Се викам Вуди Ален и Дракула

Иначе, ако некој се секира, решив малку да си го вратам достоинството, да ги ставам на пауза сите тие апликации за визи и да проверам каде сè не бараат сметки од супермаркет за да ти дозволат да ги посетиш. И ќе одам во Минхен. Во Минхен има музеј на BMW, KFC и што е најважно, едно внуче.

На друга, тотално неповрзана тема, ја прочитав „Чиста Анархија" од Вуди Ален и тоа само ми го зацементира впечатокот дека Вуди е една константа на хумор, и морам да искоментирам, без разлика што татко ми може ќе сака да се откаже од мене, дека никој не дава таков безвременски осврт на урбаното живеење. И на човековата глупост. И на човековата тенденција да биде овца.

Вуди Ален е цар.

Во првиот расказ, царот раскажува за феноменот њу ејџ мисла и филозофија и сите тие самопрогласени учители и кампови каде што одите, ве тепаат, чистите под и излегувате со пронајдено себеси. И истакнува колку луѓето се подложни на синдром 'стадо' (во гените ли ни е?), па како масовно одат да се поклонат на рандом новородени, себепронајдени и фискално освестени божици, што до вчера работеле во кафич, но ете, нешто ги удрило во глава и се освестиле за себе и своето постоење. Главниот лик оди во еден таков камп, се среќава со преродената божица и целата поента на расказот се сведува на муабетот, цитирам:

'Со што се занимаваш?' ме праша, покажувајќи недостаток на сезнаење невообичаен за суштествата со таква импресивност.

Книгата е пишурија, да ја прочитате. А јас почнав да размислувам (и мирно да прифаќам) дека може да е во мене проблемот, што не можам да изреагирам на општо прифатени и хвалоспевани работи како добри и да се плашам дека, покрај тие што реално ги бендисуваат, има и такви што упорно се согласуваат затоа што така се бива паметен?

Ништо ново. Ама после Вуди, почнав да ја читам „Се викам Црвено". И се извинувам за хоророт што ќе го доживеат интелектуалците, ама мене ми е досадно. Тоа е еден, како што ќе каже мојата посилна половина, турски кримич, каде што го има секое ќоше на Истанбул, а во ниедно од нив, возбудата што треба да ја предизвика еден трилер. И сега, оставајќи простор дека се работи за вкус и за комплексна жанровска определба, ќе се осмелиме ли да кажеме дека, не мора да значи дека ако е Орхан Памук, дека е ултимејт јако? Писателот сака да го отпечати Истанбул во своето дело и да протне некое име на розата внатре, ама очигледно не е тоа за сечиј вкус.

Од друга страна, постои една книга која што кој и да прашам, ја нема прочитано затоа што Дракула е комерцијален лик, а чувај Боже како интелектуалци да влеземе во мејнстримот, па кога ќе не прашаат што сме читале, да не кажеме нешто што самото по себе ќе не издигне над другите глави. А тоа книга, скроз извадена од концептот на Брам Стокер и Кристофер Ли, и што е најзанимливо, ќор вампир нема во неа. Фикција, поткрепена со историски факти, односно, приказна базирана на вистински настани и збогатена со писателски занает каков што може само глумец да има испечено. Сакам да кажам, писателот, К.К. Хамфриз е глумец во приватен живот, и фасциниран од ликот и делото, ја пишува книгата „Влад – Последна исповед", создава неверојатни дијалози и ликови и ти од една брутална историја на еден несфатен тиранин, одеднаш имаш омилена книга и омилен лик.

Мислам дека треба да одите да си ја купите.

Јас одам да проверам дали новата торба што си ја купив е дозволена во Визер.

Ќе зборев и за Брејкинг бед, ама можеби друг пат, затоа што еден Господ знае колку шанси и дадов на таа серија, ама едноставно, засекогаш ќе ми остане мистерија како успеавте да дојдете до втора сезона, затоа што јас успеав само со бодрење од страна и со муабетот „СТАНУВА БОЉЕ, ЌЕ ВИДИШ".

Јана.

Твитер
nultapozitiv@yahoo.com 

 

10 октомври 2014 - 11:38