пишува: Дејвид Батерфилд (Спектатор)
Еве парадокс: ние сме опседнати со посетување на најпривлечните места на светот, и искусување на најважните настани во живо; па сепак, иако патуваме поентузијастично и полесно од кога и да е, повеќето од нас на крај не ги гледаат работите со сопствени очи. Појдете до кое и да е убаво место, или на настан кој привлекува толпа. За момент загледајте се околу себе, и ќе видите луѓе со втренчени лица, и со колективно подигната рака, како симбол на припадност на култ. Сечија рака зграпчила телефон, и секој телефон служи како камера. Но она што го прави овој Павлов рефлекс на Сите Нешта Кои Вредaт Да Бидат Видени толку необичен е што овие „репортери“ се фокусирани на нивните телефонски екранчиња, дури и кога она што се случува е само неколку метри пред нив. Да се биде таму веќе не значи да се гледа таму.
Па, зошто е важно ако се сите толку загреани да изигруваат улични репортери? Нели е сјајно што речиси секој настан на планетава денес без напор се снима од секој кој има телефон - барем секој од развиениот свет? Нема ништо лошо во тоа, би рекол. Тук и таму, секако дека имаме некој ќар од брзопотезното регистрирање на некаква исклучителна случка која инаку би останала без објективна снимка. Но овие видеа се само мал дел од сето она што се снима секој час, секоја минута, секоја секунда, низ целиот свет.
Наместо тоа, ние плаќаме цена за оваа перверзна практика. Еве најмалку три тажни - па дури и вознемирувачки - ефекти на нашиот фетиш за снимање. Прво, оние кои постојано регистрираат сè што се случува околу нив поставуваат граница меѓу себеси и настаните кои се случуваат, трансформирајќи се од моментални сведоци во обични зјапачи во монитор. Бидејќи нивните очи го гледаат дејството посредно, тие на некој начин и не се воопшто таму. Луѓето се фалат дека биле на тој и тој концерт, или дека ја виделе вистинската Мона Лиза. Но дигиталниот доказ кој ти го пикаат под нос всушност потврдува дека тие, исто како и ти, наместо тоа зјапале во овие спектакуларни глетки преку пластика. Мислејќи на иднината на нивниот филм, го пропуштиле сегашниот миг.
Второ, овие снимачи изгледа дека ја имаат заборавено целта на она што го прват. Навистина остава простор да се запрашате чуму сето тоа собирање податоци. Милиони часови снимки, милијарди фотографии - дури ни интернет не може да излезе на крај со оваа лавина. Зошто на секундарната публика ѝ се потребни 20.000 верзии на матна, „тресена“ и мала снимка на настан кој веќе бил снимен професионално? Или земете го за пример Кембриџ, кадешто живеам. Илјадници туристи стримаат секој ден од нивните автобуси за разгледување на градот, движејќи се по средовековните улици. Добар дел - а меѓу кинеските турсти веројатно половина - ги снимаат нивните движења во континуитет: корпа за отпад тука, клупа таму, по некое возило во минување. Да, прекрасната архитектура ја исполнува камерата од време на време, но ова се ретки прекини на инаку (буквалната) пешачка прошетка. Можеби дома има некој кој ќе седи шест часа дневно да го гледа ова, но дури и да има таков, нивниот домаќин нема да биде во можност да им даде каков и да е контекст на овие снимки вон овој бесмислен прозорец кон светот.
Трето, и најзагрижувачки, со привилегирањето на рамката и фокусот на нивниот филм и со нестабилната рака, нивниот ангажман е ограничен и телесно, а не само во смисла на глетка. Ако самите се вклучат во дејството, тогаш кој ќе снима? Ова особено доаѓа до израз при улични тепачки, малтертирање во јавен превоз или болни несреќи, кога не можам а да не помислам на човекот кој го снима ова. Нели е ова сулуда реакција на итна ситуација, да посегнеш по телефонот а не да пружиш помош, или - да го искористиш телефонот како телефон? Често нема ни збор на поддршка изговорен од овие вознемирувачки филм-зомбиња: зборувањето од зад камерата навистина би го расипало аудиото.
Оттаму, ајде да си ги држиме телефоните в џеб. Ако сме доволно к’сметлии да видиме нешто навистина убаво или забележително, да го погледнеме, да уживаме во него и да им дозволиме на чувствата да го впијат. Ако наместо тоа искрсне некаков неочекуван проблем, да понудиме помош. Откако еднаш ќе биде сторено она за што се направени луѓето, да, можеме да снимаме и да кликаме додека не ни отпаднат прстите. Но не очекувајте никој - влучително и самите вие - да сакаат да ги погледнат овие снимки.