Тим Бартон секогаш бил поинаков, па така и сега - неговиот нов филм не се вика „Битлџус двојка“ (продолжение на кецот од 1988), туку „Битлџус Битлџус“. Тој е избран за филм со кој ќе се отвори овогодинешниот Венецијански филмски фестивал, кој ќе се одржи од 28 август до 7 септември.
Неговиот директор, Алберто Барбера, во соопштение за јавноста изјави дека ова „го одбележува долго очекуваното враќање на еден од најпознатите ликови од кинематографијата на Бартон, но истовремено претставува среќна потврда на неверојатниот визионерски талент и мајсторство на еден од најфасцинантните автори на нашето време“.
Бартон пак изјавил дека е многу возбуден поради ова - „Многу ми значи што светската премиера на овој филм ќе биде токму во Венеција“.
Битлџус Битлџус се одвива 36 години по настаните од оригиналниот филм. Да се потсетиме - во него духови на починат брачен пар се малтретирани од неподносливо семејство кое е преселено во нивниот дом, и тие најмуваат зол дух да се отараси од нив. Во оригиналот играа Алек Болдвин, Џина Дејвис и Мајкл Китон. Од нив само последниот е во продолжението, како „био-егзорцистот“ Битлџус, со Моника Белучи како неговата поранешна сопруга Делорес.