Приказна за две братчиња и една сестра

По читањето на оваа приказна, само воздивни и кажи си на себе: Фала ти Боже што се будам во мир. Понекогаш и само тоа е доволно. 

Денес не сакам да држам придики, ниту за Иванов, ниту за Заев, ниту за Грујо. Не сакам да се трујам, ниту себе, а ни другите. Нека раскажуваат за нив оние кои се платени да го прават тоа.

Затоа, тука и овде, денес сакам сама на себе да си ја раскажам приказната за двете братчиња и едно сестриче, за едни деца и една младост што се ниже никаде на друго место туку во Македонија, а приказната оди вака:

Минатата година, чинам 9 март беше кога министрите на Европска Унија одлучија да ја затворат фамозната мигрантска Балканска рута. Јас во тоа време бев одговорно лице на кампот Табановце, официјално ангажирана на проект преку Министерството за труд и социјална политика. 

Кампот во тоа време веќе вриеше од бегалци. Тука беа одамна заглавените Авганистанци, Сиријци со некакви си спорни печати во нивните пасоши а со тоа и недозволен влез во Србија, и во целата лудница од народ, на железничкиот премин стаса уште еден воз од Гевгелија со 424 лица. 

Пречекани од ЕБР, бегалците се упатија кон коридорот со Србија, незнаејќи дека во меѓувреме, министрите на ЕУ решиле да сопре протокот на мигранти во нивните држави. Целите во бес и неизвесност, бегалците решија да останат на граничниот камен, несакајќи да си признаат сами на себе дека Германија до тој ден беше толку блиску, а сега со спуштање на рампите, ветената држава станува речиси недостижна. 

Деновите се нижеа, а бегалците сместени во шатори, не сакаа да се вратат назад во кампот во знак на протест за спуштените рампи. Почнаа дождови, кал до гуша во нивите спроти српската страна, а со тоа и стомачни вируси, многу болни дечиња и илјада прашања на ден кога ќе се отворат границите повторно. 

Така обидувајќи со раководителот од ЦУК  да го ставиме под контрола хаосот кој владееше со 1500 луѓе, што во кампот, што на самиот граничен камен, забележав дека многу бегалци веќе бараат спас во големите шатори во кампот, меѓу кои и едното братче и сестричка под име Сафуат и Рама. 

Сафуат и Рама беа бегалци од Сирија. Збореа англиски, па можевме да комуницираме без преведувач. Како и останатите, и тие имаа свои прашања за кои немав одговор, освен да им помогнам да се сместат во контејнери додека не се реши прашањето за бегалската рута. 

Братчето и сестричката по многу часови убедување, прифатија. Ги сместивме во „контејнер“ со уште некои бегалци, и така ден по ден, дознав дека имаат уште едно помало братче заедно со нив, а дека родителите им се заглавени во Сирија со неможност да дојдат навака, бидејќи Алепо е под опсада, а тие се веќе пребегани во градот Латакија. Трите деца на мајка тргнале по белиот свет бегајќи од војна, раскажуваше Сафуат, гледајќи кон сестрата која како и секое девојче, си ја бараше мајка си како утеха и потпора во држава за која знаат ништо освен дека се вика Македонија. 

Помина март, помина април, мај, јуни, а од ЕУ ниту во најава дека ќе се отвори Сезамот кој ветува азил и меѓународна заштита далеку од бомбите на Асад и Исис. Во тие денови, најверојатно поттикната од мајчинското во мене, се трудев на овие деца да им помогнам да не се чувстуваат сосема сами, и да им покажам некако дека и ние како народ можеме да ги прифатиме овде, само ако тие сакаат да бидат дел од нас, иако како држава сме далеку посиромашни од Германците. 

Останете овде, Сафуат и Рама, им трубев скоро секој ден. Па не е Македонија лоша за живот. Еве гледајте ме мене. И јас сум самохран родител со две деца, па се борам да преживеам, молејќи го постариот син во истовреме да дојде во кампот и со Сафуат да се напијат по едно кафе, за да имаат време да си зборат за музика, откако разбрав дека Сафуат освен што бил студент на Правниот факултет во Алепо, бил и диџеј во сириските дискотеки. 

И повторно ден по ден, сè додека политичките играрии не ме сменија од раководната позиција, јас не застанав да ги убедувам трите деца да останат во Македонија, сè до еден убав јулски ден кога разбрав дека нивното барање за азил е уважено и дека ќе заминат во центарот за баратели на азил во Визбегово, каде ќе се обидат да добијат македонско државјанство како бегалци од држава каде не постојат безбедносни услови за нивно враќање дома. 

Сафуат, Рама и Џихад Естеиф останаа во Македонија. Отидоа да живеат, првин во Визбегово,а потоа со помош на некоја невладина организација и во изнајмен стан во Скопје, каде веќе ги поставуваат темелите на новиот живот  овде. 

И тука не сакав да застане мојата приказна, па затоа ја замолив Рама да се упати во канцеларијата на Црвен Крст на Град Скопје и да побара да волонтира во бегалскиот камп Табановце. И така и бидна. Денес Рама е волонтер во кампот, а се надевам дека скоро и Сафуат ќе биде дел од големото црвенокрсташко семејство, за да со своето знаење на арапскиот јазик, помогнат во справување со тешкотијата наречена сè уште незавршена бегалска криза. 

Ете, тоа сакав да си раскажам во пресрет на едногодишнината откако ЕУ реши да ги затвори границите за сите бегалци од Блискиот Исток. А сакав и да си раскажам, и сама на себе да си докажам дека јас си ја сакам мојата држава со сите аномалии, а и тоа дека со сета сила се трудам, во оваа парче земја да направам чудо со тоа што ќе убедам некого да остане, а не да замине одовде, небаре имаме шуга, па дај сите гитла, главом без обзира. 

И, така ми ти...

Да се сака својата држава а да си левичар, не е ништо чудно. Да се убедат напатени луѓе да останат овде, истотака. Тоа им е чудно само на оние кои деновиве се бусаат во гради за Македонија, а не знаат ниту кирилица на Фејсбук да користат правилно. Чудно им е на оние кои денес викаат ура - ура за Македонија, а задутре, ќе стават бугарски пасош под мишка и мрш каде очи гледаат.

А можеби и нема да им биде чудно... Можеби ова за нив ќе биде уште подобра причина да ми дојдат пред врати и да ми напишат: Која си мори ти да ни носиш овде муслимани во чиста Македонија???

 

 

 

 

 

5 март 2017 - 22:20