Диверзија 2. И кога веќе се чита нешто, може да се зачини со малку музика. Бендот е Autechre (Се чита „Отек“) и се слуша строго на слушалки пошто звукот многу им шета. Како и моите мисли.
Диверзија 3. Јазикот наш идентитетски.
Не сум многу актуелен/синхрон/тековен. Вести читам во кратките паузи меѓу два мејла што ги проверувам меѓу две дузини исчитани страници и не ми се реагира на фрки веднаш. Ама од Стара до Кинеска нова година ми остана едно... Револтот општонароден (читај: фејсбуковски) на кикс у монтажа на некој панаѓур на таленти каде што некој комшија најавил дека некој дечко ќе пее на нашки, а малиот улетал со комшискиот јазик. Е, добро, си викам, конечно некој да реагира јазички, арно ама... Кој тоа реагираше?
1. Лујѓе што пишуваат македонски на латиница (мнооогу напорно за читање, бе, аман - и да ми е интересно, се откажуем по два пасуса максимум).
2. Просветни дејци и дејки што запнале слеано да ги пишуваат „не може“ и „сè уште“. А и ако стават „е со надреден знак“, знакот е на десно зашто таков имаше у Мац Ц Тајмс на времето.
3. и, може најважно ... не мислат на македонски.
Бидејќи обвинението по третава точка е најтешко, морам да го образложам. Кога одевме на курс по англиски ко мали, наставничките (или „тичер“, по новомакедонски) ни викаа дека најдобро ќе го научиме јазикот ако размислуваме на англиски (уште важи тоа убедување). Да, точно. Има лингвистичка теорија дека јазикот го одредува начинот на размислување, па за да научиш странски јазик, мора да му влезеш во мисловната шема. Јас, ко добро учениче, ги послушав и му влегов на енглескиот у шеснаестерец, партал го направив. Арно ама, после требаше да му влезам на германскиот у истата шема. И... тотална збунка. А треба да бекнам германски, мозоков ми се шалта на англиски, па додека го преведам на испревртената (од моја страна гледано) германска синтакса, живи муки. Тогаш првпат ми стана сумЉиво тоа со размислувањето на друг јазик и, по длабоко промислување, сфатив дека тичерките не ни го кажувале вториот дел од реченицата - дека треба после да се вратиме на размислување на својот мајчин јазик.
Е, сега, тоа со размислувањето на мајчин јазик изгледа дека е проблем. Кој јазик е мајчин? Да дигресирам малку... тоа шалтање на размислите од јазик на јазик користи многу при симултан превод (тоа кога батки и батици од разни земји седат у некоја сала, па има кабини позади и сите имаат слушалки).
ај уште една музика, ако се потроши првата.
...шалтање јазици. И тоа размислување на различни јазици отвора нови хоризонти. Еден од нив е некој вид телепатија (од склопот на нечии зборови можеш да видиш како размислува човекот/човечицата - посебно корисно кога се преведува од англиски преведен од корејски или кинески од Кореец или Кинез што не го завршил баш курсот што му го држел некој тичер таму). А таа дарба, кога читам текстови што би требало да се македонски, ми кажува дека некој не размислува баш македонски, како што е дефиниран.
На пример, користењето повеќе место веќе. За мене „повеќе“ секогаш значело „помногу“, па кога некој ќе каже „Не можам повеќе“, сè нешто чекам што следи по тоа повеќе ... повеќе од што? Додека не сфатам дека лицето всушност мислело „не могу више“ на комшискиот јазик од првиот пасус, што мора да е „повеќе“, нели. Да биде појасно. Скопското „Аман више“, како би звучело ако некој(а) го каже како „Аман повеќе“?
Поентата ми е, ако некој е веќе толку загрижен за јазикот наш идентитетски, најмногу може да придонесе (не да „даде допринос“... допирајќи го носот) така што ќе го пази правописот (којшто е фактички јазичен Устав - додека е овој што е), како и граматиката. А и да се обиде да размислува на македонски. А, за таа цел, треба да се чита добар македонски (тоа се вика изложување на добро срочен јазик). Книги да препорачувам - има за тоа тука кој, ама најлесно е со добро лекторирани весници (тоа се сите дневни весници чие име не почнува на В). Така се следат трендови во јазикот и се поднаучува нешто. Подобро чување на јазикот, здравје.
Отеков? Па, како беше името на бендот што го пуштав? :)
Ограда: текстот е ептен нелекториран од стилски причини.