Предисторија. Престанав да читам книги пред некоја година чисто од заситеност. Ги завршив православните лектири (светоотечка литература и сите популарни наслови во тие кругови, па и преведов неколку - последниот наслов уште чека да ја редактирам лектурата), а после мегацарот Тери Прачет и неговите 30 и кусур книги од „Плочестиот свет" веќе не ми се читаше ништо, арно ама...
Жена ми во своите прошетки по Скопје твенти-фортин (со бројки - 2014) поминала во „Или-или" и Игор А., еден од последните вљубеници во пишаниот збор со ортакот му Ненад, ѝ препорачал неколку наслови. Мене ми налетаа два... „Чиста анархија" на Вуди Ален (случајно и Јана ја читала) и првиот том на „13-oт месец" на Русјаков (кој, како и секој Александар, го викаат со уште неколку имиња). По својот стар обичај, почнав да ги читам во паралел-слалом. Дедо Вуди со неговите њујоршко кафкијански вицеви и Русјак заедно. Се разбира, вториов немаше шанса првиот ден - вовед во роман секогаш губи кога го споредуваш со стенд-ап финти.
Арно ама, дедо Вуди спринтерот изгуби десет-нула уште вториот ден покрај маратонецот Русјак. Кога постепено влегов во приказната на 12-те месеци (треба да се издржат само првите 50 страни), чоече... Таква мешавина на офф-Холивуд (читај Тарантино) и локален колорит немам сретнато. Конечно некој да ја побие „старата" српска поговорка „досадно како македонски роман" (смислена од оние што запнале па ги прочитале лектирите во СФРЈ).
Нормално, ја дрмнав книгата за три дена (со задолжителното одолговлекување при крај оти ми беше жал што нема веќе) и сега го чекам вториот том. Веројатно ќе се изначекам, ама и ова што е издадено плаче да биде серија на Ејч-би-оу. Но во нивните серии крвиштата и сексот немаат некоја „уметничка" функција, додека овде...
Значи, апсолутно „мора да се прочита", со една ограда - не е за чувствителни души, т.е. баш е за нив затоа што катарзата ќе ја врамнотежи маката.
И да ставам во контекст, по романот на годината ви го нудам и мојот албум на годината, Дедо Афекс (или Ејфекс) Близнак ја обележи 20-годишната кариера со Сајро (Cyro). Албумот е сличен со книгата на Белчо, има неверојатна завршница откако ќе се издржат сите перипетии.