Иво Антов - Без Паника

Параноја

Замислете ситуација и запрашајте се како би било малата да ви открие бенигно писмо од кое може самата да си изведе заклучок дека сте некаков силен мафијаш, ако случајно открие фрази на вашиот случајно отворен компјутер во кои се вели: Ќе го запалиме, уништиме, фамилијата ќе му ја сотреме или слично

Децата сакаат да имаат приватност како и секое друго битие. Сеедно колку се мали, и цицањето палец е сериозно приватна работа.

А ние?

Ние родителите сме толку збунети во ова набрзинка изглобализирано општество каде е срамота да се зборува за секс пред децата, а не е срамота родителите да објавуваат полуразголени селфија, каде што им купуваме флаширана вода за, недајбоже не фатат некоја бактерија, а со татковците ни, сме пиеле вода од црево на секој тревник што ќе ни наиде по пат и ништо не ни било.

Целата параноја со следењето започнува кога вашето прекрасно суштество за прв пат ќе се оддалечи од клупата во парк на која сте заседнати со пријателите контемплирајќи за нешто тотално небитно, и во еден момент, сфаќате дека детево го нема. Тоа е најверојатно зад некое дрво или качено на бетонската мечка која и вие со радост сте ја јавале некогаш, чувствувајќи се како главен актер во некоја бајка. Значи, и вашето дете си прави нешто по свое, но тоа кај вас го активира оној аларм кој со време само го надоградувате, несвесни за неговата вистинска улога. Затоа што едно е да се плашиш од непознатото, но сосема друго е плашењето од она што ни е познато и на нас самите.

Првата надоградба на системот за безбедност, настанува првиот пат кога ќе го пуштите надвор од дома, со други деца. Леле мајко, па може да падне ако скокаат некаде, па може да запали нешто или да ги издупчи гумите на колата на комшијата кој ионака го пцуете кога ќе помине покрај вас. Во поново време некои родители им вградуваат и џипиес на децава па после уживаат да ги следат на гугл мапс. И рипаат веднаш кога детето ќе се приближи до подземна гаража, затоа што баш таму се губи сигналот. А најбољите глупости се правеле по подруми и гаражи, нели! Впрочем, вие тоа најдобро го знаете.

Сепак, главната надоградба на семејниот одбрамбено-безбедносен систем настанува кога детево се претвара во антисемејниот елемент, делегатот на партијата на неподносливата леснотија на адолесценцијата наречен: Тинејџер.

Тука веднаш се прави нов апгрејд на веќе сериозно изградениот систем за следење и мониторинг, се доградува мрежата со роднини и нивни пријатели кои имаат продавнички, трафики, пенџерски поглед на фонтана парк или клупи во некое маало. Во најлош случај се инсталираат и софтвери по телефони и таблети, се следи секоја комуникација на непријателот и кога треба и кога не треба.
Општа параноја.

Јас не велам дека не треба да знаете каде ви е и што ви прави детето. Ама тоа лесно може да го дознаете ако едноставно го прашате. И да го прашувате секогаш и пред да оди и кога ќе се врати, и да разговарате со него за неговите маки, инспирации, музиката што ја слуша, сајтовите што ги посетува, другарките кои се проблематични, па и за нивните сексуални афинитети. Затоа што така се гради взаемна доверба и во семејството и пошироко.

Замислете ситуација и запрашајте се како би било да малата ви открие бенигно писмо од кое може самата да си изведе заклучок дека сте некаков силен мафијаш, ако случајно открие фрази на вашиот случајно отворен компјутер во кои се вели: Ќе го запалиме, уништиме, фамилијата ќе му ја сотреме или слично, иако можеби и сите овие фрази (во подобриот за вас случај) да се однесуваат на штетниците што ја нападнале нивата со јачмен на вашиот клиент, а вие мора да му испорачате средство за екстерминација, во светот попознато како Ди Ди Ти или слично (Па уште во шифри напишано, хм хм хм). Шок за една млада глава, па замислете што би било ако случаjно или намерно прочита и некое друго, повеќе инкриминирачко писмо.

Прво ќе се прашувате зошто не ви зборува воопшто, зошто не ве гледа во очи дури и кога и давате пари, за да во еден момент гласно ви соопшти дека повеќе ништо не сака да има со таткото терминатор. Џабе ќе објаснувате и многу време ќе потрошите да и објасните, затоа што на тинејџер не ни можеш да му објасниш ништо, дури и кога самиот ве моли да му објасните. Тие размислуваат на еден поинаков начин и комплетно се влезени во филмот дека сами ги градат сопствените вредности. Ги градат, што значи дека имаат некаква основа. Во тинејџерскиот случај основата сте вие (во секој случај подобро вие отколку улицата), па, размислете малку околу темелите врз кои вашето дете ќе гради. Дали ќе бидат јаки, правилно поставени, класични или модерни, и што е најважно дали ќе истрпат пристојна надоградба.

И, да повторам: Децата имаат право на приватност како и секое друго битие. Особено тинејџерите.

Иво Антов

27 март 2015 - 14:41