Денес нема посебни тертипи, се поклонува по некоја симболична ситница. Јас ја немам мајка ми во близина за да ѝ поклонам. На мајка ми не и се јавив на Прочка. Не и се јавив ни на Осми Март и како најголем кретен на кој не му се битни броевите во календарот, заборавам и некои други датуми. Затоа денес, имам нешто да ѝ кажам. Имам да и кажам сè што ние децата забораваме, не го сметаме за доволно важно или не сметаме дека воопшто треба да биде кажано. Зашто ние децата, земаме сè здраво за готово.
Имам да и кажам колку ми е тешко што не до мене, што не можам да и отидам да утепам едно попладне на кафе и торта кај неа дома. Или да ја викнам на ручек за да види каква домаќинка сум станала. Да види дека правам компири во рерна исти како нејзините и да види дека со сите сили и со сите маки, моето месо не е како нејзиното. А таа, ќе ме утеши. Ќе ми каже дека е до рерната, не до мене.
Што не ми е во близина за да збориме за големи работи или да си размениме рецепти за брз колач. Да се пикнеме во гардероба и да пробуваме стари алишта. Јас да најдам нешто што многу ќе ми се свиѓа. Нешто од бившата. Па таа да ми ги раскаже сите анегдоти поврзани со парталот, а мене да ми биде пријатно да и го слушам гласот. Па после да ни здосади од седење и да прошетаме по кеј. Да и раскажувам за некој проблем или да ја смеам со моите глупости. Па да се вратиме дома и да почнеме да гледаме некој филм. Јас да сакам да ќутам, а таа да ме препрашува све нешто што не стигнала.
Кога ја гледам мајка ми и јас сакам да имам ќерка. За да ги дели сите интимности со мене. За да и бидам најдобра пријателка, како мајка ми мене. Како многу мала, мала и средна, а и до ден денес кога доаѓам дома на посета, сабајлето ме буди за да и раскажам што ми се случило. Да и ги повторам по сто пати сите места кај што сум поминала, сите луѓе кои сум ги сретнала за на крај пак да ме препраша: "А кај рече дека беше?" И се уште е така. Низ годините и ги раскажав сите приказни. За сите љубови, пијанства, задоволства, промашени голови, за сите пријатели и за сите несреќи. И таа со внимание ќе ми каже што мисли, но на крајот ќе ме остави да си ја удрам главата во ѕид. После ќе ми каже дека така требало. Дека животот не бил мед и млеко. Дека имало секакви лингури и многу безобразни луѓе.
Секогаш беше со мене.
Беше со мене кога ја добив правата менструација. Беше со мене кога го споделив мојот прв сексуален однос. Кога се пикнав кај нејзе во спална и и кажав: "Мама, вчера имавме за прв пат секс." Беше со мене кога се карав на сиот глас во рани мугри. Без да отвори уста. Без да каже било што. Беше со мене кога решив да си заминам, а тоа лето, доцна навечер ми кажа само дека не знае како ќе издржи кога ќе си заминам. Дека не може да си замисли да ме нема.
Не знам што и кажав. Не ја утешив.
Беше со мене кога заминав. А за првите години, не збориме никогаш. Јас не ја прашувам, зашто ќе ми се стегне срцето, a кога таа ме прашува, кружам за да не лажам. На заминување, не се вртам назад кога си одам. За да не и ги запаметам очите полни очај. За да ја запаметам млада и весела на денот кога ме пречекува.
И кога се враќам. Кога си доаѓам дома, се обидува да ми надомести денови и месеци. Доручеци, торти, разговори и сон. Најмногу сакам да доаѓам дома во јуни. Куќата мириса на диња, мајка ми зготвила сто јадења и ми ја извадила девојчката постелнина. И мене ќе ми помине уморот. Јас ќе дремам на кауч, нема да мрднам со прст, додека таа ќе ми направи кафе, доручек зашто сум била кожа и коски, ќе ми исцеди сок зашто сум била бледа. Па ќе ми ја наполни кадата и ќе ме гледа додека се бањам, за да не испуштиме некој момент за да бидеме заедно. Кога легнувам навечер да спијам, спијам подобро од секогаш. Единствено тогаш се сеќавам на значењето на зборот леснотија.
Беше со мене кога се породив и кога учев да дојам.
Тука е за да и се жалам за брачни блузови, работни саги и проблеми со син ми. И кога и викам дека не знае колку ми е тешко, ми вика дека знае. Зашто мајките све знаат. Тука е секогаш за арно и за лошо. Кога сум среќна, знам дека таа е посреќна за мојата среќа. Кога не сум, знам дека ја боли. И повеќе од мене самата.
И јас ќе се осетам малечка. Ќе се претворам во истото мало девојче кое неуморно го чека она нејзино "допрва". Ќе останам нема и ќе го чекам животот кој се уште не дошол.
Kaко помали, кога со сестра ми дознавме како се прават деца, се ужасуваме од идејата дека ако нашите не се сретнеле или дека ако не воделе љубов баш таа вечер, ние нема да сме постоеле. И така често си замислувавме какви би можеле да ни бидат браќата или сестрите, да не си бевме ние две. Мама ни ги уништи сите фантазии. Ни кажа дека пак ќе сме биле ние. Можда малку подебели, пониски, повисоки, поплави или малку поинакви, ама секако - ќе сме си биле. За неа немаше друга опција.
Да можев поинаку да и кажам колку ми треба и колку секогаш ќе ми треба, ќе прозборев и некој туѓ јазик, се уште неизмислен. Ако недостасувањето имаше боја, ќе го нацртав. И ништо од ова не ќе е толку големо како празнотијата што ја имам зашто ја немам во близина. Не сум тука за да величам денов, туку само до го искористам за да и кажам фала што е со мене, СЕКОГАШ.
Фала што ми е лек за сите тумори и за сите немири.
И ќе има денови во кои ќе се осетиш најсам. Ќе немаш никој близок. Но и во тие денови знаеш дека некаде постои личност на која ќе и бидеш првата утринска дума и последната помисла пред легнување. Ќе има некој на кој ќе му тежи, сè она што тебе ти тежи. Некој кој ќе те сонува и штити од зли духови и од лоши мисли, некој кој ќе те лулка и ќе те мази и тогаш кога ти ќе мислиш дека времето за тоа ти поминало. Ќе имаш верна сенка, поверна од било куче, од било кој најверен сопружник, поверна од секаква вера, поверна од секакви големи љубови испеани и препеани. Поверна од секое големо ветување. Ќе го имаш најширокото рамо за плачење и најголемата скутина за да си ги бришеш солзите и да си го триеш лицето. Најкревкото месо за да ги зариеш ноктите од болка. Најтоплите раце да ги стегнеш кога си во невоља и кога ќе го згрешиш патот. Ќе ја добиеш најдлабоката прегратка за убавите моменти и најмачната за оние лошите.
Ќе ти го прости и непростивото. Големото срце на мајка ти ќе најде начин да те оправда и кога не си за оправдување. Ќе те брани и кога не си за бранење.
Дебелото непоколебливо срце на мајка ти ќе те чува од сите животни разочарувања. Ќе сака да те лиши од сите животни гадости. Нема да му успее, нормално. Но тоа нема да престане да те штити, сè додека бие.
Сè дотогаш, нема да сме сами.
Емили, Италија