Хановерската државна опера во северна Германија соопшти дека го суспендира својот балетски директор и кореограф, Марко Геке, со забрана за негов влез во просториите на институцијата, по пријава за напад од негова страна врз критичарката Вибке Хустер. Геке наводно се конфронтирал со неа во фоајето на театарот, а целата расправија завршила со тоа што ѝ го измачкал лицето со кучешки измет.
Хустер пишува за влијателниот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, каде објавила негативна критика за најновата претстава на сега веќе бившиот директор, под наслов „Во холандските планини“. При вербалната расправија која прераснала во физичка тој ја обвинил дека нејзиниот напис е причината поради откажаните билети и генерално слабата посетеност. А не е ни чудо, ако се земе предвид описот на Хустер, според која шоуто правело таа да се чувствува „наизменично полудена и убиена од досада“.
Весникот реагираше нарекувајќи го настанот „понижувачки чин кој е обид да се заплаши нашето слободно, критичко гледиште на уметноста. Геке ги премина сите граници откривајќи го тоа дека врската помеѓу уметникот и критиката е пореметена.“
Во соопштение на својата страница Хановерската државна опера вели дека управата на тетарот го суспендирала Геке и му забранила пристап во објектот „до даљнег“, давајќи му можност „длабоко да се извини и да го објасни своето однесување пред да бидат преземени понатамошни чекори“.