
Филип Склатер (1829-1913) бил англиски правник и зоолог, експерт за птици и 42 години секретар на Зоолошкото друштво на Лондон. Тој е заслужен за тн. Склатерова поделба на светот на шест биогеографски ареали, која и денес е во употреба.
Но еден примат никако не се вклопувал во неговата шема - фосилни остатоци од лемури имало и во Индија и на Мадагаскар, географски многу оддалечени еден од друг.
Така, тој го сторил она што би го направил секој негов колега соочен со слична неповрзаност: предложил огромен копнен мост помеѓу овие две копна, а на тој хипотетичен континент, сега проголтан од Индискиот океан и му дал соодветно име - ЛЕМУРИЈА.
Ова било во 1864, а од тогаш Склатеровата сериозна научна работа е во сенката на оваа негова креакција. Затоа што Лемурија излегол еден од најчудните континенти кој никогаш не постоел. Можеби ова се должи на потребата да се пополни плодна ниша во имагинацијата во тој период, со оглед на тоа што две третини во 19-тиот век веќе и немало многу реални места во светот кои можеле да бидат откриени. Ненадејното додавање на цел континент на мапата (без оглед дали тој бил потопен) инспирирал други научници да развијат теории за Лемурија, кои веќе и немале голема врска со потеклото на малиот примат.
Така, во 1870, германскиот биолог Ернест Хекел сугерирал дека ова би можело да биде древен дом на човештвото, како начин на објаснување на „алките што недостасуваат“ во фосилното досие на раните луѓе. Отфрлајќи ја Дарвиновата хипотеза за африканското потекло на човештвото, Хекел најпрвин ја фаворизирал Индија како родно место на човештвото.
Во 1880-тите, Лемурија се прелеала од научна хипотеза во псевдонаучен факт кога Хелена Блаватски, основачката на теозофијата, ја интегрирала во својот езотеричен, прото-њу ејџ систем на верување. Развивајќи ја понатаму теоријата на Хекел, таа почнала да тврди Лемуријанците биле „третата раса“ на човештвото.
Во Индија, Лемурија била прифатена од некои тамилски националисти и мистици, како потврда на Кумари Кандам, легендарното потопено копно, прв пат споменато во тамилската книжевност од 15 век. Тамилските ревивалисти ја идентификувале Лемурија како древна лулка на тамилската цивилизација.
Во американската имагинација, Лемурија се поврзала со Маунт Шаста во северна Калифорнија, која според Фредерик Спенс Оливер (во неговата книга од 1894 „Жител на две планети) и други окултистички писатели, била последното засолниште на преживеаните од потопената Лемурија, кои живееле таму во подземен град украсен со скапоцени камења по име Телос.
Според порадикални теории, други преживеани од Лемурија се вратиле во морето, станувајќи китови, делфини и сирени. Имало и такви кои станале шамани и пророци, но за жал нема никаква информација дали некои Лемуријанци всушност се трансформирале во - лемури.
Лемурија конечно била избришана од картите во 1960-тите, кога теоријата за тектониката на Алфред Вегенер станала широко прифатена. Тектонската активност го објаснува одвојувањето на континентите, што ја елиминира потребата за хипотетичко копно-мост како Лемурија.