Ја нарекуваат (и тоа и всушност е) „приквел“ на „Брејкинг бед“, но нејзините квалитети далеку го надминуваат простото раскажување на она што се случило пред на сцената да стапат Џеси и Волтер Вајт. Ликот на Сол, односно Џими Мек Гил, неговиот брат, колешката Ким Векслер, картелот Саламанка, поранешниот полицаец Мајк и сите останати кои се делчиња од мозаикот на приказната, или веќе имаат јасни судбини (кои се разрешуваат во сиквелот „Брејкинг бед“ - под услов таа да сте ја гледале прва), или ќе се разјаснат во оваа, последна сезона.
Обожавателите на „Бетер кол Сол“ веќе пуштија во оптек неколку теории. Ајде да видиме.
Ким Векслер не е она за што се прикажува
Во тек на седум години колку што се прикажува серијата, Ким е неуморната адвокатка која освен што излегува на крај со секакви клиенти и случаи, успева да го стори и најтешкото - да се грижи за својот сакан Џими.
Но како што забележуваат фановите, ние знаеме многу малку за минатото на Ким, освен тоа дека таа не е од Албукерки, и дека никој не ја знаел во градот пред да пристигне. Секогаш кога треба да се направи некаква дубара, таа не само што го следи Џими, туку често и го надминува во откачените идеи и во изведбата. Кога се земаат со Џими матичарот забележува дека таа нема средно име (што е инаку вообичаено во САД). Неколку елементи кои даваат за право да се сомневаме во тоа дека Ким во оваа сезона ќе ја запознаеме во поинакво светло.
Мајк го спасува Гас Фринг од Лало Саламанка
Кога последен пат го видовме Лало во петата сезона тој се уште беше жив и многу, многу лут. Се знае дека ќе сака одмазда, и секако дека една од целите ќе му биде кралот на пржените кокошки на Ново Мексико, Гас Фринг. Некои веруваат дека Мајк, поранешниот полицаец, еден од најкул ликовите во која и да е серија, ќе го спаси Гас од куршумите, и на тој начин ќе стане негова десна рака. Некои пак мислат дека работата ќе биде обратна, односно дека Гас ќе биде спасителот, што објаснува зошто Мајк ќе остане толку лојален на својот шеф.
Џими се подготвува за голема кражба на дијаманти
Во првата епизода од петтата сезона, „Магичниот човек“, има сцена во која Џими под новото име Џин вади нешто од кутија за чевли. Тоа нешто е кутивче полно скапоцени камења, за кои понатаму, до крајот на сезоната, ни видовме ни слушнавме. Тоа е можеби вовед во епизода во шестата сезона, во која ќе видиме дека тој ограбил некаква златара или богат сопственик. А можеби и воз, како што направија Волтер Вајт, Џеси и уште неколкумина други во петата сезона од „Брејкинг бед“.
Лало ќе го убие татко му на Начо (или Начо ќе умре за него)
Гас не е единствениот кому Лало му е нас’скан по финалето на петтата сезона. Тој знае дека најболното за Начо би било не самиот да биде убиен, туку нешто да му се случи на неговиот татко. Ова би можело да доведе и до тоа тој самиот да се жртвува, бидејќи неговата смрт ќе значи дека онаа на татко му веќе не е потребна.
Хауард Хамлин ќе биде прогонуван за одбегнување данок
Во последната епизода од претходната сезона Ким почнува да фантазира за некаква стапица за нејзиниот некогашен шеф и моментален непријател Хауард Хамлин. Единственото прашање е до каде таа (и Џими) се подготвени да одат. Теоријата на обожавателите е дека Ким ќе го притисне поради даночно затајување, со тоа што ќе најми хакер за да ги трансферира неговите фондови на нелегална офшор сметка во Белизе. Кога ова ќе се дознае, репутацијата на Хауард е нарушена, но тука приказната не завршува. Парите од офшор сметката се префрлени на нешто полошо, порно или дрога. Хауард конечно ја губи работата, а Ким си смислува нова фраза за закопување на непријателот во професионална смисла - „испрати го на Белизе“ (референца во идна епизода на Брејкинг бед, која од некаде морала да произлезе)
И на Ким ќе ѝ биде потребен сервисот за исчезнување
Ед Галбрајт (го играше Роберт Фостер кој почина во 2019), формално е поправач на правосмукалки кој на луѓето им овозможува да почнат одново. Воведен е во „Брејкинг бед“, а се појави и во филмот „Ел Камино“ (кој ја раскажува понатамошната судбина на Џеси). Џими очигледно го познава бидејќи самиот предлага Волт и Џеси да му се јават кога се во безизлезна ситуација. Ако Ким ги користела неговите услуги за да исчезне поради некаква правна ситуација по она со Хауард, тоа би објаснило како Џими воопшто го познава, а и зошто Ким ја нема во „Брејкинг бед“.
Џим на крај ќе се предаде, веројатно за да ја спаси Ким
Многумина сметаат дека Џими ќе заврши во затвор, но има повеќе претпоставки како ќе се случи тоа. Некои сметаат дека планот на Ким да го осуети Хауард ќе пропадне и ќе заврши со нејзино апсење, а Џими ќе се понуди самиот за да ја спаси.
Начо ќе се сретне во Волтер Вајт во пералницата за автомобили
Логично е (а и официјално е најавено) дека Џеси и Волтер ќе се појават во сезона 6, но како, тоа не е јасно. Една од теориите е дека откако Лало почнува да убива сè пред себе, Мајк го убедува Начо да избега од градот. Само што тој не сака тоа да го стори со своето лично возило по кое е препознатлив, туку зема некоја стара канта. Со неа оди во перална и таму го гледа сопственикот како малтретира еден од вработените. Тоа е пералната на Волтер Вајт, кој потоа се извинува за сцената бидејќи имал лош ден со семејството. „Никогаш не се извинувај“, му вели Начо пред да нагази на гасот.