Речиси сите досегашни критички осврти за поезијата на Јовица се насочени кон две нејзини карактеристики. Првата е токму оваа нејзина урбаност, или тематска ситуираност во градот (сегашно Скопје) како хронотоп во кој поетот домува. Така, Богомил Ѓузел кажува дека овие стихови имаат „автентично урбан сензибилитет“, а Елизабета Шелева заклучува дека „поезијата на Јовица Ивановски е плод на една континуирана урбана прељуба со еден простор“. Оливера Ќорвезироска за оваа скопска вдоменост вели дека „песните на Јовица Ивановски... се одамнешни жители на Скопје“, а Влатко Галевски вели дека „поезијата на Јовица е како првиот стихуван музеј на поразите на еден град, на неговите жители“.
Овој избор од 135 песни е значаен затоа што излегува токму во годината која за авторот е јубилејна – четврт век од неговото творештво. Промоцијата ќе се одржи во Клуб ресторанот МКЦ, на 30.05 (четврток) во 20 часот. Промотор е Елизабета Баковска, а издавач е „Просветно дело“.