Како и секој април, и овој Букбокс и Пепер ја слават врската помеѓу јадењето и читањето. Овој пат на уживањата им додаваме и трет елемент, звукот. Главната тема на настанот кој ќе се одржи на 19.4 (петок) од 17 часот пред сендвичарата Пепер во Дебар маало е - „Книги и музика“.
Тука би можеле да спаѓаат книги за музика, такви напишани од познати музичари, нивни автобиографии и биографии, дела кои во насловот имаат нешто поврзано со одредена песна или музички термин, чии ликови се опседнати со музика или во кои музиката игра многу битна улога. Ако сте махери, доаѓаат предвид и хранливи дела кои произведуваат звуци- можеби ролати на кои може да се свири како на флејта, или ксилофони направени од бисквити, поврзани со некое книжевно дело.
Како и секоја година, оставаме да нè изненадите со своите вештини и фантазија. Донесете што и да е солено или благо што може да се јаде, поставете го на заедничката софра, а потоа со гласање ќе се одредат трите најдобри креации. Сите дела треба да бидат донесени најдоцна до 18 часот.
Важно: Секој оној кој знае да пее или свири може слободно да го донесе својот инструмент и да настапи анплагд пред „Пепер“. Другите ќе пееме во хорче, со полни усти.
Фестивалот „Јадење книги“ не е спонзориран од државни или приватни органи и тела, освен од самите организатори и учесници.