Геј Прајд

А вас што ви менува?

А вас што ќе ви сменеше ако сега ви кажам дека кога од работа се враќам дома, наместо маж си имам девојка?

Никогаш не сум сакала (почитувала) луѓе кои се мешаат во туѓите животи, а посебно не ги мирисам оние кои се мешаат во туѓите кревети. Оваа спиела со толку, онаа била со братучед му на комшијата, оваа е можда лезбејка и така во виртуозен круг сите засекирани за тоа која со кого и кој на каков начин.

Отвoрам пред некој ден Кориере дела Сера и додека си го пијам утринското капучино во Бјанка, гледам дека меѓу гламурозните податоци за невработеност и особено за невработеност на млади, подолу со поситни букви стои: "Хомосексуалците имаат 30% помалку можност да најдат работа во фирмите, а грдите жени имаат 10% помалку шанси да се вработат!" Од прилика, ако си педер, лезбејка или ружна, тешко тебе!

Ги ококорувам очите и за момент си мислам дека од некаде ќе ми дојде зајак со часовник. Емили во Земјата на чудата. Не успеав да си ја изгустирам кифлата. Не ми се верува дека е возможно "на запад" да постои нешто слично. Еве ми добра прилика да марширам на следното издание на Геј Прајд во Болоња. Зашто секој во кревет може да си прави што сака. Или не? И тоа нема да го нарави полош работник, полош пријател, полош колега, полош шеф (секогаш подобро хомосексуалец од кисела четириесет годишна жена).

Ете, кога треба да зборам за категории на луѓе кои не ми одат по ќеиф, хомофобите се на топ тен листа. Не разбирам насилство во никој случај, ама насилство зашто некој во кревет не го прави тоа што сакаш ти (или што сметаш дека треба до прави) е апсурдно. Измислија права на животни, на коекакви организации и здруженија, ама не постојат права на хомосексуалци. И иако годинава има Геј Прајд и Болоња е еден од најлибертинските градови, сепак остататокот на Италијава си тапка во место. Освен што е една најназадните земји во поглед на законски права на хомосексуалците, нема никаков закон за хомофобија ниту пак за сексуална дискриминација. Па кога на луѓе има викам дека тука нема ништо толку западно како што си замислуваат, ме праат будала.

"Сакам да ти кажам нешто Ендрју. Кога те едуцираат како мене и поголемиот дел од луѓето во оваа земја, никој не ти зборува за хомосексуалност или како што го нарекувате вие, алтернативен начин на живот. Како дете те учат дека педерите се чудни, дека педерите се смешни, дека се облекуваат како мајките, дека се плашливи, дека се... дека се опасност за децата и дека сакаат само да ти влезат во панталоните. Ова е она што генерално се мисли, ако баш сакаш да ја знаеш вистината." Вака во "Филаделфија" Дензел Вашингтон му објасни на Том Хенкс и вака изгледа стојат работите. Иако се поминати 2 децении, работите стојат вака. Вака се едуцираат децата, за хомосексуалноста не се разговара ни дома на маса, ни со пријателите, ни со браќата и сестрите. Сите се прават будали, никој ништо не приметува, никој не сака на глас да го постави прашањето зашто се плаши од одговорот и се расте во полна тишина и со убедувања за "она што е правилно и она што не е". И понекогаш од оние кои се сметаат поавангардни слушам: "Абе само дома да не ти е". Јас би се плашела за моите деца. Да не станат насилници, манијаци, перверзњаци, силувачи, педофили. За тоа би рекла, дома да не ми е.

Не се грижам за туѓите кревети. И ќе одам да марширам зашто не гледам зашто некој дечко има помалку шанси да се вработи само затоа што си има дечко. И не гледам една добра причина зашто не може да се омажи, ако тоа му се свиѓа. И да шета гушнат по улица без да биде виден како шуга.

Геј Прајд изгледа повеќе ако карневал отколку на марш. Целиот град е маскиран, нашминкан, виножита насекаде, геј парови и трансексуалци, а годинава (за разлика од 2008 кога имаше двеста илјади посетители и цел град вриеше од музика и луѓе) без музика и без хаос за да изразат почит кон жртвите на земјотресот што ја раздрмува Емилија во минативе 20 дена. Марш низ целиот град и голема журка во Парко Норд, цела вечер. Ете, фала и на Болоња што им остава простор секоја година да излезат на улица и да ја потсетат целата Италија колку е примитивна. Фала му на "ЛГБТ" што помисли целата заработка да им ја подари на жртвите од земјотресот. Конечно, и тука некој прави нешто со усул. Нешто што има универзална логика.

Иако немам розева завеса пред очи, се надевам дека еден ден другар ми Давиде ќе може да се ожени со дечко му. На крајот на краиштата и бракот е само папир, само ствар на договор кој во најубавите случаи трае засекогаш. Сепак, суштински е само договор меѓу две лица: маж и жена, жена и жена, маж и маж, маж и трансексуалец, жена и трансексуалец. Што ви е важно на кого како му прија под ќебе? Ако некој има голем проблем со педерите и кога ќе види млад геј пар по улица му доаѓа да земе безбол палка и да ги тепа до смрт, пријателски му препорачувам да си го изгледа уште еднаш "Американска убавина".

Емили, Болоња

emabela@yahoo.com