Весниците од 1922 во балканскиот регион се занимаваат, помеѓу другото, со загрижувачкиот степен на неписменост. Во Босна на пример неписмено е дури 85% од возрасното население! Слично е и во останатите делови на тогашното Кралство Југославија. Но ништо подобро не стојат и некои европски држави, меѓу кои и Италија. Разликата е во тоа што италијанската влада ги впрегнала сите сили да застане на патот на тоа „зло“ и со посебен декрет ја регулирала борбата против аналфабетизмот.
„Социјалните разлики се видливи на секој чекор - богатите се сè побогати, а сиромашните сè погладни. Притоа, животот сурово си поигрува со ние кои немаат ништо“. Вака почнува вест од Белград, за некое момче, кого го викале Жутица, кој по улиците одел во чевли кои немале ѓон, практично бос. Еден ден украл пар чевли од пред врата на некој трговец со столарија. Завршил во затвор, па после на суд. Но таму не знаел кога бил роден, па така не се знаело ни дали има навршено 18 години и дали ќе биде обвинет како малолетник или како возрасен. Судот наредил да се достави неговиот извод од матично, но тука се вмешала неуништливата бирократија, па на изводот се чекало цели пет месеци. За тоа време, Жутица дремел во затвор со еден полнолетен младич кој за слично кривично дело е осуден на само 14 денови затвор. Лежел цели пет месеци, а судот на крај го осудил - само на 21 ден! Весниците овој случај го проследиле со следниов коментар: „Кога слушнале за ова, момчињата вмешани во сомнителни активности, од кои некои немаат навршено ни 15 години, намерно кажуваат дека имаат 18 за да не чекаат во зандана половина година додека не стигне нивниот извод. А наскоро веројатно и старците од 60 години ќе ги праќаат на младински судови...“
Добар дел од Хрватска, а најмногу Славонија, Банија и Кордун, ги зафатила вистинска наезда на полски стаорци. Влегувале по таваните и подрумите, по амбарите и местата каде се чува млекото, а ги наоѓале дури и во креветите. Селските бајачки најавувале седум „глувчешки“ односно гладни години, додека земјоделските задруги советувале дека најуспешниот начин на таманење е рачно, секој земјоделец при орањето да ги убива стаорците. Така, повозрасните деца со метли направени од силни прачки оделе зад плугот и со нив ги тепале стаорците кои плугот и ги исфрлал од земјата. Оние што ќе останеле во дупките треба да се утепаат со врела вода.
Во Македонија во 1922 е формиран еден од првите фудбалски клубови, Беласица. Според македонската Википедија фудбалот тука доаѓа од англиските војници, стационирани во градот по пробивот на Солунскиот фронт, кои им ја покажале играта на струмичани. Основањето на самиот клуб се случило на 13 август 1922, а основачкото собрание се одржало, каде ако не во една од градските кафани. За прв претседател бил избран Ѓорѓи Москов.