Во јули минатата година беше објавено дека 74-тото издание на Берлинскиот филмски фестивал ќе претрпи извесни промени, како последица на намалувањето на финансиските средства од германскиот државен буџет за истиот. Промените се состојат од скратување на програмата или на некои категории, кои се или целосно избришани или споени во едно. Најголемиот јавен филмски фестивал во светот од сега ќе прикажува околу 200 филмови, за разлика од ланската програма, која содржеше 287 дела во голем број секции.
Буџетското кратење делумно се дожи на германското Министерство за култура, кое го ко-финансира фестивалот со речиси 12 милиони долари годишно. Дополнителни 2,4 милиони долари беа потрошени во 2022 и 2023 поради растечките трошоци, но такви средства не се предвидени за 2024. Како последица на ова, уметничкиот директор Карло Шатријан и неговата колешка Мариете Ризенбик, кои го водеа фестивалот од 2019 и низ сите предизвици на пандемијата, веќе нема да бидат на овие позиции.
Иако е рано да се каже како ќе влијае сето ова врз квалитетот на фестивалот, она што со сигурност се очекува се добри филмови, а еве некои од насловите.
„Друг крај“ (Пиеро Месина)
Понекогаш изгледа како да се доволни уште неколку часа со саканите пред нивното исчезнување за да се затвори кругот и да се кажат нештата што не биле кажани. Ова е филм за една таква замислена можност, тажна и контемплативна научно-фантастична драма лоцирана во блиска иднина, во која свеста на починатиот може да биде аплоудирана во телото на „домаќин“ - еден вид емоционален сурогат. Но ова не поминува без компликации.
„Империјата“ (Бруно Думон)
Уште една научна фантастика, жанр кој не е баш вообичаен за уметничките фестивали, и тоа во натпреварувачката програма. Станува збор за нешто што е опишано како ултра-живописна пародија на „Војни на ѕвездите“, која започнува со судир на две интергалактички армии на бреговите на северна Франција - ретка премиса која дозволува дизајн на постер на кој истовремено има и светлосни мечеви и крави што спокојно пасат.
„Пепе“ (Нелсон Карло де Лос Сантос Аријас)
Филм во кој зборува мртов нилски коњ, првиот и единствен убиен во Америките, кого Колумбискиот печат го нарекол Пепе. Неговиот сопственик - Пабло Ескобар. Всушност нарко босот чувал четири нилски коњи во доцните 1970-ти. По неговата смрт во 1993, на „кокаинските нилски коњи“ им било дозволено да шетаат низ неговиот имот, а до 2019 нивната популација достигнала 100, што станало опасно по флората, фауната а и по луѓето во областа.
„Мали нешта како овие“ (Тим Милантс)
Филм со кој се отвора фестивалот, базиран на книгата од 2021 на ирската писателка Клер Киган. Килијан Марфи игра посветен татко кој открива страшни вистини поврзани со прифатилишта кои ги води католичката црква, каде можат да се засолнат „неморални жени“. Една од женските улоги ја толкува Емили Вотсон.
Повеќе за другите очекувани филмови на Берлиналето тука