Старогрчката митологија ги замислувала сирените како човеколики суштества со неодоливи и продорни гласови (од таму и „сирена“ за алармантен звук). Локацијата на нивното живеалиште се разликува помеѓу авторите кои пишуваат за нив, но генерално станува збор за острови во Медитеранот, кои римските поети ги нарекуваат „Сиренум скопули“.
Средбата со фаталните жени се опишани во најмалку две верзии на истата приказна. Едната е попозната и има врска со Одисеј. Знаејќи за опасноста од сирените, тој издал наредба неговите морнари да стават восок во ушите кога бродот ќе поминувал од спомнатите острови. Самиот не можел да одолее на желбата сепак да ја слушне нивната песна, па побарал да биде врзан за јарболот и да не биде ослободуван колку и да го бара тоа, сè додека бродот не се најде на безбедна оддалеченост. Така и тој и морнарите се спасиле.
Но оваа приказна се разликува во еден значаен детал од онаа на друг брод кој поминал низ истото патешествие.
Јасон и неговите славни Аргонаути, исто така избегнале сигурно насукување на карпите поради песната на сирените. Еден од „бандата“ од 50 херои на бродот Арго, кои се обидувале да го пронајдат златното руно (зошто-како, тоа е друга приказна), бил и Орфеј. Кога се приближиле до сирените никој од нив не ставил восок во уши ниту пак се врзувал за јарбол, туку Орфеј просто си ја извадил лирата и ги надгласал сирените.
Двете верзии ги илустрираат двата начина на справување со искушенијата. Едното се сведува на одбегнување, а не на реално соочување и долгорочно расчистување со нагоните. Наметнување надворешни ограничувања (ставање синџир на фрижидер наместо контрола на импулсот за благо?), а не работа на себе за градење внатрешни механизми на одбрана. Второто е надвладување на „лошото“ со сопствена вештина и талент, со алатките кои ги имаме на располагање (кај си ја чувате лирата?), оружје кое не убива туку создава убавина која, нели, ќе го спаси светот.
Секако, можни се и други читања на разликите, но ова само уште еднаш покажува колку богат материјал се митовите, чија длабочина можат да ја претпостават само оние кои пловат.