Изгледа дека за што и да се фати, Купер е предодреден да шокира. Сега таква реакција предизвикува неговиот ангажман - наратор на нова снимка на класичното дело на Прокофјев, „Петре и волкот". Напишано во 1936, тоа се состои од детска приказна, која се чита во придружба на оркестарска музика. Нарачател на композицијата бил детски театар од Москва, кој на тој начин сакал да ги развива музичките вкусови кај децата од основните училишта.
Прокофјев бил толку мотивиран, што го завршил делото за само четири дена. Сепак, тоа не станало популарно - изгледа и тогаш децата не биле баш по класичната музика. Или пак не можеле да го разберат подтекстот кој му се припишува на делото, според кој Петре наводно го симболизира руското минато (асоцирајќи на Петар Велики), а волкот анти-комунистичката и нацистичка Германија.
Постојат повеќе снимени верзии на истата композиција, со најразлични наратори - таква на која гласовите ги позајмуваат Горбачов и Клинтон, друга со Софија Лорен и Антонио Бандерас, со нарацијата на Дејвид Атенборо, па дури и една (од 1978) со гласот на Дејвид Боуви. Кај нас во 2013 Македонската филхармонија ја има изведено со актерот Мартин Јордановски.
Сега дојде на ред и Алис Купер, чија верзија се вика „Петре и волкот во Холивуд". Во неа има приквел на оригиналната приказна на Прокофјев, во кој волкот бега од зоолошка во Лос Анѓелес, каде живее Петре со неговиот дедо. Благодарение на еден робот и на хеликоптер, храброто дете успева да го фати. Алис го позајмува гласот на дедото, остарен хипик, и на лигавиот, арогантен лик на една мачка.
Тој прифатил ваква задача бидејќи самиот како дете ја слушал композицијата:
„Сите деца ја слушаа Петре и волкот. Тоа беше нашето прво изложување на класичната музика. Мислевме дека ја разбираме приказната, но всушност ја разбиравме и усвојувавме класичната музика. Тоа беше во 1950-тите во Детроит. Тогаш во школо моравме да поминеме тест за класична музика. Мислам дека такво нешто веќе не постои во училиштата"
Тој смета дека денешното отфрлање на класиката е погрешно, но и лицемерно, бидејќи сите популарни мелодии всушност веќе некој ги напишал во форма на класично дело. „Ги слушаш и не сфаќаш дека веќе си позајмувал од нив без да знаеш. Пишуваш песна, подоцна слушаш некаква класика и си викаш 'Леле, ова е мелодијата од мојата песна'". Купер оди чекор понатаму, нарекувајќи ги сопствените песни „опера", затоа што и во нив има ликови, и сложена нарација со силна драмска нота, која најдобро се доловува во симфониски оркестар. Еве една таква:
Иако често е нарекуван луд, Купер вели дека тој епитет важел и за голем број класични композитори:
„Овие дечки биле скроз откачени. Нивната музика буквално ги јадела од внатре, ги правела ментално нестабилни. Тие биле рок ѕвездите на нивното време. Мислам дека дури биле полуди и од нас".
„Петре и волкот" со нарацијата на Купер ќе биде издадена од Deutsche Grammophon на 13 ноември, придружена со апликација за мобилен телефон. Еве како ќе звучи тоа: