Во центарот на Милано, сè на исто место: мода, храна и дизајн, седумспратен мега стор искален од некогашното култно миланско кино. Помеѓу тоа, видео бимови, илјада нијанси на сино и виолетово, тум тум музика и висока мода, Коин Ексчелсиор во Галерија дел Корсо 4 е совршен за шопинг на висока нога и за луксузно пазарење кромид од Тропеа и био-макарони од камут. Што фали? Златна виза и малку пазарски муабет.
Не постои нешто што нема: од кафе бар, бистро, супермаркет, златари и нормално чевли за ред карпет. Нема мешање на традиција со иновација, нема никакви траги на човечност. Се е стерилно, совршено, боите ускладени, дури и лажичките за кафе се футуристички. Да почнеме од најдолу. Во подрум, Eat's Store. Голем избор на еногастрономски производи од висока класа. И тука за да му дадат малку англосаксонски лексикон, кој во модата е ептен во мода, храната се дели на: now, рафиниран тејкавеј, fast, кој се однесува на бистрото каде можете да каснете нешто на нога и slow, ресторанот кој периодично ги менува готвачите кои нормално готват во линија со муштериите: крем од патлиџан со рендана зимска диња (првпат слушам за зимска диња), краставица и капесанте (вид школки) кои стојат врз две (две бе!) соленки со маслинки. По некој лист од ружа овде - онде.
"Извини а за јадење што имате?" Ми доаѓа онака спонтано.
Супермаркетот е да те фати срам. Не знам од која прецизна причина ме фати срам, и не знам дали беше срам. Можда беше само совршена непријатност. Заради чувството дека наместо да купиш риба и да налеташ на рибар кој малку подизвалкан мириса на риба, имаш осет дека си во операциона сала. Нема мириси на ништо, бело доле, бело горе. Месарот изгледа како топ модел на Ванити Фер. Пиперките светат како на цртаните филмови, францускиот лук чини 19 евра кило, а производите по рафтовите се за оние кои или многу се разбираат или ништо не разбираат и доволно им е да кошта многу. Био кекс, био чаеви, био нутели (каква туга!) а не фалат ни оние еко-баналности како тоалетна- хартија-спасува-дрва.
Мал корнер посветен на готова храна, која, погодувате чини милион. Суши, салати, варен зеленчук, тофу и сè останато кое главно би го купила онаа ваша позната сексуална фантазија на штикли од воведот.
На приземје, луксузна кафетерија посветена на Милано фешн која се трансформира за да ги задоволи различните потреби за различните дневни фази. Толку многу луѓе кои изгледаат како од списание не сум видела. Имам чувство дека не сум во Милано, туку во сцена на некој филм. Се мотаат штикли кои јас не можам да ги замислам а камо ли да ги носам, колку се високи, разлетани Ерме, Селин, Живенши и Шанел ташни. Дојдени на бранч, cи пијуцкаат црвено вино во огромни чаши, раздрдорени, ги боли уво.
На истиот спрат, првокласна парфимерија, шоп-ин-шоп Тифани енд Ко кој за прв пат во Италија отвора во рамки на некој депармент стор. Француска слаткарница, чоколади и цветен агол. Да не фали нешто?
Првиот спрат e посветен на новитe американски дизајнери кои во последно време си заземаат пристојни места во луксузните бутици ширум Италија: Helmut Lang, Theory, Rag & Bone, Alice and Olivia и на нив слични. Вториот спрат e всушност првиот спрат на бутикот Антонија кој е сигурно маст бутик не само за миланскиот џет сет туку и за целиот европски крем: има и машка и женска гардероба и изборот е запрепастувачки: од Ралф Лорен, Марни, Балмејн, Голден Гус, Дрис ван Нотен, Клое, Изабел Марнт и Масон Мартин Маргела.
Отстапка: Во една од првите станици ви пишував за соработките на Ејџ енд Ем со разни имиња од непристапните, па пошто не верувам дека ќе пишувам пак, користам прилика да им кажам на оние кои ги интересира дека во средината на ноември ќе излезе колекцијата на Масон Мартин Маргела за H&M. Кога го спомнав во набројувањето, ми текна, па така. Си кажав.
Како цреша на шлагот, последниот спрат на Антонија е безобразен: Џими Чу, Маноло Бланик, Кристијан Луботен, Серџо Роси, Џузепе Sаноти. Рај од чевли за сите супер-фешн жени и гламурозни тренд сетерки, а и за сите мажи кои можат да им приуштат вакви фетиши на сопствените жени.
Дали би ви препорачала да го ѕирнете Коин Ексчелсиор? Да.
Мене ми е малку преку глава од чевли и партали зашто со нив се занимавам секојдневно. Ама од аспект мода, вреди вреди вреди да се види. Што се однесува до делот супермаркет тука сум малку за попрости ствари (освен што сигурно, немам толку развиено сетило за вкус за да разберам лук од 19 евра кило). Сакам да одам на пазарче. Па да свртам муабет од типот "Како е комшија? Како работата денес?" Па во месара, па во рибарница, па во пекара по леб. За делот бистро-ресторан сум категорично - не, зашто у душа сум малку сељанка, па толку префинета њу ејџ храна сервирана на огромни чинии ич не ми ги дразни жлездите. Толку од мене за денес. Останете ми весели и се читаме наскоро.
До тогаш, чао и ариведерчи.
Емили, Италија emabela@yahoo.com