ткаенините и свилите на 18 век. 

Истовремено, сето ова коинцидирало со растечко спиритуалистичко движење во викторијанското општество, а ботаниката била блиска со суеверија поврзани со егзотични медицински растенија кои биле носени во Европа од колонијалните истражувачи. Ова ја прелеало чашата на трпението на верските лидери, па во раниот 19 век имало силно контра-движење за цензурирање на ботаничките прирачници за жени. Така, барем за некое време, ботаниката станала загубена уметност и потисната страст. Во стаклените градини од викторијанската ера сепак се уште лебди магијата на тешкиот, влажен воздух, полн возбуда и интриги. 

извор 
 

28 март 2025 - 09:28