Жан Биква (1945) е уметник кој си игра со идејата на „белгиството“, односно со критичка и самоиронична анализа на недостатокот на заеднички идентитет помеѓу различните етнички групи, јазични заедници и региони во таа земја. Познат е по своите анархистички перформанси, кои резултирале со куп судски процеси, меѓу кои и за „дела против Круната“. Имено, помеѓу 2005 и 2010 тој има изведено пет обиди за напад на кралската палата во Брисел, како дел од неуспешните обиди за укинување на монархијата во неговата земја. Тој и неговиот „партнер во криминалот“, Ноел Годин, им фрлаат пита в лице на познати личности, а се најдоа на насловните на медиумите во светот кога во 1998 тоа му го сторија на Бил Гејтс.
Еден од неговите проекти е „Музејот на долна облека“ во Лесине, Валонија, каде се изложени гаќички, прслуци и други делови од интимна облека на познати личности, меѓу кои на поранешниот француски претседател Саркози или на принцезата Дијана. Правилото е секој предмет да е носен барем еднаш од лицето за коешто станува збор, а е комбиниран со сертификат за автентичност. Неговиот мотив за формирање ваква збирка била уништување на хиерархијата помеѓу луѓето, бидејќи „ако се плашите од некого само замислете си го по гаќи. Хиерархијата ќе се сруши и сето она што ќе видите е уште еден човек како вас. Сите сме рамноправни, сите сме браќа“. Во 2014 музејот се најде во медиумите кога од него беше украден потпишан пар гаќи на градоначалникот на Брисел.
Биква е познат и како режисер на играни филмови и документарци, а вечерва (25.3) во 20 часот во Кинотека ќе биде прикажан неговиот филм „Последното искушение на Белгијците“, трет и засега последен дел од неговата автобиографија.